Индијците - нови гастарбајтери во Србија
15 септември 2021Работници од Индија во наредните години би можеле да ги преплават градилиштата во Србија. Претседателот на Синдикатот на работници во градежништвото и индустријата за градежни материјали, Саша Торлаковиќ, за ДВ вели дека посредниците носат работници во групи од неколку стотини. „Еден човек се јави во синдикатот на работници на патиштата, веројатно мислејќи дека синдикатот може да вработи работници, и праша дали ни се потребни 100-200 работници од Индија. 100-200?! Па, тоа е страшно, тоа ви кажува колку е силен црниот пазар“, вели Торлаковиќ.
„Немој, ќе ја загубиме работата…“
Во Србија минатата година се уредно регистрирани 410 работници од Индија. Сепак, само на градилиштата на Коридорот 11 и брзата пруга Белград-Суботица, трудовите инспектори пронајдоа повеќе од 100 индиски државјани, од кои само неколкумина имаа уредни дозволи за работа. Податоците од Националниот сојуз за локален економски развој (НАЛЕД) покажуваат дека секој трет работник на градилиштата во Србија работи на црно.
Повеќе: Работа во Србија има, ама работниците се во Германија
Повеќе десетици од нив најдовме на градилиштата на „Белград на вода“. Не се расположени за разговор. „Немојте Ве молам, овде сѐ се гледа“, вели еден додека се враќа од паузата за ручек. „Немој, ќе ја загубиме работата“, додава неговиот колега со кисела насмевка.
А, губење работа не можат да си дозволат, зашто Србија за нив е „ветена земја“. „Доаѓа, да речеме, возач од Индија, кој во Индија би имал плата од 50 долари месечно. Овде заработува 300-350 евра и има платено сместување и храна. Кога ќе испрати 150 долари дома, тоа е општа радост во Индија“, објаснува Торлаковиќ.
Условите во кои живеат овие гастарбајтери, сепак, честопати не се достојни. „Она што го слушнав од луѓето од трудовиот инспекторат е дека ги наоѓале во Карабурма, во напуштени стари објекти, по 90, 100 од нив“, вели Торлаковиќ. „Сѐ уште не сум слушнал дека некој сместил работници од Индија во подобри услови. Господ знае каде живеат, како јадат… “
Индиските работници станаа видливи за српската јавност дури кога минатата година две групи штрајкуваа двапати поради неисплатени плати. Потоа излезе на виделина дека работници со сомнителни договори за вработување биле ангажирани во капитални државни инфраструктурни проекти.
„Според сведоштвата на работниците, додека штрајкуваа, се случувало да останат без храна и по неколку дена, а сместувањето било несоодветно и не ги исполнувало основните хигиенски критериуми“, вели за ДВ Христина Пискулидис од организацијата Астра, која застапуваше група индиски работници во штрајк.
Таа укажува на фактот дека нивната положба дополнително била отежната поради фактот што поголемиот дел од нивната плата не им била исплатувана директно ним, туку на нивните семејства во Индија. За основните потреби тие од работодавачот на рака добивале од 3.000 до 5.000 динари (пресметано околу 25-40 евра). Пискулидис вака ја сумира ситуацијата во која се наоѓаат: „Индиските работници се без пари во непозната земја, не зборуваат локален јазик, само малкумина од нив ги знаат основите на англискиот јазик, документите им се одземени и немаат пари да се вратат дома “.
Под патронат на државата
По неколкумесечни борби, мала група „бунтовници“ беше испратена дома во Индија, а со нив беше испратена и дискусијата за условите во кои работат работниците ангажирани во најголемите државни проекти. Потпретседателот на Стопанската комора на градежната индустрија во Србија, Горан Родиќ, за ДВ изјави дека државата, како најголем инвеститор во земјата, продолжува да им доверува задачи на компании кои на неколку нивоа ангажираат подизведувачи кои тешко се контролираат.
Само на Коридорот 10 имаше 520 изведувачки фирми. Тогаш не се знае кој пие, а кој плаќа. „Господ знае кој сѐ работи таму“, вели Родиќ. „И тогаш, се разбира, ги имате овие мешетари, гонители на работна сила кои им раскажуваат на работниците разни приказни, ги уценуваат да платат за да ги вработат, а ние добиваме неквалификувани работници“.
Повеќе: Легална експлоатација во Србија: работниците на лизинг!
Според Родиќ, работниците од Индија немаат добра репутација во Србија. Во приватниот сектор ги избегнуваат. „Многумина од нив се претставуваат како квалификувани работници, но тие ниту имаат работни навики ниту ги познаваат нашите стандарди.“ Родиќ смета дека тие на српските градилишта по правило може да бидат само „физичка работна сила, помошни работници“. „Ретко кој може да работи некаква посериозна работа“, вели тој. „Неодамна баравме оператори со градежни машини, без разлика од каде доаѓаат. И кога аплицираа, 50 од нив не знаеја ниту како да се качат во камион.“
Легализација на нелегалното?
Индискиот пазар има образовани, квалитетни работници кои знаат како да си ја работат работата, тврди Торлаковиќ, но такви засега не доаѓаат во Србија. Можеби токму поради тоа што, судејќи според сѐ, во Србија не им се загарантирани работничките права. Нема доволно градежни инспектори за контролира на сите градилишта, и доколку некој случај заврши на суд, поминува толку време, што судскиот епилог веќе никому не му значи ништо.
Затоа агенциите за посредување работна сила никнуваат како печурки по дожд. Со новиот закон за сезонска работа - чиј предлог во моментов е на јавна расправа - теренот за нив ќе стане уште поплоден. Имено, овој закон ќе им овозможи на работодавачите да ангажираат домашни и странски работници во повеќе економски гранки под пофлексибилни услови отколку досега.
Повеќе: Очајот ги тера Балканците на работа на црно во Германија
Од Астра предупредуваат дека на тој начин законот дополнително создава простор за експлоатација на трудот. „Очигледно е дека законодавците им излегуваат пресрет на потребите на работодавачите за дополнителна работна сила, вклучително и сезонска работа во градежништвото, услужните и други дејности, и тие дејности долга низа години важат за места каде најчесто се јавуваат ситуации со принудна работа“, загрижена е Христина Пискулидис.
Таа укажува на фактот дека со новиот закон за сезонска работа се легализира и работата на црно на странци од 95 земји од кои е можно да се влезе во Србија без виза. Според сегашниот предлог закон, тие нема да имаат потреба да добијат специјална работна дозвола доколку престојуваат кратко во Србија. „Во овие 95 земји се вбројуваат и земји од кои веќе имаме регистрирано случаи на принудна работа, т.е. трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, како што се Индија и Турција“, нагласува Пискулидис.
Индијците пристигнуваат и во хотелите
Додека законот ја минува неопходната процедура, за увоз на работна сила се подготвуваат и други стопански гранки. Како што велат за ДВ во Здружението на хотелско- угостителското стпопанство на Србија (ХОРЕС), во угостителството во моментов има недостиг од околу 15.000 работници и веќе пристигнуваат понуди од странство.
„Според нашите информации, засега има заинтересирани од Филипини и Виетнам, односно од нивните агенции кои се подготвени да ни понудат работна сила“, изјави за ДВ директорот на ХОРЕС, Георги Генов.
Медиумите пишуваат дека некои хотели се веќе во преговори со агенции од Бангладеш. Само уште тие, велат хотелиерите, сакаат да работат за српски „минималец“.