1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хојт Ји нема да се сретне со Иванов

26 април 2017

Високиот американски функционер ќе разговара со политичките лидери за статусот за формирање влада и реформите за евроатлантска интеграција.Неофицијално дознаваме дека Ји нема да се сретне со шефот на државата

https://p.dw.com/p/2bvHW
Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Фотографија: MIA/Photo Service

Брајан Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, во понеделник, на 1 Мај, доаѓа во Македонија, потврдија од амбасадата на САД.

„Хојт Ји доаѓа за да се види и разговара со политичките лидери во врска со статусот за формирање на влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатлантската интеграција“, велат од амбасадата, без попрецизно наведување на неговите соговорници. 

Засега е извесно дека Ји ќе биде во еднодневна посета на Македонија и дека ќе се сретне со лидери на политички партии. Како што неофицијално дознава Дојче веле од партиски извори, високиот американски функционер нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов. Овие извори не ги знаат причините за тоа, но претпоставуваат дека се поврзани со претходниот однос на шефот на државата кон добронамерните сугестии од официјални претставници на земји-стратегиски пријатели на Македонија.

Gorge Ivanov und Hoyt Brian Yee 27.01.2014 in Skopje
Фотографија: MIA

На Македонија и треба влада!

Последна порака до политичарите во Македонија, Хојт Ји ја упати при неговата неодамнешна посета на Загреб, на 7-ми март годинава.

„Политичките лидери во Македонија, вклучително и претседателот, да направат сѐ што е неопходно наскоро да се формира влада без натамошно одлагање, на начин кој е во согласност со Уставот на земјата. Мнозинството во македонскиот парламент изрази волја да формира влада. Се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на мнозинството членови на парламентот што побрзо да формираат влада. На државата и треба влада која мора да ги продолжи реформите“, изјави Ји.

Тој им порача на политичките партии да ги остават настрана нивните тесни политички и лични интереси, благосостојбата на граѓаните да ја стават на прво место, и да не се држат круто до својата агенда и во одбивањето компромиси.
„На Македонија ѝ претстои многу работа, но прво мора да формира Влада, а ЕУ и САД соработуваат блиску за тоа да се случи. Сведоци сме на промени. Има страни кои сакаат да останат на власт и оние кои сакаат да дојдат на власт, во некои случаи и првпат. Природно и нормално е политичката напнатост да биде многу висока, реториката е многу силна, можеби не е прифатлива, но ние веруваме дека луѓето во Македонија сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ. За да се случи тоа, мора да дојде до политички консензус, компромис кој ќе овозможи формирање стабилна влада“, истакна високиот функционер на Стејт департментот.

Mazedonien das Parlament stimmt für die Selbstauflösung
Фотографија: MIA

Реформски курс наместо опструкции

Речиси два месеци потоа, состојбата во Македонија не е поместена ниту еден чекор напред, иако од СДСМ во континуитет уверуваат дека „изборот на собраниски спикер е прашање на ден“. Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму излезот од кризата го бара во нови парламентарни избори во пакет со локалните, а под параванот на „демократска дебата“ со денови го опструираат изборот на претседател на парламентот и на собраниските тела.  

„Практично, тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и наметнувањето на Тиранската платформа“, истакнало раководството на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната средба со амбасадорите на Германија, Британија, Шведска и Холандија, објаснувајќи им дека за таа цел партијата „до максимум ги користи сите законски и деловнички можности“.

Дел од овие амбасадори вчера учествуваа на панел дискусија организирана од Дипломатскиот клуб во Скопје на тема „Креирање и реконцептуализација на мали и средни држави“, при што оценија дека „сега е време е да се формира нова влада, а не да се оди на нови избори“.

Mazedonien Hoyt Brian Yee zu Besuch in Skopje
Фотографија: MIA/Photo Service

Аналитичарите немаат дилема дека и Хојт Ји доаѓа со слична порака. Пред една недела, портпарол на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, изјави: „Политичарите кои се обидуваат да го блокираат формирањето на Владата, ги обезвреднуваат владеењето на правото, демократските процеси и стабилноста на Македонија и регионот пошироко. Ние ќе работиме со нашите европски партнери на охрабрување на овие политичари, да престанат со нивните опструкции, вклучувајќи и земање на одговорност за нивните постапки“.

Хојт Ји важи за добара познавач на проблемите во регионов во изминативе две децении. Беше во Скопје и лани на 3-ти март, а претходно ја посети Македонија и во април 2015 година, во почетокот на политичката криза, за која сведочеа опозициските „бомби“. Тогаш порача дека треба бидат процесуирани случаите каде има сомневања за функционерите на власт, земјата да се врати на реформскиот курс, на демократските процеси и јакнењето на слободите и човековите права.