1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мистериозна посета на Ким Јонг Ун на Кина

ЕМФ / дв
27 март 2018

Дали севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун тајно отпатувал за Пекинг? Зелен воз укажува на можност за такво нешто. Ким има добри причини за дипломатски средби во Пекинг: кинеските санкции тешко го погаѓаат Пјонгјанг.

https://p.dw.com/p/2v2xH
Sonderzug von Kim Jong Un
Фотографија: picture alliance/dpa/kyodo

Пристигнувањето на специјален воз со посетител од висок ранг од Северна Кореја предизвика шпекулации во Пекинг дека властодржецот Ким Јонг Ун дошол во изненадувачка посета на Кина. Агенцијата Блумберг, укажувајќи дека за посетата знаеле три лица, јави дека мистериозниот висок гостин е навистина севернокорејскиот властодржец. На тоа укажуваат и фотографиите за зголемени мерки за безбедност и почесна гарда на железничката станица во Дандонг.

Ова би било првпат Ким Јонг Ун да ја напушта својата земја откако стапи на власт во 2011 година. Слични тајни посети со воз на Кина во 2010 и 2011 година оствари и неговиот татко Ким Јонг Ил. Потврда за тие посети стигнуваше дури откако Ким Јонг Ил се враќаше во својата земја. Јапонските медиуми вчера известија за простигнување на зелен вонреден воз, кој е сличен на оној кој своевремено го користеше и Ким Јонг Ил. Возот ја минал границата во неделата. Се вели дека посетата има за цел подобрување на односите на двете земји. Официјално нема потврда дека посетителот на Пекинг е Ким Јонг Ун. Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чуинјинг изјави дека таа нема информации за такво нешто.

China Nordkorea Grenze
Билборд со фотографија на поранешниот кинески лидер Мао Цетунг и екс севернокорејскиот лидер Ким Ил Сунг на границата меѓу двете земјиФотографија: picture-alliance/dpa/How Hwee Young

Посета на Кина би била дипломатски врв во напорите за смирување на судирот околу севернокорејската атомска програма. Со своето изненадувачко приближување кон Јужна Кореја од почетокот на годината севернокорејскиот властодржец веројатно почна да чекори во насока на можен самит со јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин во април и мај, како и средба со американскиот претседател Доналд Трамп. За четврток се планирани разговори со Јужна Кореја за подготовка на средбите.

Повеќе:

Корејски конфликт: Разговори наместо ракети

Приближување меѓу Северна и Јужна Кореја

Досега, во ваквите дипломатски напори Кина како голем сосед на Северна Кореја стоеше малку настрана. Двете земји негуваат традиционално пријателски односи, но поради севернокорејскиот развој на атомско оружје и ракети со долг дострел тој однос е многу тензичен. Пекинг засилено ги спроведува санкциите против Северна Кореја донесени од страна на Советот за безбедност на ОН, што кај сиромашниот и изолиран сосед предизвикува криза во снабдувањето.