1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мизеријата на виетнамските работници во Србија

Немања Рујевиќ
20 ноември 2021

Видео-снимки сведочат за очајните услови во кои живеат виетнамските работници на градилиштето на фабриката Линглонг во Зрењанин, а во кинеската компанија тврдат дека не е толку страшно.

https://p.dw.com/p/43FE7
Serbien | Fabrik Linglong in Zrenjanin
Фотографија: N1 Belgrad

Просторот меѓу дотраените бараки каде што живеат работниците од градилиштето на фабриката Линглонг во Зрењанин, во средата, на 17 ноември, беше место на потресни сцени. Активистите на организацијата Солидарна кујна се обидоа - и на крајот успеаја - да спасат еден од стотиците виетнамски гастарбајтери кој добил отказ - наводно затоа што неколку дена претходно им кажал на медиумите за очајните услови за живот и работа.

Луѓето од приватната фирма ангажирана за чување на бараките ѝ се спротивставија на таа акција. Имаше натегање и туркање. Според активистите, работникот е на сигурно, има правна помош, а дошол и до својот пасош. 

Според она што од лице место го јави репортерката на Н1, многу работници тврдат дека пасошите им се одземени и дека движењето им е ограничено. Неколку дена претходно, камерата на таа телевизија влезе во бараките и забележа тесни, валкани спални соби, во кои се сместени стотици Виетнамци. Велат дека алиштата ги перат со ледена вода, а во бојлерот има топла вода за туширање за само пет лица. Новинарите и активистите кои ги имаат посетено бараките, зборуваат за неподнослива смрдеа и услови недостојни за човекот.

Оттука работниците секојдневно со велосипеди одат на огромното градилиште на фабриката на кинеската компанија Линглонг, која во Зрењанин ќе произведува гуми.

Пристигна инспекција

Активистите за човекови права од организациите Астра и А11 поднесоа пријава поради сомневање за трговија со луѓе и експлоатација, наведувајќи дека и договорите за работа се проблематични, а условите се опасни по здравјето и животот. Се тврди дека на работниците им се наплаќа и опремата што ја користат на градилиштето.

Според овие организации, Виетнамците пристигнале во Србија во текот на пролетта преку кинеска компанија посредник.

Во средата во работничките бараки пристигна и полиција, како и службеници од различни државни инспекции, но новинарите на лице место не можеа да откријат точно кои. Според војводинскиот портал Автономија, виетнамските работници излегле на штрајк во знак на протест поради лошите услови и отпуштањето на еден од нивните колеги.

Serbien | Fabrik Linglong in Zrenjanin
Приватно обезбедување пред бараките во кои се сместени виетнамските работнициФотографија: N1 Belgrad

Потоа, новинската агенција Танјуг во средата пренесе соопштение на српското Министерство за труд дека работниците се преместени на друга локација. Истото во тоа министерство е речено и за весникот „Блиц“. „Тоа беа лажни вести“, изјави за ДВ Данило Ќурчиќ, програмски директор на иницијативата А11, кој со денови е на лице место.

Коментирајќи ги тензиите и „ескалацијата на насилство“, Ќурчиќ тврди и дека државните органи на лице место дошле со кинески преведувач - иако Виетнамците не зборуваат кинески. „Тука немаме работа со добронамерна држава, туку со држава која е во дослух, а можеби и соучесништво со инвеститорот. Поинаку не можеме да го објасниме толкавото занемарување на домашните и меѓународните прописи“, оценува правникот.

Повеќе: 

Индијците - нови гастарбајтери во Србија

Работа во Србија има, ама работниците се во Германија

Голготата на српските текстилни работници

Последици од трката до дното

Иако медиумите најмногу пишуваат за „околу петстотини Виетнамци“, според Отсекот за странци на полицијата во Зрењанин, таму има точно 402 работници од Виетнам, од кои 35 имаат законски престој во Србија, а останатите дошле на име на работни визи.

Според јавниот сервис РТС, раководството на Линглонг тврди дека медиумите лажат, дека на сите вработени им се обезбедени основни услови за живот, дека имаат апарати за вода, греалки, облека, обувки и дека не може да се зборува за експлоатација.

Министерството за труд соопшти дека градилиштето Линглонг е најконтролирано во централен Банат, кога станува збор за безбедноста при работа, за здравјето на вработените и работните односи. Се наведува и дека од минатото лето до денес имало дваесет проверки и дека се поднесени две прекршочни пријави.

„Ако е вистина дека е ова најконтролираното градилиште, тогаш ниту една инспекција не си ја врши работата и за тоа исто така мора да се разговара“, вели Данило Ќурчиќ за ДВ.

Serbien | Fabrik Linglong in Zrenjanin
Неколку стотини виетнамски работници од пролетта работат на градилиштето на Линглонг во ЗрењанинФотографија: N1 Belgrad

„Проблемот со оваа инвестиција не е дали Линглонг или некој друг инвеститор дошол овде“, продолжува Чурчиќ, „проблемот е што ова е логична последица на постепената ерозија на заштитата на работничките права и слабеењето на институциите, па воведување на трката до дното во напорите за привлекување странски инвестиции.“

Според претходните најави, во фабриката за гуми Шангдонг Линглонг во Зрењанин би требало да работат повеќе од илјада луѓе, а производството во полн обем треба да започне во март следната година. При потпишувањето на договорот за доаѓање на таа компанија во Зрењанин, во март 2019 година, беше објавено дека се работи за инвестиција од 800 милиони евра и дека е тоа најголемата гринфилд-инвестиција која пристигнала во Србија.

Според пишувањата на медиумите, Линглонг добил на подарок 95 хектари земја, како и 75 милиони евра државни субвенции за вработување на 1.200 работници. Се наведуваше дека работниците ќе имаат плати од 42.000 динари, што е далеку под просечната заработувачка во Србија (околу 65.000 динари).