1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Морија не смее да продолжи да постои

Димитра Кирануди
23 септември 2020

Никој во Европа не смее да остане рамнодушен на мизеријата во бегалските кампови на грчките острови. Почитувањето на човековите права е потешкиот пат,кој мора да го изодиме и во бегалското прашање, смета Димитра Кирануди

https://p.dw.com/p/3iqU9
Griechenland Lesbos | Umzug in neues Lager Kara Tepe
Фотографија: Reza Shirmohammadi/DW

Доскорешниот бегалски камп во Морија веќе не постои. Кампот, кој бегалците, организациите за помош, активистите и медиумите од целиот континент го опишаа како „срам на Европа“ и „пекол на земјата“, беше уништен од пожар пред две недели.

Ако  истовремено со пожарот беше пронајдено и решение за проблемот со бегалците, тогаш овој крај на Морија ќе беше радосна вест - односно крај на едно црно поглавје во грчката и во европската историја.

Новиот камп е веќе подготвен

Но, во текот на изминатите неколку дена, веќе е изграден Кара Тепе, новиот камп на Лезбос, во кој веќе престојуваат повеќе од 10.000 луѓе од Морија. Се сеќаваме: досегашниот камп Морија првично беше дизајниран за скоро 3000 луѓе. Новиот камп веројатно ќе биде наликува на стариот за многу кратко време.

Повеќе:

-Германија сака да прифати 1500 бегалци од Грција

-Лезбос и бегалците: Европа во хаос кој самата си го создаде

-Лезбос не сака нов камп: „Повторно ќе подметнат пожар“

Пожарот во Морија и неговото целосно уништување не донесоа пресврт во политиката за бегалци. Исто како и прифаќањето на 1.553 бегалци од островите во Егејското Море од страна на Германија. Новиот камп Кара Тепе, кој исто така беше поставен со помош на УНХЦР и експресно беше прогласен за „привремено решение“, ќе го следи уште еден постојан камп на Лезбос во не толку далечна иднина - можеби дури и повторно во Морија. И ако не таму, тогаш на друг остров во Грција или на друго место на европско тло.

Dimitra Kyranoudi - DW Griechisch (Vorläufiges Kommentatorenbild)
Димитра Кирануди, авторка на коментаротФотографија: Chryssa Vachtsevanou/DW

Проблемот на таканаречената политика за бегалци останува оној стариот и добро познат: обидот за регулирање на прашање за човековите права технички преку администрација. Токму оваа бирократизација на бегалската криза има катастрофални последици врз животните услови, а со тоа и врз човековите права на бегалците кои пристигнале таму на Морија и на другите грчки острови.

Бегалците и натаму ќе доаѓаат

Во исто време, знаеме дека војните како и насилните, хронични кризи на Блискиот исток, делови на Азија и на Африка ќе продолжат да предизвикуваат силни бегалски и миграциски движења. Луѓето во потрага по подобри услови за живот ќе седат во гумени чамци за да го преминат Медитеранот. И и ќе заглават во нехумани услови на надворешните граници на ЕУ. Ова е целосно неизбежно. Затоа што очајни луѓе кои се подготвени да направат сè за подобра иднина, секогаш ќе има. Сите ние го знаеме тоа премногу добро од историјата на Европа.

ЕУ постојано повторува дека мора да се најде „европско решение“ за мизеријата на бегалците што е можно поскоро. Но, оваа заедничка линија не е ни исцртана и никој во политиката сериозно не верува во тоа. Затоа овие политичари не убедуваат никого. Зборовите „солидарност“ и „човекови права“ станаа шупливи фрази за политичката класа во Европа и се чини дека немаат повеќе значење. Граѓаните - особено младите - го чувствуваат ова, и не допуштаат да бидат измамени. .

Предавство на историското наследство на Европа

Европа - свесно или несвесно - тргна по патот на изолација, одвраќање и страв од „другите“ и со тоа ја губи својата суштина. И ја заборава сопствената историја, своето историско наследство: неговите мрачни страни, но исто така и Просветителството, револуциите, долгите борби за слобода, човекови права и владеење на правото.

Ние, помладите генерации, се родивме во времиња кога сето ова се зема здраво за готово. Но, тоа не се подразбира само по себе. Почитувањето на слободата, човековите права и владеењето на правото се потешкиот пат што треба да го изодиме и за бегалското прашање. Секој од нас. И, не смееме да заборавиме дека секое исчекорување од овој тежок пат може брзо да се претвори во нова „срамота за Европа“.