1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел сведочи за скандалот со прислушувањето

16 февруари 2017

Канцеларката Меркел е веројатно последниот сведок кој ќе се појави пред Истражната парламентарна комисија за аферата со прислушувањето од страна на тајните служби. Во фокусот е една позната реченица на Меркел.

https://p.dw.com/p/2XfVZ
Angela Merkel mit BlackBerry Z10 Smartphone
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Со третиот канцеларски мандат на Меркел тесно се поврзани два цитата. Едната реченица е искажана летото 2015-та и таа требаше да покаже увереност со оглед на големиот број бегалци: „Ќе успееме“. Втората реченица е од есента 2013-та и таа требаше да биде израз на гнев поради тоа што американската тајна служба НСА го прислушувала нејзиниот мобилен телефон. „Прислушување на пријатели, тоа никако не оди!“Ако се направи обид за пребарување на интернет на овие две реченици, Гугл дава многу поинакви резултати од пребарувањето: околу 1,6 милиони информации за цитатотг за бегалците и само 25.000 за НСА-шпионирањето.

Големата разлика неочекувано јасно ja отсликува релевантноста на двете теми во јавноста. Бегалците играат континуирано голема улога, како во политиката, така и во секојдневието на луѓето. Систематското шпионирање на нашата приватност од страна на тајните служби, пак, повеќе или помалку стана тема на експертите. Возбудата поради откритијата на свиркачот Едвард Сноуден непосредно пред изборите за Бундестагот во 2013. година траеше само една година.

Symbolbild NSA Spionageaffäre
Кој што знаел за прислушувањето?Фотографија: picture-alliance/dpa

Познати сведоци

Истражната парламентарна комисија за аферата со прислушување од страна на НСА работи веќе три години. Интересот за нејзината работа често е близу - нула. Освен кога сведочат познати лица: поранешниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, поранешниот шеф на кабинетот на Меркел, Роналд Пофала, неговиот наследник Петер Алтмајер или поранешниот претседател на сојузната разузнавачка служба БНД, Герхард Шиндлер. И - сведочењето на германската канцеларка, со кое Комисијата има намера да го заврши сослушувањето на сведоците. Потоа треба да се напише завршниот извештај, во кој ќе бидат содржани изјавите на над сто испрашани сведоци и вештаци. Текстот би требало да биде готов во втората половина на јуни.

Името Меркел во овој текст сигурно ќе биде споменувано често. Сепак, очекувањата на пратениците од изјавите на шефицата на владата не се големи. Зошто таа би знаела повеќе за работата на НСА и БНД од стручњаците надлежни за тоа? Вистинското или наводното немање поим за прислушувањето може да се опфати со реченицата на ополномоштеникот за работењето на тајните служби Клаус-Дитер Фриче: „Ако нема знаци дека треба да се постави прашање, не се поставува.“

Притоа, бројот на отворени прашања е голем. Меѓу нив и овие: Кој во кој момент знаел дека не само НСА, туку и БНД прислушува пријателски држави? Зошто за тоа кабинетот на канцеларката не знаел ништо? Со овие прашања Меркел ќе биде соочена во Истражната комисија. Но, пратениците кои се членови на Комисијата од неа ќе сакаат пред сѐ да знаат што мислела со својата позната реченица: „Прислушување на пријатели, тоа никако не оди!“ Дали тоа бил искрен гнев или само тактички маневар, со надеж дека возбудата брзо ќе се смири?