1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнаа најголемите НАТО-маневри по крајот на Студената војна

ЕМФ / дв
25 октомври 2018

НАТО ја почна најголемата вежба од крајот на Студената војна. 50.000 војници две недели ќе тренираат во Норвешка и во околниот воздушен и поморски простор.

https://p.dw.com/p/379rv
Norwegen Nato-Großmanöver «Trident Juncture»
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Assanimoghaddam

Портпарол на НАТО соопшти дека командата во една минута по полноќ ја презел надлежниот американски адмирал Џејмс Г. Фого. Покрај 50-те илјади војници, во маневрите „Trident Juncture“ учествуваат и околу 10.000 возила, повеќе од 300 борбени авиони, како и хеликоптери и бродови. Целта на маневрите е да се тренира за т.н. сојузнички случај. Тој може да биде прогласен доколку биде нападната една или повеќе членки на НАТО. Во такот случај, помош мора да пружат другите сојузници во НАТО.

Официјално, маневрите не се насочени кон ниту еден потенцијален напаѓач. Меѓутоа, со оглед на со години растечките тензии со Русија, се работи и за демонстрација на сила и испраќање сигнал на заплашување во насока на Русија. Од политиката на Русија се чувствуваат загрозени пред сѐ Полска и балтичките држави - Литванија, Летонија и Естонија. Тие од НАТО бараат вооружување и поголемо заплашување. Оттука, не е случајност што маневрите се одржуваат во земја која има заедничка граница со Русија. Вежбата ќе се одвива во центарот и истокот на Норвешка, во Атлантикот и во Балтичкото море, како и во воздушниот простор над Финска и над Шведска.

Norwegen Nato-Großübung Trident Juncture
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Assanimoghaddam

Германскиот Бундесвер во маневрите учествува со 10.000 војници. Повеќе војници во вежбата има само од САД. Силниот ангажман на германски војници се објаснува пред сѐ со тоа што Германија од почетокот на 2019 година треба да ја преземе командата над силите за брза интервенција на НАТО. Силите за брза интервенција (Very High Readiness Joint Task Force) беа составени поради кризата во Украина и се исто така елемент на стратегијата на заплашување на Русија.

Во првата рунда на маневрите на НАТО, според наводи на алијансата, „јужните сили“, составени од војници од земји како Германија, Италија и Велика Британија ќе се бранат од напад на „северните сили“, кои ќе бидат составени од војници од САД, Канада и Норвешка. Во втората рунда „јужните сили“ би требало да изведат контрапад против „северните сили“. Покрај 29-те држави членки на НАТО, во маневрите учествуваат и земји партнери како Шведска и Финска.