1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ постигна компромис за ембаргото на руската нафта

СН/агенции
31 мај 2022

Европската унија ќе воведе нафтено ембарго против Русија, но со значителни играничувања поради отпорот од Унгарија. И покрај тос, претседателот на Советот на ЕУ говори за максимален притисок врз Русија.

https://p.dw.com/p/4C4Uo
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на ЕУ во Брисел
Унгарскиот премиер Виктор Орбан во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон на самитот на ЕУ во БриселФотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture alliance

Државите членки на ЕУ се договорија за компромисно решение во спорот за планираното ембарго на руската нафта. Повеќе од две третини од испораките на руска нафта во ЕУ би требало да бидат погодени од забраната за увоз, објави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел за време на состанокот на самитот во Брисел во изминатата ноќ.

Белгискиот политичар  во објава на Твитер говори за „максимален притисок врз Русија“ да ја прекине војната против Украина.

Нема повеќе нафта по морски пат

Според дипломатите, компромисот предвидува, на инсистирање на Унгарија, најнапред да биде блокирана само испораката на руска нафта по морски пат. Транспортот преку постоечките нафтоводи ќе продолжи да биде возможен.  Унгарија на тој начин ќе може да продолжи да добива руска нафта по копно преку огромниот нафтовод Дружба.

Снабдување со нафта и гас: Кои земји би можеле да ја заменат Русија?

На тој нафтовод се поврзани и рафинериите во источна Германија, Полска, Словачка и во Чешка. Германија и Полска, меѓутоа, веќе ставија до знаење дека не сакаат да профитираат од исклучоците кои важат за транспортот на руска нафта преку нафтоводот. Со откажувањето на Германија и на Полска, Русија следната година би можела да продаде само една десетина од вообичаеното количество нафта што досега од земјата доаѓа во Европската унија. Така, Русија со тоа треба да биде казнета за војната против Украина, која трае повеќе од три месеци.

Според наводите на европскиот институт Бругел до неодамна членките на ЕУ трошеле околу 450 милиони евра на ден за нафта од Русија.

Дел од пакетот санкции

Унгарија пред компромисот на средбата на претседатели на држави или на влади во ЕУ во Брисел со недели предупредуваше на својата голема зависност од руска нафта и го блокираше воведувањето на ембарго. Тоа беше важно и затоа што тоа е дел од целиот пакет санкции. Тој според нафтеното ембарго предвидува и исклучување на најголемата руска банка Сбербанка, од составот на СВИФТ за меѓународни трансакции на пари. Освен тоа во ЕУ ќе биде забрането емитување на руските државни медиуми.

Претседателот на унгарската влада, Виктор Орбан, го поздрави компромисот околу нафтеното ембарго. „Семејствата можат да ноќва да спијат мирно, ја спречивме идејата од која се дига косата на глава“, порача Орбан во видео порака на Фејсбук. Целосната забрана за увоз на руска нафта за Унгарија би била „неподнослива како атомска бомба“, рече Орбан, додавајќи дека успеал да го спречи тоа.