На овој Илинден да го испишеме новиот Манифест
2 август 2018Нова надеж и очекувања буди денешниот Илинден, 2-ри август, кој Македонија го слави како најважен датум од нејзината историја. Пред 115 години тоа бил ден кој обединува, со „Манифест“ што ги повикува сите заедно, без разлика на вера и припадност, да застанат под исто знаме... Некогашниот повик „Слобода или смрт“ има поинакво значење во денешниот контекст: слобода - во смисла на развој и напредок, или смрт - во смисла на стагнација и незапирлива изолација. И речиси, исто како пред еден век, Македонија е пред нови предизвици и искушенија, но во време кога некогашното „сите заедно, под едно знаме“ доживува невидена ерозија во македонското секојдневие, оптоварено со длабоки политички поделби и поларизации.
Повеќе: Ги исполнивме ли идеалите на Илинден?
Излез од маглата на Итар Пејо
Токму овој аспект, соговорниците на ДВ, го посочуваат како препрека кон реализирање на стратегиските интереси на земјата.
„Откако го славиме овој ден во нашата понова независна историја, тој претставува ден на кој ја потенцираме нашата поделеност“, вели режисерот Александар Поповски.
„Почнувајќи од пионерките на плукањето, од лицето кое ја испушти првата течност од својата уста во правец на претседателот на Републиката, до тажниот обединувачки говор на претходниот премиер, кој цела вечност само нѐ делеше, може да кажеме дека овој празник, главно, раскажува за нашата поделеност. Во изминатите 27 години не паметам ниту една прослава, на која сме биле сите заедно под едно исто знаме. Ми се чини, а можеби само силно посакувам, дека е од огромно значење овој 2-ри август 2018 година. Да биде ден кој ќе го славиме како ден кога сите заедно го испишуваме новиот Манифест, кој ќе ја дефинира нашата иднина и иднината на оваа земја“, вели Поповски.
Неговата желба е тоа да биде ден, кога умот ќе надвладее над емоциите. Ден, кога плукачите ќе бидат заменети со експерти. Кога гласноста ќе биде заменета со разговетно изговорена мисла. Ден, кога Итар Пејо, кој маглата ја прогласува за волна, ќе се смета за симпатична анегдота, а не за мисла водилка.
„Наместо прослава и говори, посакувам сериозен разговор за она што нѐ очекува. Темата е зададена и наместо да урламе и плукаме, треба квалитетно да се објасни кои се предностите и маните на она што нѐ очекува. Се отвора сериозна страница од новата историја и потребно ни е да ги предвидиме и обмислиме сите потези. Пред нас се документи, кои бараат да бидат сериозно разгледани. Ве молам да не користите термини како предавници, патриоти, капитуалција, лажговци и слично. Идентитетот најдобро ќе го одбраниме, ако направиме сѐ да го искористиме она што ни е денес понудено. Не мислам дека влезот во НАТО и ЕУ е бајка во која тече мед и млеко. Не мислам дека промената на името е причина за прослава. Но, мислам дека сѐ друго е самоуништување од кое нема назад. Сѐ друго е инает на мало дете кое не разбира дека е нешто за негово добро. Дека сѐ друго е скок во волната на Итар Пејо (знаеме како завршиле Мариовците, кои поверувале во тоа). Сѐ друго е разликата помеѓу Слобода и Смрт. Сега треба сите заедно навистина да застанеме под исто знаме. И да го испишеме вистинскиот Манифест, не театарскиот. Манифест кој ќе ја дефинира земјата која станува дел од големата слика. Честит Илинден!“, порачува Поповски.
Повеќе: Кон подобро општество
Запад или гниење во изолација?
Големи очекувања има и Стево Пендаровски, националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО. Пред една недела тој ја предводеше работна група составена од експерти од повеќе ресори, со чии активности и официјално започнаа пристапните разговори за членство во НАТО. Денес потсетува дека ДНК на современа Македонија е составена од три историски одлуки, и четвртата која треба да го заокружи нејзиниот меѓународен легитимитет.
„Со Прохор Пчински во 1944 и референдумот за независност во 1991 година, Македонците за првпат во својата историја формираа своја држава. Со Рамковниот договор во 2001 година државата го призна ноторниот факт дека не е држава само на Македонците, а на претстојниот референдум за договорот за името и влезот во НАТО и ЕУ, Македонија треба дефинитивно да се позиционира како дел од западната цивилизација, и преку прифаќање на фактот дека се протега на еден дел од географска Македонија, де факто, да постигне историско помирување со своите соседи по поделбата во 1913 година“, укажува Пендаровски.
Смета дека во сите изминати години политичката реторика се менувала, но останало како константа одбивањето на дел од политичките лидери да се соочат со внатрешната реалност и со поширокиот надворешнополитички контекст.
„Тие во 1991 година, наместо референдум за независност, предлагаа унилатерална декларација за одвојување од Југославија со сѐ уште присутна ЈНА на наша територија, а во 2001 заговараа општа мобилизација и воена, а не политичка разрешница на кризата. Денес, истата политичка структура референдумот за Договорот од Преспа и влезот во НАТО и ЕУ, не го користи за легитимно институционално оспорување на документот, туку како инструмент за амнестирање на нивното предходно раководство, на истите оние кои ја заробија државата и ја доведоа во потчинета положба не пред Грција, туку пред сите релевантни меѓународни фактори“, оценува Пендаровски.
Во однос на претстојната историска раскрсница, вели дека е умерен оптимист.
„Во ретроспектива, мнозинство од граѓаните секогаш ги поддржувале реалните проекции на своите раководства, кои знаеле да ја одберат стратегиската насока за државата. Така било и во време на старата дилема: Солун или Трст, така ќе биде и утре во однос на модерната дилема: западот или гниење во изолација“, посочува националниот координатор за НАТО.
Најважни се консензусот и помирувањето
Четвртиот Илинден, сонот за успешна и интегрирана Македонија во ЕУ и НАТО, никогаш не бил поблизу до реализација, како што е тоа денес. Но, патот до тие цели е послан со внатрешни несогласувања.
„Најважно е на политичко ниво да се постигне консензус за националните прашања кои ги тангираат сите граѓани на Република Македонија“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.
„Без разлика за кое прашање станува збор, неопходен е консензус. Во спротивно, довербата во институциите ќе се намалува правопропорционално со недостигот на политичка волја кај партиите и органите на власт. Генерално, проблемот е во тоа што секоја партија на власт заборава како е да се биде опозиција, а истовремено, сите промени кои треба да се обезбедат - се прават кога си на власт. Тогаш треба да изнајдеш сили, да промовираш правила на однесување кои ќе обезбедат доверба и консензус. Ако партиите кои сега се непријатели наместо ривали, сфатат дека секоја власт е минлива, тоа може да доведе до помирување. Само ако на највисоко ниво се надминат тензиите што доминираа во изминатите 20 години, тогаш сите ќе можат да бидат достојни наследници и на првиот, и на вториот, и на третиот Илинден“, заклучува Божиновски.