1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Измамени војници во армијата на Путин

Дојче веле
6 март 2022

„Го измамија мојот син“, вели мајката на младиот руски војник Павел Абрамов. До последен момент не знаел дека ќе се бори во Украина. Слична е приказната и на Евгениј Ростовцев.

https://p.dw.com/p/482b2
Ukraine | Russischer Soldat
Фотографија: Russian Defense Ministry Press Service via AP/picture alliance

Со одлуката да започне војна против Украина за да ги спаси Украинците од „нацификација“, рускиот претседател Владимир Путин изненади многумина - а меѓу нив и сопствените војници. Ова станува јасно од сведочењето на руските војници заробени од Украина и од информациите на рускиот независен медиум Новаја Газета и други медиуми. Барем пониските чинови не знаеле ништо до последен момент. 

„Го измамија мојот син“ 

Во обемна статија „Новаја газета“ ја раскажува приказната за двајца млади руски војници. Новинарите разговараа со мајката на 23-годишниот војник Павел Абрамов, кој учествуваше на воените вежби што се одржуваат во Белорусија. Всушност, тој немал желба да се приклучи на руската армија. Завршил универзитет и сакал да стане професор по англиски и француски јазик. Но, по студиите, морал да го заврши воениот рок, кој е задолжителен во Русија. 

Веднаш бил повикан - иако имал рамни стапала и не бил во добра здравствена состојба. Во касарната бил принуден да потпише договор со војската. И така станал професионален војник, пишува Новаја Газета. 

За време на воените вежби во Белорусија, Павел секојдневно се јавувал на мајка си. На 16 февруари ѝ кажал дека маневрите се завршени - четири дена порано од планираното. Сепак, Абрамов никогаш не се врати дома. Тој продолжил да ѝ се јавува и да и кажува како спиеле во воени коли, а потоа во шатори, како биле продолжени маневрите. Синот споделил и дека стигнале уште поблиску до границата со Украина. Неговата мајка го смирувала, велејќи му дека западниот печат лаже кога вели дека нападот е неизбежен. Вечерта на 23 февруари, неколку часа пред Путин да објави војна, Абрамов повторно се јавил: и рекол на мајка си дека нему и на другите војници им било кажано дека нелегално ја преминале границата со Белорусија и сега се „казнен баталјон“ и треба да ги нападнат Украинците. 

Десетици мртви и повредени цивили во руски ракетен напад врз Харков

„Ми го измамија синот“ – постојано ги повторува овие зборови мајката на Павел Аврамов. Последен пат и се јавил во четвртокот наутро, кога се слушале истрели и бучава од авион. Оттогаш мајката не знае ништо повеќе. Таа за рускиот весник изјавила дека се обратила до обвинителството и војската. 

„Евгениј не сакаше да служи војска“-  

Новаја газета ја раскажува и приказната за уште еден млад руски војник, Евгениј Ростовцев. Неговата мајка починала кога тој бил млад. Затоа бабата на Евгениј, која го воспитала, се обратила до редакцијата. 

„Колку што знам, тој бил принуден да потпише договор со војската за време на воениот рок“, изјавила бабата на новинарите. „Доби покана во касарната во октомври 2020 година“, рече бабата. Внукот тогаш имал 18 години. Завршил техничко училиште, каде што се квалификувал за возач. „Но, тој не сакаше да служи војска. Тоа го направи само за пари, бидејќи му ветиле многу добра плата. Сепак, ова се покажа како лага - тој доби многу помалку од ветеното“. 

На почетокот на јануари, Евгениј се јавил на својата баба и ѝ кажал дека го испраќаат да се школува во Белорусија. Тој и се јавувал еднаш на два-три дена. Последен пат го слушнала неговиот глас на 22 февруари. Таа не знае ништо повеќе за него. Каде е, дали е жив, дали е ранет - прашања на кои таа се надева дека ќе најде одговор.

Украина отвори веб-страница со информации за загинати руски војници во Украина. Сепак, Москва го блокира пристапот до оваа веб-страница. Сепак, профилот на страницата сè уште постои во Телеграм. Таму веднаш наидувате на фотографии од паднати војници - без лице, без глава, на снег, пишува германски ФАЦ. 

Од Киев објавија за повеќе од 5.800 убиени руски војници само до средата, 2 март. Првите официјални податоци од Русија беа објавени на 3 март - една недела по избувнувањето на војната. Тие гласат: 498 загинати, 1.597 ранети, објави веб-страницата на германската телевизија АРД. Разликата меѓу украинските и руските податоци е огромна. 

Валентина Мелникова, од Комитетот на мајки на руските војници, изјави за ФАЦ дека сега „големата задача е да се напишат официјални писма до претседателот и до военото обвинителство“ за да се добие поголема гласност. Таа смета дека Русија мора да прогласи примирје, да престане со бомбардирањето и гранатирањето барем на кратко, за да може да се разменуваат затворениците и телата на загинатите. Тоа го предвидува военото право, чија конвенција ја потпиша и Русија. 

Лекување во скривници во Киев

ФАЦ, исто така, забележува дека третманот на војниците кои се борат за Путин во Украина е во спротивност со идејата за ефикасна армија на патриоти кои ја поддржуваат Русија и обратно. Размерите на цензурата само ги потврдуваат стравувањата на руското раководство дека вистината за „специјалната операција“ може да излезе на виделина: водечките независни медиуми како радиото „Ехо Москва“ и ТВ „Дожд“ се стопирани. Освен тоа, од почетокот на војната секојдневно се одржуваат илјадници антивоени демонстрации во руските градови, а уапсениот опозициски лидер Алексеј Навални повика на протести. 

Оставките во Русија се доживуваат како предавство

Во исто време, знаците на нервоза кај руската елита растат. Луѓе блиски до владејачката економија и финансии, кои до неодамна цврсто стоеја зад Путин и тајните служби, за независните новинари изјавија дека, спротивно на официјалните тврдења, немало подготовка за санкциите. Се очекуваа само ограничени санкции - во случај Путин да ги признае самопрогласените републики, посочува ФАЦ.

Новинарката Фарида Рустамова пишува дека со исклучок на тесен круг луѓе блиски до рускиот претседател, никој не очекувал да избие војна. Еден „добар познаник на Путин“ рече дека случајот на рускиот претседател е „параноичен и апсурден“. Дојде до „деформација“ затоа што Путин е предолго на власт. Тој им поверува на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот дека Киев брзо ќе падне. И никој не се осмелува да поднесе оставка. Тие се доживуваат како предавство, вели истиот извор.