Задачата на оние кои не седат на масата на Г20
8 јули 2017Ако и натаму живееме како сега, потребна ни е најмалку една и пол планета Земја. За тоа се значително одговорни земјите кои се среќаваат на самитот на Г20 во Хамбург. Но, се трошат ресурсите на сите земји. Би бил пожелен Закон за заштита на потрошувачите на планетата Земја, еден вид лимит за алчноста. Наместо тоа, се одржува самит на потрошувачи кој извлекува максимална полза од ресурсите на планетата. За некои од оние кои носат одлуки и луѓето кои живеат на оваа планета се само еден од многуте ресурси кој треба да се претвори во пари. Јавно, меѓутоа, се зборува само за напор за да се постигне еден подобар свет. Подобар за кого?
Од никаква помош не е ако куп новинари, активисти и научници по тој повод уште еднаш јасно повторат колку деца во светот секоја минута умираат од глад. Ништо нема да помогне ниту ако уште еднаш се каже колку проценти од богатството на каков начин е распределено. Централно обележје на демократските општества во 21 век, имено, е отрпнатоста која настапува при „варење“ на лошите вести, како и чувството на немоќ во врска со Голијат.
Таа немоќ води кон тоа Давид веќе да не мрда во арената за борби. Оваа извонредна приказна која отсекогаш им давала храброст на луѓето да не се плашат од борба против големите и моќните, веќе не нѐ храни. Вербата дека Давид би можел да го победи Голијат - исчезна. Но токму оние држави, кои не се дел од одлучување на вакви самити, би биле Давид кој на ова време му е потребен за да го победи Голијат.
Потрагата по ранливо место
За веродостоен протест се наопходни искуствата и позициите на губитниците од глобализацијата, сеедно дали се тие во рамките на Европа или надвор од нејзините граници. Тие би биле силата која сега е неопходна за од еден дифузен протест да се создаде политичко движење. Противниците на овој систем веќе две децении не можат да го најдат ранливото место, каде нивната критика може да доведе до конкретна промена на реалните односи.
Наместо тоа, моќните на протестот гледаат како на варијабла која може да се контролира во вкупниот систем. На системот му е дури и неопходен протест, за да може да се презентира како отворен. Протестот може да му пречи на ваков еден голем настан, но не смее да го попречува системот сам по себе. Недостига ефикасна политичка сила. Таква сила не може да биде заменета од сурово насилство, какво што гледаме сега во Хамбург.
Протест како декорација
Порано работниците масовно излегуваа на улиците и политиката стравуваше од општествените промени што ќе ги донесе наредниот ден. Богатите денес аплаудираат на разноликоста на мислења и потоа си продолжуваат со „бизнис ес јужуал“. Разноликоста на мислењата меѓутоа не е декорација за забетонираниот принцип на распределба во овој свет. Ние не го изразуваме нашето мислење за да се слави разноликоста на мислења, туку затоа што сакаме промени.
Западните демократии му ја одзедоа моќта на протестот. Парадоксално е, но со насилните протести е наједноставно: кривичното дело природно стои над неправдата на која се укажува. Кога во минатиот век работниците излегувале на барикадите, тие се бореле за конкретни нешта како осумчасовно работно време. А денес? Се води борба против апстрактни, комплексни нешта. Меѓутоа, не се бараат мерки за подобрување на состојбите против кои се протестира. Така беше во случајот на Окупирај, во случајот на Лос Индигнадос (или Шпанска револуција, н.з.) или на Бдеење (социјални протести во Франција, н.з.). Но оној кој не поставува конкретни барања, се претвора во социјална пластика за која моќните може да кажат: Погледнете, сето ова е дозволено во демократија, тоа е таа слобода на Западот!
Неформалните средби стануваат поважни
Земјите кои се експлоатирани и запоставени од страна на овие економски моќни држави се оние кои може да помогнат во формулирањето на конкретни барања. Во Хамбург се среќаваат само мал број од премиерите од Европа. Но, затоа тука се ЕУ-претставниците Туск и Јункер, за кои не се гласало на избори. Ги нема земјите кои и во рамките на ЕУ не наидуваат на којзнае колкаво внимание. Насоките за идната светска политика се поставуваат сѐ повеќе на неформални средби. А Трамп повторно собира поени кај оние кои се чувствуваат запоставени, затоа што оди кај Полјаците, кои не се доволно полнолетни за да учествуваат на Г20. Но, за него, тие сега се срцето на Европа.
Европските земји, меѓутоа, не смеат да дозволат да бидат инструментализирани. Европа мора да биде едно срце. Тоа чувство на единство ги доведува во прашање ваквите ексклузивни самити. Најмоќните ЕУ-држави во Хамбург преговараат со Кина за иднината на Европа и со тоа и за иднината на помалку моќните ЕУ-држави, без притоа претставниците на тие држави да можат да го изнесат своето мислење. Ах, колку е лесна демократијата во времиња на глобализација.
Пречки од периферијата
Набројувањето на неправдите во овој свет, на исцрпувањето на планетата во полза на малкумина, ја парализираат Европа. Неправедната распределба на благосостојбата води до несолидарност. Повторно треба да се направи Интернационала за да се потсетиме на хуманизмот. Граѓаните ширум светот мора да се спротивстават со нешто на спектаклот на концетрација на моќта. Човекот не е создаден за да ѝ служи на економијата. Тоа не е ниту оваа планета.
За што сме всушност создадени? Одговорите на ова прашање треба да ги најдеме најбрзо што е можно во овој навидум зацементиран светски поредок. За почеток, би можеле да му создаваме пречки на самитот на Г20 кој смета дека може да ги реши проблемите во овој свет, без оние кои се погодени од тие проблеми.
Јагода Мариниќ е германско-хрватска писателка и новинарка. Таа е родена во местото Вајблинген како ќерка на хрватски доселеник во Германија. Во моментов живее во Хајделберг. Неодамна беше објавен нејзиниот последен роман „Made in Germany - Што е германско во Германија?". Во него се соочува со идентитетот на Германија како земја на доселеници.