Столтенберг: НАТО ќе ги зајакне силите за брз одговор
27 јуни 2022Поради руската воена агресија против Украина, НАТО сака да ги зголеми силите за брза реакција на „повеќе од 300.000 војници“. Ова во Брисел го соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој го најавува „најголемото престројување на колективната одбрана и одвраќање од Студената војна“.
Лидерите на воената алијанса предводена од САД ќе се сретнат во Мадрид оваа недела. Столтенберг очекува сојузниците да стават до знаење „дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нашите вредности и меѓународниот поредок заснован на правила“.
Русија во 2010 година сè уште беше третирана како „стратешки партнер“ на западната одбранбена алијанса. „Тоа веќе нема да биде случај во стратешкиот концепт за кој ќе се договориме во Мадрид“, рече Столтенберг.
Нов модел на вооружени сили
НАТО силите за брз одговор (НРФ) сега имаат околу 40.000 војници. Планираното преструктуирање на НРФ е дел од новиот модел на сили за целата територија на Алијансата. Ова обезбедува повеќе сили во состојба на готовност. Покрај тоа, овие трупи, исто така, треба да бидат распоредени во одредени области. Тоа значи, на пример, дека во случај на руски напад, германски трупи би можеле да бидат распоредени за поддршка на литванските војници.
Под национална команда во мир
Во мирно време, трупите треба да бидат под национална команда, но во случај на потреба, врховниот командант на силите на НАТО во Европа може да ги побара и да ја преземе командата.
За овие трупи ќе се прецизираат и одредени временски рокови за оперативна готовност, при што некои единици ќе бидат подготвени за распоредување во рок од најмногу десет дена, други во рок од 30 или 50 дена. Детали за вонредните ситуации ќе бидат дефинирани во новите регионални одбранбени планови, кои треба да бидат готови следната година.