1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски преку математика ја условува политикaта

5 март 2018

Ослободувањето од притвор на шесте опозициски пратеници и натаму е услов за враќање на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот. Клучот не е кај власта, туку во судството, без влијание и политички притисоци

https://p.dw.com/p/2thLW
Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Дванаесет проценти. Толкав е јазот што ја дели опозициската ВМРО-ДПМНЕ од враќањето во Собранието и нејзино учество во денесувањето на реформскиот пакет закони. Оваа порака викендов ја испорача партискиот претседател Христијан Мицкоски на две средби - завчера со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а вчера и со премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.  

Покрај разговарите за тековните разговори со Грција, за изборниот законик, законот за употреба на јазиците и избор на членови на ДИК, Мицкоски и Заев на средбата разговарале и за враќањето на опозицијата во Собранието.

„Не можеме да бидеме комплетни и комплетно активни во Собранието. Се надевам, и имам чувство дека многу брзо политичките и математичките проблеми ќе бидат надминати, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе може комплетно да се врати во Собранието, и да биде целосно посветена на работењето на парламентот“, изјави  Мицкоски по средбата. 

Повеќе на темата: 

-Тројката од ЕП ќе го топи мразот во македонскиот парламент

-СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Тајно усогласување за јавно добро

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

-Ќосето дислоциран, Мицкоски демаскиран

Слобода за шесте пратеници

Не е тајна што се крие зад „политичките и матeмaтичките причини“. Тие се повод за досегашниот опозициски бојкот на Кпарламентот, а нив Мицкоски ги повтори и по средбата со Ахмети. 

„Математичката е што 12% од нашата пратеничка група е во притвор, така што ние не можеме со сиот капацитет да учествуваме во работата на парламентот. Политичката е што имаме сериозно нарушување на демократскиот амбиент. Како што кажаа изминативе денови претставници на меѓународната заедница, владата е таа која треба да подготви амбиент во кој би се чувствувале комотно, за опозицијата да може да биде присутна во Собранието“, објасни Мицкоски.

Притоа потенцираше и дека „засега никој нема поднесено одговорност зошто без да им биде симнат имунитетот на пратениците, некој ги привел, ги држел со лисици, и ги понижил пред македонската јавност“.

„Кога ќе имаме одговорност, ќе дискутираме кои ќе бидат нашите чекори. Мора некој да сноси одговорност за тој чин. Дали тоа ќе биде министерот или по вертикала надоле, тоа ќе остане да одлучат тие што ги поставуваат тие лица“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.  Тој и на вчерашната манифестација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, искажа критики на темата „правда“.

„Паролата која ја употребуваа - 'нема правда, нема мир', колку само трогателно треба да звучи, полека станува оскиморон на владеењето на оваа влада, каде ниту мир има, а за правда не се ни зборува“, рече Мицкоски.рвав

Заев: Нема да влијаеме на правосудството

И Заев вчера остана на досега соопштуваните позиции - дека со никакаков политички договор не може и не смее да компромитира работата на судството.

,,Ја разбирам позицијата на ВМРО-ДПМНЕ да не се враќа во Собранието сѐ додека не бидат комплетни, но нашата позиција исто така останува непроменета - немаме намера да влијаеме на правосудството и на одлуките на судот во однос на приведените пратеници. Тоа е недозволиво, законот важи за сите. Но, ќе кажам дека притворот не смее да биде казна. Сепак, тоа е обврска и право на обвинителството и судовите во Македонија“, изјави Заев.

Повеќена темата:

-Што сака ВМРО-ДПМНЕ?

-До кохезија со амнезија за 27-ми април?

Тројца пратеници во затворски, тројца во домашен притвор

Високи извори од правосудството запрашани за коментар на оваа тема велат: „Правосудството не се занимава со политички математики, и не смее. Кога ќе се задоволат сите потреби на истрагата, тогаш очекувано е мерките за обезбедување на нечие присуство преку затворски или домашен притвор да се заменат со други. Но, тоа мора да биде исклучиво автономна и аргументирана одлука на Судот, без никакви политички влијанија“.

Според овие извори, ако судот оцени дека повеќе не постојат причини за повторување на претходните мерки, мерката притвор за пратениците или дел од нив „наскоро“ може да биде заменета со други (одземање на патни исправи- н.з). 

За името ништо ново

Таквиот потег во овој момент би ги релаксирал состојбите на релација власт - опозиција во парламентот, но и во клучен политички период кога се води најтешката фаза од разговорите за името. Мицкоски на средбата со Заев ја повторил позицијатa дека партијата нема да поддржи промена на уставот со цел промена на уставното име на државата. Премиерот од своја страна го информирал за текот на разговорите со Атина.

„Знае и јавноста, дека од средбата во Виена нема некое поместување. Разговаравме за нашите стратрегии и детали. Го информиравме како шеф на најголемата опозициската партија за намерите како да течат преговарачките процеси. Секако, тие остануваат на своите познати ставови, и ние остануваме на нашите ставови и остануваме оптимисти дека може да се најде решение за овој горлив проблем кој постои повеќе од 25 години. Но, притоа тоа мора да биде со сочувување на достоинството и идентитетот од двете страни во раговорите за името“, рече Заев. 

Тој најави дека следува нова рунда разговори кон крајот на март или почетокот на април под медијаторство на Нимиц, а претходно ќе има билатерална средба меѓу двајцата министри за надворешни работи. Премиерот рече дека има најава оти Коѕијас ќе пристигне во третата или четвртата недела од март, за првпат ќе слета на аеродромот Скопје, и во таа прилика ќе се направи нов обид за приближување на ставовите. Со Коѕијас ќе стигне и драфт верзија на договорот.

Мицкоски и Заев на вчерашната средба не постигнале решение за 35.000 амандмани поднесени од опозицијата за законот за употреба на јазиците. Единствените нешта за кои постигнале согласност е Државната изборна комисија да се комплетира по стариот модел, претседателот на ДИК да биде на предлог од опозицијата, и двајцата лидери повторно да се сретнат.