1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Грција и‘ треба помош

Павлос Зафиропулос/Ж.А.27 декември 2015

Само што го избегна државниот банкрот, Грција оваа година остана во фокусот и поради бегалската криза. Многумина мислеа дека во зима ќе доаѓаат помалку бегалци, но тоа се покажа како заблуда.

https://p.dw.com/p/1HUGN
Фотографија: Pavlos Zafiropoulos

Изгледаше како бескрајна река, без намера да запре - илјадници гумени чамци од Турција доаѓаа преку морето во Грција. Но, во средината на ноември одеднаш запре. „Не знаевме на што се должи тоа“, вели еден соработник на грчкото Министерство за внатрешни работи во разговор за Дојче веле. Дали Турција одеднаш започна со построг однос кон шверцерските банди? Дали грубата реторика на некои политичари во ЕУ ги одврати бегалците? Или причината е времето? „Не, дури подоцна ја откривме причината: гумените чамци во тој период биле целосно распродадени“, објаснува службеникот.

Во октомври на бегство преку Средозменото Море кон Грција се решаваа преку 10.000 луѓе секој ден, апсолутен рекорден број. Без оглед што поради наближувачката зима бројките малку опаднаа, бегалската криза останува со историски размери. „Кога времето е лошо, шверцерите на бегалците им даваат рабат“, вели Даниел Есдрас, раководител на канцеларијата на Меѓународната организација за миграција во Грција. „Тој бизнис е како и секој друг. За оние кои за обични денови немаат доволно пари за премин преку морето, тоа е единствената шанса да обезбедат место во некој чамец“, истакнува Есдрас. Затоа, не станува збор за запирање на бегалскиот бран.

Во споредба со 10.000 во октомври, во декември дневно стигнуваат 3300 бегалци. За споредба, во јули беа - 1700. Токму на 21 декември, официјалниот почеток на зимата, беше објавено дека 2015 година е прва година во која во Европа стигнале над еден милион бегалци. Најголем дел од нив поминале преку Грција, околу 800.000. При бегството загинале најмалку 3695 лица.

Многу брборење, малку иницијативност

Со оглед на големината на бројките, напорите на ЕУ се чинат премали. Пример за тоа е квотата за распределба, според која во идните две години низ земјите-членки треба да бидат разместени 160.000 баратели на азил. Освен тоа, на 17 декември Грција и Европската служба за заштита на границите, Фронтекс, договорија зголемен број службеници како поддршка на грчките служби при регистрацијата на бегалците. Договореното треба да стартува на крајот на месецот. Фронтекс им помага на Грците и во контролата над островите.

Освен тоа, челниците на ЕУ се согласија и за основање спорна „гранична полиција“, која би интервенирала дури и против желбата на одделни земји-членки. Стратегија на заташкување, велат критичарите, која треба да ги смири оние кои најрадо комплетно би ги затвориле грчките граници. Настрана од добрите намери: како би постапила оваа гранична полиција ако наиде на гумен чамец полн бегалци, какви се воопшто нејзините опции? „Би ги потопила чамците?“, прашува Даниел Есдрас.

Flüchtlingsnot in Athen Griechenland
Бегалци во центарот на АтинаФотографија: DW/P.Zafiropoulos

Грција е во вонредна состојба

Грчката администрација, и онака хронично недоволно финансирана, тешко се справува со ситуацијата. Бегалците на кои им се дозволува да го продолжат патот во правец на север, кон Македонија, прво се носат во Атина, каде остануваат одредено време, што се гледаше на плоштадот Викторија во центарот на градот. Тој летоска стана собирно место за бегалците. Откако полицијата постојано ги растеруваше, а бегалците еден период и целосно ги снема оттаму, сега повторно можат да се видат како спијат на отворено. Овојпат станува збор за Мароканци и Алжирци. И покрај затворањето на границите долж Балканската рута, тие се уверени дека одовде можат да стигнат до северна Европа. Амин има 22 години и е апсолвент на правен факултет во Мароко. Тој всушност сакал да стане полицаец, но во татковината тоа не му било дозволено, зашто е тетовиран. „Сакам да се пробијам низ македонските шуми. Навистина, опасен потфат, но јас во Мароко сум веќе мртов. Немам никаков избор“, уверува тој.

Кај други пак веќе владее резигнација. Во ходниците на Меѓународната канцеларија за миграција во Атина седат многубројни млади мажи, тие чекаат на документи за доброволно враќање во земјите на потекло. „Програмата за враќање истече на 30 јуни, нова нема“, вели Есдрас. Тоа уште повеќе ја лоши проблематиката на „мешана миграција“, тврди Есдрас. Мигрантите кои овде се собираат доаѓаат од се‘ поразлични држави. За волја на вистината, ЕУ испрати одредена итна помош за Грција да може да се справи со бегалската криза. Но, нова програма за враќање очигледно не е на листата на итна интервенција. „Полека си заличувам на расипана грамофонска плоча. Повторувам и повторувам дека мораме да дејствуваме проактивно, а не отпосле“, вели Есдрас.

Griechenland Passkontrolle Grenze Flüchtlinge
Многумина се враќани од македонско - грчката граница назад во ГрцијаФотографија: picture-alliance/dpa/N. Giakoumidis

Грчка недоверба

Зад Грција останува драматично лето. Државата одвај се спаси од банкрот. Тоа што ЕУ во бегалската криза на Грција и‘ помага само со половина срце, за многумина Грци е натамошен знак дека во клучни моменти во ЕУ поважни се краткорочните национални интереси отколку хуманоста и солидарноста.

Според европскиот план, во иднина сириските бегалци би требало да бидат носени директно од Турција кон Централна Европа, по претходно регистрирање. Но, кога ваквата намера ќе почне да се реализира, сосем е неизвесно. Затоа, и преку зимата од Турција во Грција ќе доаѓаат гумени чамци. А шверцерите му нудат опасно место во нив на секој кој е подготвен да плати за него.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема