1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шенген-зоната без Грција?

З. Јордановски/нцц/зц4 декември 2015

Незадоволство во ЕУ од односот на Грција кон бегалците. Ситуацијата на границата кон Македонија е хаотична. Весниците на германски јазик пишуваат за можно исфрлање на Грција од Шенген-зоната.

https://p.dw.com/p/1HHW3
Фотографија: Reuters/A. Avramidis

„На грчко-македонската граница во меѓувреме состојбата е толку напната, што официјалните хуманитарни организации престанаа да ги згрижуваат бегалците“, пишува „Зиддојче Цајтунг“. Протестот на оние бегалци, на кои Македонија не им дозволува влез во земјата, оти станувало збор за економски емигранти, ескалира. „Дојде до судири со македонската гранична полиција, со грчката полиција и меѓу различните групи, кои на границата се поделени на ’бегалци‘ и ’мигранти‘. (...) Според сведоци, грчката полиција употреби гас-солзавец и бибер-спреј. Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас им префрли на соседите од Балканот дека со граничните бариери ја ставаат Грција под притисок. (...) Македонија вели дека со новата гранична политика реагира на договорот меѓу земјите на ЕУ Словенија и Хрватска. И Србија (...) се придржува кон тој договор. Од Брисел нема официјална изјава за издвојувањето (на бегалците - н.з.) врз основа на националноста долж балканската рута. Предупредувањето на УНХЦР дека одбивањето бегалци само врз основа на нивното државјанство значи кршење на Женевската конвенција за бегалците остана во голема мера неслушнато“, пишува, покрај другото, „Зиддојче Цајтунг“.

Критики за Грција и закани за „Шегзит“

Истиот весник во друг напис известува за незадоволството на ЕУ-партнерите оти Атина им дозволува на бегалците непречено да минуваат преку границите на Унијата. „Во ЕУ расте притисокот врз Грција за подобро да ги исполнува обврските во бегалската криза. Од повеќе страни владата во Атина е притисната конечно да прифати помош од ЕУ за заштита на границите и за регистрација на бегалците. (...) ЕУ конкретно им префрлува на Грците дека не ангажираат припадници на агенцијата за заштита на границите Фронтекс, дека не ја користат хуманитарната помош и не ги земале апаратите за регистрација на отпечатоци од прстите. (...) Зад кулисите се вели дека Атина нема искрен интерес за регистрација на бегалците според утврдените правила и порадо ги пушта луѓето да заминат понатаму.“ Предлогот за повторно воведување гранични контроли за период до две години, што е предвидено „кога некоја држава и покрај помошта од ЕУ не успева да ги обезбеди надворешните граници на Шенген“, според „Зиддојче Цајтунг“, „се сведува на суспендирање на Грција од Шенген, на некој Шегзит (кованица според примерот на ’грекзит‘ - за исфрлање на Грција од еврозоната - н.з.). (...) Заканата од Брисел се оценува пред се’ како силен политички сигнал до Атина“.

„Поделби во Европа“

„Ное Цирхер Цајтунг“ во поднасловот извлекува дека „во ЕУ се навестуваат конфликти околу плановите за преселби и ново населување на бегалци. Источноевропските држави со правни и политички чекори ја саботираат бегалската политика на ЕУ. Се’ поголеми се и лутината во однос на Грција, како и притисокот врз Шенгенскиот систем“. Во врска со последното, во текстот се вели: „Државите кои го носат главниот товар на бегалската криза и’ се лутат и на Грција. Поставувањето на хотспотови (големи собирни кампови - н.з.) за регистрација на бегалци многу бавно напредува, Атина се колеба околу користењето на европската помош од страв дека на крајот бегалците ќе останат во Грција. Дури откако во медиумите гласно беше најавена претераната закана за исклучување на Грција од ’Шенген‘, Атина побара нова помош за итни случаи. Тоа нема да ги спречи министрите за внатрешни работи да ја испитаат можноста за воведување контроли на одредени внатрешни граници во траење од две години, предвидена со кодексот на Шенген како итна мерка, со образложение дека во Грција има големи недостатоци во заштитата на надворешните граници (на ЕУ - н.з.)“, пишува „Ное Цирхер Цајтунг“.