1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Тајно усогласување за јавно добро

9 февруари 2018

Никој официјално не ги потврдува, но тие функционираат. Работни групи на двете партии во дискреција ги усогласуваат ставовите околу реформскиот пакет закони. Прва согласност постигната за Законот за зашита на сведоци.

https://p.dw.com/p/2sOFM
Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Веќе извесен период во дискреција функционираат работни групи на двете најголеми партии - владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои ги усогласуваат ставовите околу повеќе закони за кои е потребен консензус или двотретинско мнозинство. Од ВМРО-ДПМНЕ неофицијално потврдуваат дека има такви групи, но не го откриваат нивниот состав, ниту какви се резултатите од досегашната работа. Извори од парламентот велат дека „наслушнале оти една група разговара за законот за заштита на сведоци, друга за реформскиот пакет закони, а заради обемот на работата имало дури и работни потгрупи, од кои една за Деловникот на Собранието“.

Неофицијално, предмет на усогласување биле дел од законите коишто се однесуваат на реформите во правосудството и нови измени во Изборниот законик.

Повеќе на темата: 

-Вилатa „Водно“ како куќата на Моне

-Заев за ДВ: Сите мора да дадеме свој придонес за реформите!

Во овој процес не се вклучени координаторите или пратеничките групи, иако во некои од групите имало и пратеници, заради нивна професионална компетентност за некои од законските проекти кои биле предмет на усогласување. Од СДСМ исто така процесот го држат во дискреција, но неофицијално потврдуваат дека била постигната меѓупартиска согласност за Законот за заштита на сведоци. За овој напредок наскоро требало да бидат известени координаторите на пратеничките групи, бидејќи тие имаат улога при предлагањето што да се стави на дневен ред на парламентот. Според партиски извори, од координаторите само се барало и да посочат кои закони не трпат одлагање заради нивната врзаност со рокови. Меѓу нив, во овој период бил посочен закон за ратификација на договор за отворање на еден граничен премин, четири закони за државната администрација, изборот на собраниски потпретседатели...

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Дијалогот носи успех

Поради престојот со партиска делегација во САД, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев не е достапен за одговор околу овие активности. Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ, вели дека нема информации дали има работни групи од партиите кои усогласуваат ставови за одредени закони, но смета дека ако има - секој таков обид е корисен.     

„Добро е ако се разговара, бидејќи разговорот носи напредок. Ако нема разговори, ако не постои обид за меѓусебна комуникација, тогаш нема ни напредок. Дијалогот носи успех“, дециден е Тунтев.

Ваквата соработка во дискреција се случува во време кога ВМРО-ДПМНЕ ја бојкотира работата на парламентот од крајот на минатата година, во знак на протест за притворањето на шест нивни пратеници, осомничени за учество во настаните ода 27-ми април 2017-та година. За време на бојкотот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се враќаа по строго селективен избор - еднаш за новогодишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов, вторпат за обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Mazedonien NATO Generalsekretär Jens Stoltenberg in Skopje
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Последен пат се вратија за 32-та седница, кога на дневен ред беше повторно ставен Законот за употреба на јазиците откако претседателот Иванов не го потпиша указот за негово стапување во сила, по што од партијата доставија 35.569 амандмани.

Повеќе на темата:

-Со 30.000 амандмани не се коригира закон, туку се блокира парламентот

-Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ - добитничка или губитничка стратегија?

Во политичките кулоари ваквата соработка наидува на одобрување, со оглед дека донесувањето на планираните закони е во интерес на сите граѓани. Но, ги отвора и стравувања дека некои од учесниците во работните групи можеби нивната сегашна „конструктивност“ ја трампаат за да ги омекнат обвиненијата против нив или против членови на нивните семејства. Ова посебно се однесува на шпекулациите дека во работните групи се активни високи функционери од претходната власт, а чии имиња се инволвирани во обвинителни акти на СЈО или ЈО. Од партиите не сакаат да го коментираат ваквиот аспект, едни со став дека работните групи се посветени на законите и дека тие групи не се правно чистилиште, други - дека секој е невин додека не се докаже спротивното. 

Македонија една изборна единица?

Она на што ќе работат групите се и измени во изборното законодавство. Од СДСМ се залагаат за измена во изборниот модел, што беше и нивно изборно ветување. Социјалдемократите бараат да остане сегашниот пропорционален систем на гласање, но државата да биде една изборна единица, наместо досегашните шест.

Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, на ниво на работни групи наводно барале разговори за законски измени во врска со изборот и составот на ДИК, што го отвора прашањето дали ќе се инсистира во Комисијата повторно да бидат само партиски претставници, а не и експерти како што беше во последниот состав. Во овие работни групи наводно воопшто не се разговара за амандманите што ВМРО-ДПМНЕ ги достави на Законот за употреба на јазиците, а кои би можеле да го блокираат парламентот во наредните шест месеци. Според партиски извори, решението за тоа најверојатно ќе се бара во меѓупартиски разговори на највисоко ниво. Во моментов се уште нема можност да почне расправата за тие амандмани, бидејќи голем дел од пратениците се отсутни. Дел заминаа на Молитвен појдок во САД, други во поголем број ќе заминат на средба што ја организира британскиот Институт Вилтон Парк. Таму биле поканети координаторите на пратеничките групи, претседатели на собраниските комисии, вработени во Секретаријатот на Собранието и во кабинетот на претседателот Талат Џафери. Според агендата, македонските парламентарци и собраниската администрација треба да дискутираат со експерти за акцискиот план за реформи, базиран на препораките за независен и поефикасен парламент. Ова не е првпат македонски пратеници да учествуваат на средби организирани од Институтот Вилтон Парк. Од друга страна, дијалогот во рамките на процесот „Жан Моне“ кој го иницираше Европскиот парламент и требаше да се одржи на крајот од јануари, е одложен за друг термин кој би бил прифатлив за сите партии - најверојатно во март.