1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аманетот од Илинден се‘ поголем, илинденци се‘ помалку!

2 август 2016

Комфорот во политичките фотелји ја затапи острицата за борба за државните цели, а актуелната криза го потврди лажниот политички однос кон илинденските идеали кои денеска се слават, оценуваат соговорниците на Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1Ja6P
Фотографија: MIA

Двата Илиндена - 112 годишнината од Илинденското востание и 71-година од АСНОМ, денеска се одбележуваат во екот на најтешката политичка криза што Македонија ја доживува по нејзиниот трет Илинден - осамостојувањето на земјата во 1991 година. Иако илинденските стремежи се формално достигнати, идеалите за суштинска слобода и силна просперитетна држава се длабоко разнишани од лошите практики на политиката, од „црни понеделници“, од нивните последици, од внатрешни поделби во општеството и растечки меѓупартиски преметки.

Поради овие причини, кај борците кои пред седум децении се изборија за македонска државност, но не само кај нив, постои уверување дека денес го живееме македонскиот апсурд: аманетот од Илинден е се поголем, а илинденци се помалку, во смисла на искрени борци за слобода, демократија, развој. Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борците е уверен дека заради актуелните состојби на Македонија неизбежно и' претстои нов Илинден.

„Со АСНОМ се оствари очекувањето на Димо Хаџи Димов, искажано на одбележувањето на 20-годишнината на Илинденското востание (1923) дека по крвавиот прв Илинден, Македонија ќе доживее и втор, победоносен Илинден. Осамостојувањето на Македонија во 1991 го прогласуваат како трет Илинден, а други гледаат и четврт Илинден со приемот во ЕУ и НАТО. Не знам со кој реден број ќе го одбележиме тој нов Илинден. Но знам дека на Македонија тој неизбежно и' претстои. Тој ќе дојде кога ќе завладеат подемократски односи во општеството, кога ќе ја нема партиската исклучивост со инсистирање на безусловна лојалност, кога ќе продејствуваат слободни институции, на кои правдата и законот ќе им бидат над партиските определби и интереси, кога ќе се почувствува слободен дух во сите сфери на животот. Тоа е неизбежниот пат за среќно општество“, вели Стаматоски.

Mazedonien Nationalfeiertag - Ilinden
Фотографија: MIA

Ова ли е „светлата иднина“?

Сомнежот во искрените заложби на партиските елити за просперитетна држава денес драматично ја намалува реката народ, која до пред една деценија за празникот масовно и еуфорично ги полнеше ливадите во Пелинце и Мечкин Камен. Зошто илинденскиот жар се послабо тлее? Каде се изгубија идеалите? Што ги разликува денешните борци за слобода и своја држава од оние пред 112 или 71 година? Дали комфорот во политичките фотелји, личните интереси и битка за власт ја затапија острицата за борба за државните цели и потреби?

Ова се прашањата на кои политичарите не сакаат да одговараат. Се држат до своите напишани празнични говори, речиси исти со оние од претходните години, богати со фрази, осиромашени од назнаки за реална стратегија и акција.

Владимир Мартиновски, писател и вонреден професор по книжевност на УКИМ, оценува дека некогашните јасни илинденски стандарди денеска се анестезирани токму од политиката.

„Повикувајќи на наднационален бунт против обесправеноста, востаничкиот аманет од Крушевскиот манифест е прецизен („за право, за слобода и за чоечки живот“, „за афтономна Македонија!“). Двата Илиндена имаат поставено јасни и недвосмислени стандарди: еднакви права и слободи во слободна Македонија. Двојниот илинденец Панко Брашнаров, во говорот на првото заседание на АСНОМ, го слави создавањето на „нова, светла и слободна македонска држава“. Но чествувајќи го Илинден, денешните граѓани сепак се соочуваат со предизвикот да се совладаат опасните стапици на авторитарните облици на владеење. Ако комитите и партизаните гинеле за слобода, зарем денес би требало да се помируваме со 'делумна' слобода на медиумите, селективна правда, дискриминација, корупција, насилство врз новинари или загрозување на приватноста во комуникацијата? Белки востаниците не се жртвувале за земја која повеќето млади луѓе планираат (кога-тогаш) да ја напуштат? Земја во која се става под прашање владеењето на правото и слободата на изразувањето. Земја во која е потребно однадвор да ѝ се кажува да си го почитува сопствениот Устав. Земја во која луѓето ги делат на 'ваши' и 'наши'. И покрај аманетот за некомпромисноста на слоганот 'слобода или смрт', и покрај идеалот 'ново сонце на слободата', засведочен во химната, денес македонските граѓани се претворија во уплашени пливачи во маглите на подаништво, клиентелизaм и конформизaм, наметнат од партиите, кои, од истите магли и од ситните интереси не ги гледаат и не ги бранат државните интереси. Затоа, илинденските аманети денес стануваат сѐ поголеми, а потребата од илинденска одлучност, храброст и сплотеност - насушна“, констатира Мартиновски.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Таблоидизација на делувањето

Празнување заради празнување, незадоволство, апатија и неверување дека нешто може да се промени. Вака граѓаните денес го доживуваат политичкиот Илинден, па се повеќе „приврзаници“ добива црковниот.

„Ништо не сме направиле ако некогашните војводи и борци за скапи суми ги седнеме на бронзени коњи, а политичарите во најскапи „мерцедеси“. Нам државата и стандардите треба да ни бидат на највисок пиедестал“, е една од честите претпразнични критики. Досега нема видливи докази дека забелешката допира до вистинската адреса.

Нашите политичари одамна имаат изгубено допир со идеалите или националните цели, и најголем дел од својот капацитет упорно трошат на сопствена промоција, вели во овој контест, комуникологот Петар Арсовски.

„Секое општество кое има очајна сегашност бара излез или во глорифицирање на минатото или во продавање на фантастични митови за иднината. Ние не сме исклучок од овој феномен: соочени со релативно безизлезна реалност, нашите елити одбираат да ни проектираат национални легенди за 'славната и вековна македонска борба'. Да беше ефикасна, борбата немаше да биде вековна, туку досега ќе победевме. Прагматизмот и дневните политички потреби кај нашите политичари се прва и основна цел. Се друго е подредено на политичкиот маркетинг. Ние создадовме популистичко општество: пинг -понг политика, 'рече - истакна' политичари и новинарство, и реално атавирање на политичката еманципација на сопствениот електорат. Oттаму, не треба да бидеме зачудени дека таквата таблоидизација на политичкото делување се пренесува и на славењето државни празници. Наместо тие да бидат прилика за рефлексија до каде сме стигнале со нашата 'борба' тие сега претставуваат шоу-сцена за сопствена промоција. Нација која на незавршена работа создава помпезни прослави, работата најверојатно никогаш нема ни да ја заврши“, констатира Арсовски.

Поразлично нема да биде ни денес. Празничната иконографија со години е иста: политички говори, народни песни и ора, отворени или во меѓуредови испратени пораки до опонентите, ветувања за нови проекти и историски успеси. И сцената е иста, само што говорниците секоја година ротираат по котите на еден ист триаголник: Крушево - Пелинце - Скопје. По долгогодишно тапкање во место, граѓаните се надеваат дека тој нема да се претвори во „бермудски“.