Природните катастрофи видени од вселената
Како сателитите ја гледаат Земјата? И што откриваат за она што се случува на планетата? Погледнете ги овие импресивни фотографии на природни катастрофи, видени од вселената.
Ѕверот се разбуди
Без разлика колку долго „спијат“, вулканите секогаш се во лошо расположение кога ќе се разбудат. Меѓународната вселенска станица го снимаше регионот на Курилските острови во Русија, кога еруптираше вулканот Саричев во 2009 година. Дупката меѓу облаците овозможи да биде направена оваа фотографија. Не постои природен феномен кој не може да се набљудува од вселената.
Остана само пустина
Секојдневното набљудување на Земјата од вселената овозможува да се следат и климатските промени. Фотографиите (од лево кон десно) снимени во април 2014, јули 2015 и јануари 2016 нудат јасна слика на постепеното исчезнување на езерото Попо, некогаш второто најголемо езеро во Боливија, делумно и како резултат на климатските промени.
Не си играјте со оган
Секоја година, пожарите ги уништуваат природата и животната средина во многу земји во светот. Пречесто, тие се предизвикани од човекот. Таков беше случајот и со Индонезија, каде фармерите ги палат дождовните шуми за да обезбедат плодна почва. На Борнео и Суматра сателитите открија големи пожари во септември 2015, а облакот од сив чад предизвика и големо загадување на воздухот.
Големата поплава
Во Германија, родителите ги плашат децата дека доколку не јадат - ќе врне. И навистина, во 2013 врнеше толку многу што најголемите реки во централна Европа се излеаја од своите корита. Како што се гледа од оваа фотографија од 2013, Елба се излеа од коритото по големите дождови. Заматените води го прекриваат регионот околу Витенберг во покраината Саксонија Анхалт.
Во окото на ураганот
Силните бури можат да предизвикаат огромни штети. Информациите од вселената овозможуваат прецизно да се следат тие бури: нивната јачина, правецот, брзината... Во регионот на источниот Пацифик, во близина на Мексико, сателитските снимки го утврдија точното движење на тропската бура Сандра која се движеше со 160 километри на час во ноември 2015 година.
Топење на глечерите
Сателитите играат клучна улога во следењето на климатските промени и процесот на топење на ледената обвивка. Од вселената, научниците успеаја да го документираат топењето на повеќе глечери, како и зголемувањето на морското ниво. Оваа фотографија, снимена од Меѓународната вселенска станица, го покажува повлекувањето на глечерот Упсала во аргентинска Патагонија од 2002 до 2013 година.
Запрете со дишење!
Во септември 2015 сателитите ја снимија оваа импресивна фотографија од Блискиот Исток обвиткан од песочна бура, т.н. хабуб, која погоди повеќе населени региони. Она што сателитите го забележуваат во вселената потоа се пренесува на сензорите кои го мерат квалитетот на воздухот на земјата, а тоа ги подобрува и метереолошките прогнози.
„Голата планина“
Со овие зборови НАСА го објасни недостатокот на снег на планината Шаста во Калифорнија, основен извор на вода за целиот регион. Фотографиите кои ја документираат сушата од изминатите години постојано покажуваат кафеави планини кои всушност треба да бидат бели од снег. Паралелно со топењето на мразот, се проширува сушата.