1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

НАТО и новата Железна завеса

Барбара Везел
1 јули 2022

НАТО се соочува со нова закана, но смета дека е спремен - така гласи пораката од самитот во Мадрид. Земјите-членки ветуваат натамошна поддршка на Украина, сѐ додека трае војната.

https://p.dw.com/p/4DVDb
Spanien | NATO Gipfel in Madrid Joe Biden
Фотографија: Susan Walsh/AP Photo/picture alliance

„Живееме во опасен свет“, рече генералниот секретар на НАТО по дводевниот самит во Мадрид, сумирајќи ја актуелната безбедносна ситуација. Одлуката за масовно  зголемување на трупите на НАТО  забрза интервенција до следното лето, Јенс Столтенберг ја гледа како вистински одговор. 

Постои подготвеност да се заштитат сите држави членки, вклучувајќи ги и Финска и Шведска во периодот на процесот на приклучување. Обете земји на почетокот на идната недела, по повеќедецениска неутралност, би требало и официјално да добијат покана за придружување кон НАТО. 

А на сите членки на  источната граница на Алијансата,  загрижени како балтичките земји, американскиот претседател Џо Бајден уште еднаш им го повтори ветувањето: „Ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО.“

Враќање кон доктрината на Студената војна

„Поради агресивната политика,  Русија повторно претставува закана за Европа  и за НАТО“, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц. Рускиот напад го уништи меѓународниот мировен поредок и ја промени светската политичка ситуација. Од тоа Алијансата изведува заклучоци и по повеќе од една деценија во својот стратегиски концепт повторно оценува дека Русија е најсериозна закана за заедничката иднина. 

Според зборовите на германскиот кацелар, источниот блок на НАТО затоа мора веднаш да биде обезбеден, а Германија ќе помогне во тоа со стационирање на 3.000 војници во Литванија. Шолц најавува подготовка на дивизија од 15.000 војници, со околу 60 авиони и 20 бродови, кои ќе бидат трајно на располагање за операции на НАТО.

Тој сака и воспоставување на регионална поморска команда во Росток, како помош во обезбедувањето на Балтичко Море, а Бундесверот веќе го засилил надзорот над воздушниот простор на источните граници на НАТО.

Шолц очигледно се трудеше да распрсне секаков сомнеж во сериозноста на својот пресврт во одбранбената политика. Воените сили би требало што побрзо да бидат ставени на располагање и да бидат соодветно опремени, со оружје и муниција: „Сѐ би требало да биде подобро“ за расположивите сили да можат веднаш да бидат мобилизирани.

Критиката од  Владимир Путин  дека НАТО во Мадрид „покажува империјалистички амбиции“, германскиот канцелар ја оценува за „прилично смешна“. Самиот Путин „го направи империјализмот дел од својата политика“, тврдејќи дека соседни земји припаѓаат кон Русија.

На прашањето кога би можела да заврши војната, Шолц, исто како и останатите западни лидери, нема јасен одговор: „Никој не може да ѕирне во неговата глава“ и не ги познава неговите советници, но канцеларот сака да го убеди Путин дека „ова со Украина не може да продолжи на овој начин и треба да престане“. Од друга страна, „диктиран мир“ не може да донесе решение, а страшните уништувања во источна Украина од страна на руските сили значат дека „Путин ја уништува и својата иднина.“ 

Поддршка и оружје за Украина сѐ додека трае војната“

„Светот се промени, а со него и НАТО“, објаснува американскиот претседател. На прашањата на новинарите дали сојузниците навистина до крај ќе останат на страната на Украина, Бајден одговори: „Ќе ја поддржуваме сѐ додека трае (војната). Погледајте каков е досегашниот ефект во Русија“, економијата е уназадена за 15 години, земјата не може веќе да ги плаќа долговите, плаќа висока цена. „Остануваме на страната на Украина.“

Бајден најави и продолжување на опсежните испораки на американско оружје на Украина. Во следните неколку дена ќе бидат испратени противвоздушни системи, артилерија, муниција за испорачаните ракетни фрлачи Химарс и друга опрема во вредност од 800 милиони долари. 

САД и натаму остануваат најголем испорачувач, но и Германија, Холандија, Норвешка, Велика Британија, па дури и Франција исто така најавија испораки за Украина. Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека 12 самоодни хаубици Цезар веќе стигнале во Украина, а ќе следат уште шест. Домаќинот на самитот, Шпанија, ја разгледува засега контроверзната испорака на тенкови „Леопард“.

Уште за време на прес-конференцијата на Бајден во Мадрид, на одлуките на самитот на НАТО реагираше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Според него, меѓу Западот и Русија паѓа нова Железна завеса и тој го советува НАТО да „биде внимателен и да не си ги приклешти прстите“. Европа и Вашингтон не сакаат да сфатат кои се руските интереси, истакна Лавров.

Претходно, по повод претстојното  пристапување на Финска и Шведска во НАТО,  рускиот претседател Путин рече: „Ако Финска и Шведска сакаат да се приклучат, тие можат тоа да го направат.“ Но, доколку таму бидат стационирани воени единици и инфраструктура, тогаш тие подрачја би се соочиле со слична закана каква што оттаму е насочена кон Русија. 

Spanien Nato-Gipfel in Madrid - Präsident Recep Tayyip Erdogan
Ердоган со нови барања пред пристапот на Финска и Шведска кон НАТОФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Ердоган се заканува да ги замрси плановите

И поради претстојното  пристапување на Финска и Шведска кон НАТО,  многу учесници самитот во Мадрид го нарекоа „историски“. Веќе првата вечер беше отстранета препреката поставена од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој постигна спогодба со Финска и со Шведска во врска со Курдите кои живеат во тие земји, а кои тој ги обвинува за тероризам.

Компромисот е постигнат откако САД на Турција ѝ ветија борбени авиони Ф16, кои Ердоган одамна ги посакува за својата војска. Американската страна, додуша, негира дека тоа има врска со постигнатиот договор, но очигледно е дека тие две работи временски се поклопуваат. На билатералниот состанок со Ердоган во Мадрид, Бајден вети испорака на авионите во време кога Турција потпишуваше договор со Финска и Шведска.

Но, на конференцијата за новинари на турскиот претседател по самитот, веднаш се урнати соништата за непречен напредок на земјите кандидати. Ердоган бара Финска и Шведска прво да ги исполнат ветувањата и да воведат законски измени. Тој тврди дека Шведска ветила испорачување на 73 лица кои тој ги смета за терористи. Но, во спогодбата потпишана од трите земји, тоа воопшто не се споменува. Владин претставник прво барал испорачување на 33 Курди на Турција, а претседателот Ердоган во меѓувреме изгледа го зголемил тој број.

„Најважно е ветувањата да се почитуваат. Ќе следиме како се спроведува спогодбата и ќе се однесуваме во согласност со тоа“, изјави Ердоган. На крајот и отворено се закани: „Шведска и Финска треба да ги исполнат своите обврски (...) Ако не го направат тоа, нема сомнение дека ратификацијата (за пристапот) ќе ја испратам во парламентот.“

Се чини дека проблемот е вратен онаму кадешто почна. Шведска, меѓутоа, никогаш не вети испорачување на Курди од турските списоци, ниту владата во Стокхолм е правно во можност тоа да го направи. Останува нејасно дали Ердоган во Мадрид само правеше шоу за домашна политика или навистина сака да го блокира приклучувањето на Финска и Шведска. Тогаш ќе помогне само ако Џо Бајден го повика американскиот Конгрес да одобри испорака на борбени авиони Ф16 на Турција. На крајот на краиштата, само „големиот брат“ во Вашингтон може да го реши спорот меѓу НАТО и Анкара.