1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските власти ги затвораат двата последни независни медиуми

дпа
3 март 2022

Оркестриран притисок од руските власти врз медиумите за информациите коишто се објавуваат за војната со Украина. „Неофицијалното“ известување за руската инвазија на Украина би можело да стане казниво до 15 години затвор

https://p.dw.com/p/47yM1
Präsident Putin im TV-Interview
Фотографија: Alexander Nemenov/AFP/Getty Images

Двa од најважните независни медиуми во Русија беа затворени во четвртокот, поради оркестриран притисок од страна на властите кои сакаат да бидат сигурни дека верзијата на Кремљ за настаните во Украина е единствената што ќе допре до руската јавност.

Популарната радио станица Ехо Москва беше исклучена во вторникот, но два дена потоа ја објави својата одлука за затворање, додека независниот онлајн телевизиски канал Дожд „привремено“ се исклучи во четврток попладне, со емотивен пренос во кој презентерите и репортерите се простија од гледачите. 

Ехо Москва беше критична во известувањето за руската инвазија на Украина, но со години нејзината уредувачка независност го направи ова радио важен извор на информирање на Русите, кои немаа доверба во медиумите кои се под контрола на државата. 

„Одборот на директори одлучи да ги затвори и радио станицата и нејзината веб-страница“, рече главниот уредник Алексеј Венедиктов. 

На радиодифузерот честопати му се заканувале со затворање за време на неговото тридецениско постоење. Соопштението доаѓа два дена откако рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор го ограничи пристапот до веб-страницата на радиото на барање на обвинителството. 

Ќе се вратат ли во етерот? 

Дожд во меѓувреме донесе одлука привремено да ја прекине работата, вели шефицата на каналот Наталија Синдеева, откако Кремљ продолжи со репресија врз критичките медиуми.

„Ни треба сила за да земеме здив и да разбереме како да продолжиме со работа. Се надеваме дека ќе се вратиме во етерот и ќе продолжиме со нашата работа“, рече Синдеева. 

Главниот уредник на Дожд, Тихон Ѕиадко во средата објави дека тој и неколку поранешни членови на редакцијата на Дожд ја напуштиле земјата. Руското државно обвинителство минатата недела го обвини Дожд за ширење лажни вести за војната во Украина и поттикнување екстремизам. Тогаш беа блокирани каналите на социјалните мрежи на медиумот. Минатата недела руските власти им забранија на медиумите да користат термини како „напад“, „инвазија“ и „објавување војна“ во нивното известување за војната во Украина, која ја започна претседателот Владимир Путин пред една недела. 

Ukraine Borodjanka | Zerstörtes Wohngebäude
Сите медиуми во Русија мораат да ја следат официјалната позиција дека во Украина се води „специјална операција“ од страна на мировници. фото: Урнат станбен комплекс од руско бомбардирање во БородјанкаФотографија: Maksim Levin/REUTERS

Тие, исто така, забранија ширење на „невистинити информации за гранатирање на украински градови и загинати цивили во Украина поради акции на руската армија“, наведувајќи дека медиумите кои нема да се придржуваат до правилата ќе бидат забранети.

Роскомнадзор ги обвини независните медиуми, вклучително и весникот Новаја Газета, раководен од лауреатот на Нобеловата награда за мир, Дмитриј Муратов, за ширење лажни информации. 

Напад врз медиумите 

Русија официјално ја нарече инвазијата на Украина „специјална операција“ и вели дека спроведува „мировна мисија“ во области на источна Украина под контрола на сепаратистите. Западните земји ја осудија репресијата, заедно со американскиот Стејт департмент, нарекувајќи ја „целосен напад врз слободата на медиумите“. 

„Се интензивираат напорите на Москва за да се доведе во заблуда и да се потисне вистината за бруталната инвазијата“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.

„Ехо Москва беше почитувано радио поради умерениот однос кон настаните од неговото основање пред 32 години, и до вчера, неговите преноси достигнаа околу 1,8 милиони дневни слушатели во текот на целата година Русија и пошироко“, рече Прајс. 

„Слично е и со Дожд, кој работи повеќе од една деценија и е познат по висококвалитетното известување“, додаде тој. 

Прајс рече дека Москва „исто така ги задушува Твитер, Фејсбук и Инстаграм платформите на кои се потпираат десетици милиони граѓани на Русија за да пристапат до независни информации и мислења и да се поврзат едни со други и со надворешниот свет“.

Спорен закон 

Тој исто така рече дека рускиот парламент треба да се состане на посебна седница во петок за да се „разгледа предлог-законот со којшто 'неофицијалното' известување за натамошната руска инвазија на Украина би можело да стане казниво до 15 години затвор“.

„Рускиот народ не ја избра оваа војна. Путин ја избра“, рече Прајс, додавајќи дека Русите имаат право да знаат за „смртта, страдање и уништување што им ги нанесува нивната влада на народот на Украина“, како и за „загубите на сопствените војници во оваа бесмислена војна“.

Вашингтон повторно го повика Путин да ги повлече своите војници од Украина и „веднаш да престане со ова крвопролевање“.