Европа со две брзини
9 септември 2017Летово го поминав во Далмација. Таму сè уште се негува животен стил „полека“, без брзање и стрес. „Полека“ е збор кој го опишува медитеранскиот стил на живот. Порториканскио пеач Луис Фонис годинава направи вистински летен хит со песната во која го опеа овој стил: „Деспасито“ ( Despacito) или во превод од шпански „лабаво“.
Канцеларката Ангела Меркел често зборува за Европа со две брзини. Но, таа не гледа, колку овие региони бргу се менуваат, и покрај опуштениот животен стил. Само за дваесет години многу работи се променија во Средоземноморскиот регион. Како може да се зборува за една „поспора Европа" за регион во кој турбо-капитализмот се рашири без проблем, од една земја како Германија во која има застој веќе дванаесет години и каде што нема покриеност со брз интернет насекаде?
Укината меланхолија
Добро, богатите Европејци од северот доаѓаа со нивните мега-јахти во најубавите заливи и ги купуваат најубавите куќи. Исто така, германските и австриските фирми беа побрзи: „ДМ“, „БИПА“, „Кауфланд“, „ЛИДЛ“, „Баухаус“...Сите се веќе тука. Но, вработените во овие продавници не се толку брзи. Дали треба да бидат брзи за минимална плата од едвај три евра на час – додека цените на производите се како во Германија?
Во Сплит, кој се смета за еден од најубавите во земјата, човек мора локалците да ги бара со лупа. Шест легла за странски туристи, наспроти еден за домашни, вели статистиката. Мермерните градови како Дубровник и Сплит, во меѓувреме се користат за снимање на серијата „Игра на тронови" (Game of Thrones) и наскоро за второто продолжението на филмот „Мама Миа". Земјата ја освоија туристи.
Како да продолжам со воведувањето на брзиот животен стил во наводно поспората Европа? Ах да, западњачката опсесија со убавината. Без разлика дали се работи за маж или жена – дури и сериозни весници, на лето ги бараат „најзгодните тела" на Јадранското крајбрежје: извајано тело во теретана со Л-Карнитин. Нема глумица што не би сакала да постира слика на Инстаграм како го сонча своето згодно навежбано тело.
Пораката од Западот која стои зад сето ова гласи: словенската меланхолија е напуштена. Нели сме сите убави, љубезни, среќни и модерни? Професионално вмрежување како модел на пријателство пристигна и во Југоисточна Европа. Сите ги постираат своите хаштагови на англиски: Ние сме дел од светот, јупи! Кој уште би сакал да биде дел од поспората Европа, ако може човек да оди во Диселдорф на саемот на мода, јуху! „Лајк“!
Каде се домашните?
Еден британски турист се жали за ова во својот блог во кој пишува за патувања: „Што нервира? Тука можам со германски туристи да пијам пиво, но каде се домашните?" Тие веројатно му ги перат чаршафите на кои спие бидејќи работат како сезонски работници. Моите пријатели од таму цел август работат во туристичкте места, додека моите пријатели од овде само за седум дена престој во хотел ја трошат платата што ја заработуваат моите пријатели долу. Веројатно на тоа мислеше Меркел кога зборува за Европа со две брзини: Луѓето од Северна Европа побрзо ги трошат парите одошто што оние од Јужна Европа можат да ги заработат.
Уште од пред неколку години низ медиумите кружи реченицата на еден хрватски политичар: „Не им давајте на вашите деца да студираат, секако ќе ги перат чаршафите на странските туристи." Ова не е никаква сатира, тој беше сериозен. Но, луѓето сè се уште горди. Тие сакаат повеќе. Но понудата е слаба и можностите за благосостојба на нормалните граѓани се намалуваат. Секогаш кога се воведува некој строг закон, како на пример „фискализација“, Владата нагласува дека се работи за европски стандард. Јас пак, на пример во слаткарницата во Германија каде што купувам сладолед речиси никогаш немам добиено фискална сметка. Веројатно затоа во Германија средната класа се развива побргу, бидејќи државата им прогледува низ прсти на малите претпријатија, што не би требало гласно да се изговара. Па сепак.
Европа – еден континент
Во стариот град во Сплит на неколку места може да се јадат италијански тестенини во модерен ресторан за триесет евра. Истовремено човек чита дека годинава, во која беа измерени рекордни температури, во најголемата клиника во Сплит, на одделот пулмологија на пример, не работела климата. Пред мене веднаш гледам слика на луѓе со белодробни заболувања, како на овие високи температури не можат да земат воздух додека лежат на болничките чаршафи кои патем не знам кој ги пере и за колку пари.
Една вечер, во близина на станот на моите пријатели, гореа дрвја со таква брзина што пожарникарите не може да се справат со огнената стихија. За тоа време туристите ги сликаа своите совршени „селфи“ слики со романтично зајдисонце, додека локалците се бореа против огновите, со едвај опремената противпожарна бригада, калкулирајќи кој оган од многуте да се гасне прв.
Не знам дали Меркел мислеше на ова кога зборува за Европа со две брзини. Знам само дека Европа мора да го стави како приоритет заедништвото, животот, а не туристичките можности на луѓето на овој континент. Инаку, Европа да не се чуди кога националистите ќе ја искористат ситуацијата и чувството на луѓето дека ги „откачиле“ за потоа да ги убедуваат дека тие би знаеле подобро да ги водат. И во овој поглед, ние не сме Европа со две брзини, туку еден континент.
Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.