Над 30 жртви во пожарите во Калифорнија
12 ноември 2018Во катастрофалните шумски пожари во Калифорнија животот го загубиле најмалку 31 лица. Само во „Кемп Фајер“ - како што се вика шумскиот пожар во регионот околу малото гратче Парадајс - загинале 29 луѓе, соопштија властите. Тоа значи дека во овој пожар загинале повеќе луѓе отколку во досега најсмртоносниот пожар во историјата на Калифорнија, т.н. „Грифит Парк“-пожар од 1933 година.
„Денес се пронајдени телата на уште шест жртви“, изјави шерифот на округот Бјут, Кори Хониа. „Со тоа бројот на жртвите се зголеми на 29“, додаде тој пред новинарите.
Бројот на загинатите може да се зголемува, со оглед на тоа што голем број луѓе сѐ уште се водат како исчезнати. „Кемп Фајер“ досега опустоши 45.000 хектари земја. Само во Парадајс се изгорени 6.700 објекти. Властите нагласуваат дека досега се изгаснати само 25% од пожарот. Гаснењето ќе трае веројатно уште три недели. Акциите на пожарникарите се отежнати поради силниот ветер.
Во пожарот „Вулси Фајер“, кој беснее јужно од „Кемп Фајер“, загинаа најмалку две лица. Телата се пронајдени во автомобил на влез во приватен имот помеѓу Лос Анџелес и Малибу.
Шумските пожари натераа на евакуација околу 250.000 луѓе. Гувернерот Џери Браун предупреди дека Калифорнија во наредните години постојано ќе се соочува од катастрофи од ваков вид. „Тоа не е нова нормалност, туку нова ненормалност“, оцени Браун.
Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме на Твитер за пожарите ги обвини властите. „Нема друга причина за овие големи, смртоносни и скапи пожари во Калифорнија освен таа дека со шумите се управувало на лош начин“, напиша Трамп. Калифорниските власти пак за пожарите ги обвинуваат промените на климата и укажуваат дека горат и шуми со кои управува американската влада.