И ние сме народот
11 ноември 2017На денот на германските парламентарни избори, Александер Гауланд, новоизбраниот член на парламентот и водечки политичар на десничарската АфД ги искористи своите 30 секунди на јавната телевизија за да се развика во микрофонот: „Ќе си ја вратиме назад нашата држава и нашата земја“.
Во последните две години многу се зборуваше за т. н. „Вутбургер“- лути Германци. Германскиот гнев предизвика германска лутина. Гневот се чини беше емоција која за Германците оправдува секакво однесување.
Уште откако АфД се појави на политичката сцена тие зборуваат за враќање на „нивната земја“. Многу малку се зборува за тие од кои сакаат да си ја вратат земјата назад. Германскиот јавен дискурс за имиграцијата секогаш заостанува зад германската реалност. Но, оваа земја е многу поразновидна одошто тоа го сугерираат нејзините политички репрезенти.
Овојпат, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), традиционалната конзервативна партија, во парламентот влезе со само 2,6 отсто пратеници со негерманско потекло. Дури и АфД имаше трипати повеќе. Сепак, она што го покажуваат овие бројки, е дека за разлика од германските градови кои станаа видливо разновидни - секој четврти граѓанин има миграциско потекло - политички оваа група останува маргинализирана, благо речено.
Ограничено политичко влијание
Пред повеќе децении, кога дојдоа првите гастарбајтери, беа преземени чекори да се спречат имигрантите во добивањето државјанство. Денес, наспроти тоа, речиси половината од 20-те милиони граѓани со мигрантско потекло имаат германски пасош.
Сепак, изненадувачки, нивното политичко влијание останува ограничено. И политичарите и јавноста се заглавени во рутина, претпочитајќи да говорат за имигрантите и тоа што сакаат да им го понудат, наместо да комуницираат со претставниците на малцинствата и нивните барања. Последните пак, остануваат релативно неорганизирани како група, и како резултат на тоа не успеваат да ги искористат предностите на демократските структури за да ги остварат своите интереси.
Вообичаена слика на германските медиуми станаа стари, побелени мажи кои дискутираат за имигрантите. Александер Гауланд е еден од нив. Наместо да му се стави до знаење дека ја преминал црвената линија со својот настап на изборната ноќ, тој беше повикан на дебатата на најпопуларното ток шоу во Германија за 27-годишнината на повторното обединување - да зборува за националниот идентитет. Повторно, ниту еден претставник на малцинствата не беше повикан да ја претстави перспективата на оние за кои говори Гауланд. Ниту пак германскиот јавен сервис направи некаков организиран обид да ги дисквалификува новите екстремисти. Напротив: десничарската партија успеа да уцени голем дел од медиумите во непропорционално покривање, со што придонесоа во нормализација на екстремистичките позиции кои ќе беа неприфатливи до пред две години. Во исто време, гласот на имигрантите и нивните потомци беше занемарен.
Големите очекувања од Меркел
Сепак, денешната германска реалност кажува поинаква приказна: меѓу првоодделенците во Хамбург, на пример, секое второ дете е со мигрантско потекло. Наместо да отвори пат за поголема кохерентност, Германија се фокусира на прашањата на националниот идентитет и како да ги смири гневните 13 проценти - со што му го даде на АфД вниманието кое им помогна да се здобијат со популарност.
Не толку одамна, пред растот на АфД, канцеларката Ангела Меркел се обиде да им оддаде почит на имигрантите и нивниот придонес во германското богатство и успех. Таа знаеше дека нејзината жестоко критикувана бегалска политика ќе биде успешна само доколку наративот за Германија како имигрантска земја стане дел од националната свест.
Затоа покани стотици активисти, поранешни гастарбајтери и нивни деца во „Канцлерамт“ за да ја прослават 60-та годишнина од договорите за размена на работници со Италија, Турција, Грција, поранешна Југославија и други. Меркел ги зголеми очекувањата на многумина од нас кои седевме во публиката. Ја доби нашата доверба кога, на тој ден во 2015 година, јасно порача: „Вие сте исто толку дел од Германија како и секој друг кој живее тука“. Без своите имигранти Германија немаше да биде толку напредна, заклучи таа.
Второкласни граѓани
Но сепак, за само две години, растот на АфД предизвика реакција во германскиот дискурс кој Меркел, стравувајќи од губење на конзервативните гласачи, се покажа некадарна да го сопре. Нашите гласови, очигледно, вредат помалку. Мојата генерација, се чини, мора да прифати дека демократијата не е нешто што важи и за нас.
На Германија и’ требаше долго за да се прости од „ius sanguis“ и - и покрај нашата странска крв - да ни даде право да бидеме Германци. Деновиве, натурализираните Германци честопати се нарекуваат Нови Германци. Но, АфД најде начин да го нападне и тоа. За време на изборната кампања, ставаа постери со порака: „Нови Германци? Ќе ги направиме наши“.
На почетокот, деснорадикалното движење тврдеше дека германската политика веќе не се фокусира на германскиот народ. Сега е крајно време Новите Германци да им стават до знаење: нашите родители беа гости-работници, а не гости-граѓани. Ним им беше одземено правото да гласаат на кое било ниво. Но, нивните деца не се „странци со германски пасош“, како што не’ нарекуваат десничарите. И ние сме народот, исто така.