1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли Македонија без „патронажна сестра“?

27 април 2017

Политичката криза и сегашното статус-кво го наметнаа прашањето за посилен ангажман на САД и ЕУ во Македонија. Земјата сѐ уште не дава сигнали дека може да ја реши кризата со свои капацитети, без поливалентна патронажа.

https://p.dw.com/p/2bzGM
Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa

 „Не е задача на амбасадорите во оваа земја да кажуваат кои се начините за излез од сегашната политичка ситуација во Македонија“, порача вчера амбасадорот на ЕУ, Сaмуел Жбогар, при неговата посета на Штип.
„Мислам дека тоа е задача на домашните политичари кои треба да изнајдат решение за излез од кризата. Тоа што претставува посебна загриженост барем за нас, е дека се наближува 15-ти мај, датумот кога на градоначалниците и на општинските совети им истекува мандатот (...) За нормално функционирање на државата важно е да постои дијалог во институциите и да се гради авторитетот на институциите. Собранието е една од тие институции, а дијалогот меѓу партиите треба да се одвива таму“, порача Жбогар.

Дебатата што сега се одвива во парламентот е многу далеку од таков плоден и суштински „дијалог“, а најблиску до маратонско-логореична опструкција на процедурата за избор на собраниски претседател. Парламентарното мнозинство долго размислува кои тактики да ги примени во согласност со Уставот и законите за деблокада на тој процес, а со цел решението да не доведе до „несакани состојби“. 

„Не би сакале да се повтори 24-ти декември (2012 година -н.з). Видовме на што се подготвени ВМРО-ДПМНЕ“, изјави вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Со оглед дека сите можни „алтернативи“ се чуваат во тајност, засега е неизвесно дали во понеделник во Скопје американскиот дипломат Брајан Хојт Ји ќе биде дочекан и од нов претседател на Собранието или од старите проблеми.

Мекејн: Поголем ангажман на САД

Без оглед каков ќе биде исходот до 1-ви Мај, веќе стигнуваат јасни сигнали дека САД имаат намера (заедно со ЕУ) да го зголемат својот ангажман во земјите од Западен Балкан, со цел регионот да излезе од состојба на кризи и растечки тензии. Ова го најави влијателниот републикански сенатор од сојузната држава Аризона и поранешен претседателски кандидат, Џон Мекејн, во разговор за српската редакција на Гласот на Америка.

„Потребен е поголем ангажман и посредување, на пример, во мошне динамичната и експлозивна состојба во Македонија. Не е во ничиј интерес да се распадне Македонија. Загрижен сум. Не предвидувам војна или конфликт, но велам дека напнатоста е голема, ситуацијата излегува од контрола и бара поголем ангажман од САД, но и од ЕУ“, коментира претседавачот со Сенатската комисија за вооружените сили во Конгресот.

Тој смета дека балканските земји треба да бидат вклучени во заедничките воени операции со САД, особено земјите од регионот кои се дел од НАТО, и дека САД треба да изразат благодарност до земјите од Балканот за помошта во Авганистан и за учеството во други мисии во светот. И покрај огромниот напредок во регионот од 90-тите години, Мекејн оценува дека и натаму има значителни притисоци и нестабилност, кои наместо да се намалуваат, растат и се зголемуваат. Изрази загриженост што вниманието на САД од Балканот го одвратиле состојбите во Русија, Украина, Блискиот Исток и Кина, но смета дека ни Европејците немале доволен ангажман во регионот во решавање на наталожените проблеми.

Помогни си, за да ти помогнат

На европско тло проблемите се дијагностицирани, но се уште се трага по ефикасен лек за проблемите на Западен Балкан. За најефикасен се смета стимулот за напредок и можноста за интеграција во ЕУ.

„Државите од Западен Балкан не треба да бидат заборавени во создавањето на 'нова Европа'“ изјави членот на управниот совет на Центарот за демократија и помирување во ЈИЕ, Ханес Свобода, во интервју за „European Western Balkans“. Тој истакнува дека Берлинскиот процес дава потребен стимул за напредок и дека обединувањето на Европа нема да биде целосно без Западен Балкан.

„Тоа би требало да им даде надеж и самоувереност на граѓаните на Западен Балкан, без да создава илузии дека патот кон ЕУ ќе биде лесен и брз“, вели Свобода.

Притоа потенцира дека модерната демократија не се состои само од слободни и фер избори, туку дека е потребна и критика од цивилното општество кое набљудува, следи и коментира за состојбите. Во врска со демократијата на Западен Балкан, Свобода вели дека ЕУ се покажале неспособни да ги заштитат вредностите внатре во Унијата, што ги ослабело позициите кај политичарите во државите кандидати за членство.

Hannes Swoboda / Österreich / EU / EU-Parlament / Sozialisten / SPÖ
Ханес СвободаФотографија: dapd

Дипломатски извори со кои разговараше ДВ велат дека стратегиските пријатели на Македонија секогаш ќе бидат присутни ако земјата побара помош или посредништво, но мора да биде видлив и домашниот придонес во напорите за излез од кризата.

„Македонија досега покажа дека може да оди напред, но имаше некои циклуси на кризи кои го забавија тој тренд. За жал, секогаш не беше видлив искрен напор од сите политички фактори за излез од загрозувачките тенденции врз демократијата и напредокот на општеството. Би било најдобро кога овдешните политички лидери би промовирале силна внатрешна енергија и капцитети за надминување на кризата, за да покажат дека општеството е зрело и дека не му треба асистенција од 'патронажна сестра', а уште помалку од 'поливалентна патронажа'“, велат нашите соговорници. Се надеваат дека демократските процеси во земјата ќе продолжат, во духот на европските вредности, стандарди и практики.