Наградата Сахаров за две Језидки
27 октомври 2016Језидките Надиа Мурад (насловна фотографија) и Ламија Аџи Башар се годинешни добитнички на највисокото признание на ЕУ за човекови права- наградата Сахаров. Ваква одлука денеска во Стразбур донесоа шефовите на пратеничките групи и претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц. Мурад и Башар со оглед на неописливата бруталност на нивните мачители покажаа „неверојатна храброст“, истакна шефот на пратеничката група на Либералите во ЕП, Ги Верхофштад.
Двете Ирачанки успеале да избегаат од заробеништвото на Исламска држава и да пребегаат во Германија. Тие сега се обидуваат да освојат сојузници во борбата против киднапирањето и држењето во сексуално ропство на Језидките од страна на Исламска држава.
Мурад и Башар му припаѓаат на курдското религиозно малцинство Језиди, кое беше и сѐ уште е изложено на големи страдања и измачување на териториите кои ги контролира терористичката милиција во Ирак. Мурад и Башар се залагаат за формирање на меѓународен Трибунал за злосторствата на ИД. Според нивните наводи околу 12 илјади Језиди досега биле жртви на ИД- мажите биле убивани, жените и девојчињата злоставувани како сексуални робинки.
Сахаров наградата, именувана според советскиот дисидент и физичар Андреј Сахаров, се доделува од Европскиот парламент од 1988 година. Добитниците дополнително се охрабруваат за одбрана на човековите права и основните слободи и со парична награда од 50 илјади евра.
Меѓу досегашните добитници се и поранешниот јужно-африкански претседател Нелсон Мандела и лидерот на опозицијата во Мијанмар Аунг Сан Су Кји. Минатата година наградата му припадна на лекарот од Конго, Денис Муквеге кој работи со жртви на групно силување. Во минатата година лауреат беше блогерот Раиф Бадави од Саудиска Арабија кој беше затворен и камшикуван од саудиските власти поради наводна навреда на Исламот.
Наградата Сахаров на Језидките Мурад и башар ќе им биде врачена на 14 декември во Стразбур.