Германија сака да прифати 1500 бегалци од Грција
15 септември 2020Германија ќе прифати дополнители 1.500 бегалци од грчките острови, јавија денеска германските медиуми повикувајќи се на извори блиски до владата. Германската канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ) и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер (ЦСУ) се договориле да прифатат уште 1.500 бегалци, во прв ред за семејства со деца кои во Грција веќе стекнале статус на заштита. Како што наведуваат изворите, прифаќањето на бегалците е веќе договорено со грчката влада.
Овој потег сѐ уште не е усогласен со помалиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која веќе неколку дена бара да се прифатат поголем број имигранти кои по пожарот во бегалскиот камп Морија на грчкиот остров Лезбос останаа без кров над глава.
Да се прифатат поголем број бегалци бараат и останатите парламентарни партии, со исклучок на популистичката Алтернатива за Германија.
И неколку сојузни покраини досега изразија подготвеност да прифатат поголем број бегалци, но министерот за внатрешни работи Зехофер го одбиваше тоа. Тој на крајот на минатата недела најави дека Германија ќе прифати до 150 малолетни мигранти од кампот Морија.
Повеќе:
-Лезбос и бегалците: Европа во хаос кој самата си го создаде
-Лезбос не сака нов камп: „Повторно ќе подметнат пожар“
Околу 800 мигранти од над повеќе илјади кои го загубија сместувањето по големите пожари во кампот Морија на Лезбос беа сместени во нов привремен мигрантски центар брзо по неговото подигнувањето на островот, соопшти грчкото Министерство за миграција. Меѓу нив 21 бегалци се позитивно тестирани на коронавирусот, според податоците добиени вчера доцна вечерта од министерството.
Ноќата меѓу 8 и 9 септември големиот камп Морија, најголем во Европа кој е отворен пред 5 години на врвот на мигрантската криза, беше целосно уништен во пожарите и остави без кров над глава 12.000 бегалци.Кампот Морија беше пренатрупан, со 4 пати повеќе мигранти отколку што беше неговиот првобитен капацитет, и имаше очајни услови за живот на што укажуваа бројни невладини организации.
Поголемиот број од мигрантите кои останаа без сместување спиеја на патот, тротоарите, полињата и во напуштени згради. Тие одбиваа да одат во новиот камп подигнат во близината на уништениот камп Морија, стравувајќи дека веќе нема да можат да го напуштат островот кога ќе влезат во него.
Миграните бараа да бидат префрлени од островот на грчкиот копнен дел или во други земји во ЕУ. Меѓутоа, според министерството околу 800 мигранти кои претходно поминале месеци или дури години во кампот Морија сега се префрлени во привремениот камп кој е затворен за медиумите.Мигрантите стравуваат од непријателство од страна на жителите на островот, бидејќи многумина од нив се противат на тоа тие да останат на Лезбос.