Приближување меѓу Северна и Јужна Кореја
3 јануари 2018Северна и Јужна Кореја повторно го воспоставија комуникацискиот канал кој беше во прекин речиси две години. „Црвениот телефон“ бил вклучен утрото по локално време и бил воден 20-минутен разговор, соопшти претставник на јужнокорејското министерство за обединување за новинската агенција АФП.
Јужна Кореја за следната недела предложи почеток на разговори на повисок ранг со Северна Кореја, по што од Пјонгјанг стигна согласноста за повторно отворање на комуникацискиот канал со соседот, кој беше укинат во февруари 2016 година. Сеул се надева на скори разговори за евентуално учество на спортска екипа од Пјонгјанг на претстојната Зимска Олимпијада во јужнокорејскиот Пјонгчанг, која ќе биде одржана во февруари, но и на други теми заради подобрување на билатералните односи.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во својот новогодишен говор неочекувано најави подготвеност за дијалог со Јужна Кореја. Без оглед на истовремените закани на Ким со атомско оружје насочени кон САД, Сеул ја поздрави понудата за разговори, оценувајќи ја како исклучително важен чекор во оживувањето на замрзнатиот дијалог меѓу двете земји. Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин меѓутоа го инструирал Министерството за надворешни работи да врши тесни консултации со сојузниците на Јужна Кореја и меѓународната заедница и подобрувањето на меѓукорејските односи да биде во корелација со решавањето на спорот околу севернокорејската атомска програма.
Кина,како што изјави портпарол на Министерството за надворешни работи во Пекинг, го поздрави ставањето во функција на меѓукорејската директна телефонска линија, како и напорите на двете страни да ги подобрат односите во пресрет на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг. Сите засегнати страни во конфликтот треба да го искористат позитивниот тренд и да си излезат во пресрет, порача тој.