1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НСА/БНД: Што знаела и што знае Меркел?

Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска12 август 2013

Во аферата околу шпионирањето на американските и германските тајни служби секој ден излегуваат нови детали. Кризниот менаџмент на германската влада не настапува уверливо, но тоа важи и за опозицијата.

https://p.dw.com/p/19Noi
Фотографија: Reuters

Веќе два месеца откритијата на американскиот екс-разузнавач Едвард Сноуден се тема број еден во Германија. Според тврдењата на компјутерскиот специјалист, неговиот поранешен работодавач, американската тајна служба НСА, систематски го надгледува интернетот низ цел свет. Германија била посебно на нишанот на американските прислушувачи.

Кратко по објавувањето на овие тврдења, американскиот претседател Барак Обама во средината на јуни го посети Берлин и пред Бранденбуршката порта одржа со нетрпение очекуван говор. Тој многу зборуваше за демократијата и слободата и потребата тие да се одбранат. На темата Сноуден и прислушувањата, Обама се изјасни дури на прашање поставено на прес-конференцијата одржана со канцеларката Ангела Меркел. Неговата тогашна порака гласеше: се‘ е законски. Германската канцеларка изрази разбирање за загриженоста на граѓаните поради неконтролираниот надзор и истакна дека обемно разговарала со Обама за тоа. Притоа не биле отстранети сите разлики во мислењата, но таа вети натамошни разговори со Обама.

Bildergalerie Politiker Gestik Obama und Merkel am Brandenburger Tor 19.06.2013
Барак Обама и Ангела Меркел во Берлин, архиваФотографија: Christof Stache/AFP/Getty Images

Постојано нови откритија

Откритијата за шпионската програма со толку звучни имиња како Призма и Икскискор стануваа се‘ побризантни поради новите извештаи на националните и меѓународните медиуми. Одеднаш во фокусот се најде и германската тајна служба БНД, која наводно наголемо им проследувала информации на колегите од НСА. Тогаш повеќепати заседаваше Парламентарната контролна комисија, задолжена за контрола над тајните служби, во чиј состав се претставници на сите партии застапени во Бундестагот. Пред неа исказ даде лично и канцеларката Меркел, заедно со шефот на нејзиниот кабинет, Роналд Пофала, кој е задолжен за тајните служби. Пофала изјави дека „тајните служби работата според правото и законот, а стопроцентно се придржуваат кон заштитата на податоците“.

За ново возбудување на почетокот на август се погрижи веста дека БНД само во декември 2012 година проследила околу 500 милиони записи и информации на НСА. Бројката наводно потекнува од информациите на Едвард Сноуден, кој во меѓувреме доби азил во Русија.

Sondersitzung Parlamentarisches Kontrollgremium Bundestag Berlin
Роланд Пофала треба да изнесе повеќе информацииФотографија: picture-alliance/dpa

Канцеларката Меркел, која моментно е на годишен одмор, преку Георг Штрајтер, заменик на нејзиниот портпарол, порача - не е направено повеќекратно кршење на основните граѓански права од страна на германските тајни служби и тие се придржуваат на законите за заштита на податоци. Тоа е најбитното, порача Меркел. Опозицијата ги оцени за недоволни објаснувањата дека проследувањето податоци се врши на законска основа и само во поединечни случаи, на пример дека во 2012 година се проследени само две информации со податоци за едно лице.

За мнозинството граѓани, Меркел е неверодостојна

Владата на Меркел уште не се изјасни дали НСА се придржува на германските закони. Заменикот портпарол Штрајтер соопшти дека се побарани информации од Американците, но не се се‘уште добиени, без да прецизира какви информации се барани. Токму ваквиот начин на информирање ја иритира јавноста во Германија. Според анкетите, мнозинството граѓани ја смета Меркел за неверодостојна во однсо на шпионската афера.

Во меѓувреме, и шефот на пратеничката група на опозиционата Социјалдемократска партија, Франк-Валтер Штајнмајер е вовлечен во аферата. Тој имено беше шеф на кабинетот на претходниот канцелар Герхард Шредер, додека на власт беа Социјалдемократите заедно со Зелените. Во 2002 година, додека Штајнмајер беше задолжен за тајните служби, е склучен договорот меѓу НСА и БНД за тајна соработка во борбата против тероризмот, при што причина беа терористичките напади од 11 септември 2001 година.

SPD-Bundestagsfraktionsvorsitzender Frank-Walter Steinmeier
И Франк-Валтер Штајнмајер е вовлечен во афератаФотографија: picture-alliance/dpa

Што договорил Штајнмајер?

Обвинувањата кои опозицијата и‘ ги упатуваше на Меркел, веројатно во предизборни цели, сега се враќаат како бумеранг. Штајнмајер, кој во првиотмандат на Меркел од 2005 до 2009 година беше министер за надворешни работи, се брани против вербалните напади врз него.Она што во 2002 година било нужно, нема никаква врска со со „речиси планското, непрекинато, раширено искористување на приватните податоци“, порача Штајнмајер. Но, граѓаните на Германија до денес малку знаат што договорил Штајнмајер пред десетина години со Американците. Повеќе транспарентност и одговори јавноста очекува од денешниот (12.08) состанок на Парламентарната комисија. Актуелниот шеф на кабинетот на Меркел, Пофала би требало да изнесе нови податоци. На минатиот состанок стануваше збор за два милиони записи, додека Сноиден зборува за 500 милиони. Во меѓувреме граѓаните со чудење и лутина ја следат целата афера, прашувајќи се што и колку навистина знаат за нив НСА и БНД.