1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Месец на воени вежби - од Северна Македонија до Финска

2 мај 2022

„Swift Response 22“ ќе биде најголемата воена вежба што е организирана досега во Северна Македонија

https://p.dw.com/p/4Ahmw
Nord-Mazedonien gemeinsame Militärübung mit US Soldaten
Заеднички вежби на македонски и американски војници во Криволак, јуни 2019 годинаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Десетици илјади војници од земјите членки на НАТО, но и од други земји, во наредните неколку недели ќе учествуваат во повеќе воени вежби - од Финска до Северна Македонија.

„Со употреба на авиони, тенкови, артилерија и оклопни борбени возила, ќе бидат одржани вежби по должината на естонско-латвиската граница, во Финска,  Полска  и Северна Македонија“, пишува АП.

Во вежбите ќе учествуваат војници на  НАТО,  но и на Зaeдничките експедициски сили на Алијансата, кои ги вклучуваат  Финска и Шведска.  Подготовките за вежбите траеја во изминатите месеци, а руската агресија во Украина ја забрза намерата за проверка на интероперабилните можности на сојузниците, и ова се смета за најголемо вежбовно распоредување по Студената војна.

„Брз одговор“

Северна Македонија активно се подготвуваше за „Swift Response 22“, која е дел од вежбата „Defender Europe 22“ и ќе се изведува истовремено на 5 локации низ Европа. Планирачкиот процес за вежбата започна минатата година, а нејзината цел е извежбување на интероперабилноста на сојузничките армии. Воедно „Swift Response - 22“ ќе биде и најголемата воена вежба организирана досега во  Северна Македонија.  Во неа ќе учествуваат над 4.000 припадници на вооружените сили од осум земји членки на  НАТО:  од земјата домаќин, од  САД,  Обединетото Кралство, Франција, Италија, Албанија, Грција и Црна Гора. Во текот на вежбата ќе бидат изведени воздухопловни операции кои ќе вклучат 45 воздухоплови: ќе има надлетувања од хеликоптери, но и од транспортните авиони C-130 и C-27 и од борбените авиони А-10. Ќе се изведуваат десантни операции и ќе се реализираат над 700 падобрански скокови.

Според Министерството за одбрана, армискиот полигон „Криволак“ нуди исклучително добри услови за извежбување и развој на интероперабилноста помеѓу сојузниците.

Nordmazedonien Armee
Единица на македонската армијаФотографија: MOD North Macedonia

Македонската Влада уште во март донесе одлука за одобрување на влез и престој на странски вооружени сили на територијата на РСМ заради учество на оваа вежба и ги задолжи надлежните институции да преземат мерки за непречен влез на повеќе од 850 воени и цивилни моторни возила, како и на одреден број авиони, хеликоптери, беспилотни летала, вооружување, муниција, опрема и материјално-технички средства.

Учесниците на вежбата ќе бидат опремени со т.н. MILES- системи кои овозможуваат симулација на реални борбени дејства без да се користи боева муниција, а од МО најавија дека ќе бидат преземени сите мерки за безбедно одвивање на вежбата, без штетни влијанија врз животната средина.

Од Балтикот до Егејот

Британските медиуми им посветија големо внимание на вежбите во континентална Европа во текот на мај, со оглед дека во нив ќе учествуваат околу 8.000 британски војници. Дел од британските војници ќе бидат вклучени во оклопната бригада на Финска, која дели копнена граница со Русија од 1.336 километри. Британски војници ќе учествуваат и во воената вежба „Еж“ на естонско - летонската граница заедно со француски и дански војници, а ќе учествуваат и во вежбите во Полска и Северна Македонија.

Лондон смета дека ова е најголемо распоредување на британската војска во странство после Студената војна. Како што пренесе „Гардијан“, британскиот секретар за одбрана, Бен Валас, изјавил дека „бебедноста на Европа никогаш не била поважна“.

Командантот на копнената војска, генерал-полковник Ралф Вудис, смета дека Обединетото Кралство дава значаен придонес во одбраната на Европа и во спречувањето на  руската агресија.

„Серијата вежби на британската армија е фундаментална и за едното и за другото. Продолжуваме да се распоредуваме низ Европа, од Балтикот до Егејот“, изјавил Вудис.