1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сахаров наградата за саудиски блогер

Б. Георгиевски/дпа29 октомври 2015

Затворениот саудиски блогер Раиф Бадави е добитник на највисокото признание на ЕУ за човекови права- наградата Сахаров.

https://p.dw.com/p/1GwTq

Бадави беше затворен и камшикуван од саудиските власти поради наводна навреда на Исламот на интернет-форумот кој го создаде за да поттикне јавна дебата. За Сахаров наградата одлучуваа ЕУ парламентарците. Раиф Бадави, 31 година, беше уапсен пред повеќе од три години поради критикување на саудиската верска полиција и осуден на 10 години затвор како и 1,000 удари со камшик поради навреда на Исламот.

„Нема никој друг кој повеќе ја заслужува наградата од човек кој е затворен поради охрабрување на јавна дебата во земја во која тоа не се толерира“, изјави Сиед Камал, лидер на фракцијата на европските конзервативци и реформисти во Европскиот парламент.

„Наградата треба да испрати силен сигнал до Саудиска Арабија дека слободата на говорот е универзално право“, рече Камал.

Бадави прими 50 удари со камшик во јавност во јануари годинава. Камшикувањето потоа беше суспендирано- официјално од здравствени причини, но и поради меѓународните реакции.

Сахаров наградата, именувана според советскиот дисидент Андреј Сахаров, се доделува од Европскиот парламент од 1988 година. Добитниците дополнително се охрабруваат за одбрана на човековите права и основните слободи и со парична награда од 50 илјади евра.

Меѓу досегашните добитници се и поранешниот јужно-африкански претседател Нелсон Мандела и лидерот на опозицијата во Мијанмар Аунг Сан Су Кји. Минатата година наградата му припадна на лекарот од Конго, Денис Муквеге кој работи со жртви на групно силување.

Меѓу кандидатите годинава беа и убиениот руски опозиционер Борис Немцов и демократската опозицијата во Венецуела.