1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел оди во офанзива наспроти критиките од својата партија

У. Винкхаус / Г. Измар (дпа)
12 февруари 2018

Канцеларката Меркел не попушта под притисокот. Додека од нејзината партија се множат критиките дека во коалиционите преговори им дала премногу на социјалдемократите, таа преминува во офанзива.

https://p.dw.com/p/2sVIe
Deutschland Bundeskanzlerin Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/E. Contini

Канцеларката Ангела Меркел има намера да владее уште цели четири години. „Четири години се она што го ветив, а јас сум од оние луѓе кои го одржуваат ветеното“, изјави канцеларката вчеравечер во интервју за телевизијата ЗДФ. Меркел не е на мислење дека губи на авторитет. Таа најави дека имињата на шесте министри на ЦДУ во новата влада ќе ги соопшти до партискиот конгрес на 26 овој месец, на кој делегатите на нејзината ЦДУ ќе одлучуваат за коалициониот договор постигнат со социјалдемократите.

Во ЦДУ постои прилично големо незадоволство поради фактот што СПД, која со освоени 20,5% од гласовите го постигна најлошиот резултат во својата историја, би требало да ги добие клучните ресори - надворешни работи, финансии, труд и социјала и уште три други министерства. Но, со оглед на тоа што гласањето за коалциониот договор кај СПД важи за сѐ, само не за сигурно, Меркел, по пропаста на преговорите со ФДП и Зелените, се одлучи да го одбере помалото зло за да добие стабилна влада и да избегне нови избори.

Меркел е канцеларка од 2005 година и доколку остане на функција уште 4 години ќе биде претседателка на влада цели 16 години, односно исто колку што владееше Хелмут Кол. Во интервјуто за ЗДФ канцеларката вчеравечер рече дека пред да се одлучи за уште една кандидатура наголемо дискутирала со својата партија дали таков потег би бил исправен. „Тогаш беше речено да“, изјави таа, додавајќи дека и лично многу размислувала и останува уште цели четири години. Според неa, истото важи и за шефовската позиција во партијата.

Angela Merkel beim ZDF
Канцеларката Меркел во интервјуто за ЗДФ со борбен ставФотографија: picture-alliance/ZDF/T. Ernst

Канцеларката истовремено најави персонална обнова на владата и партијата. Треба да се покаже дека ЦДУ може да настапи со нов тим, рече Меркел, потенцирајќи дека ќе внимава да не бидат поставени само луѓе над 60-годишна возраст, туку и помлади.

Поранешниот премиер на покраината Хесен, Роланд Кох (ЦДУ), од Меркел побара да го реши прашањето околу наследникот. „Партиското раководство и лидерката Ангела Меркел на избирачите им се должни одговор на прашањето која е наредната генерација која ќе преземе одговорност“, изјави Кох за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Според него, не би било разумно на смената во врвот на партијата да се чека до наредните избори.

Повеќе:

Висока цена за четвртиот мандат на Ангела Меркел

Германија: Последниот збор ќе го има СПД

Мартин Шулц се откажува и од министерските амбиции

Во однос на острите интерни критики дека важните ресори ѝ се препуштени на СПД, Меркел вели: „Ние, како ЦДУ, сигурно плативме цена за да се добие стабилна влада.“ Меѓутоа, додаде таа, „не би било одговорно“ да се дозволи да пропаднат преговорите за голема коалиција поради ресорите. На крајот за ресорите се преговарало 12 часа, информираше канцеларката. Таа изрази голема почит за Мартин Шулц, кој откако лидерската функција во партијата ја препушти за да стане дел од владата, потоа поради интерен спор во СПД се откажа од тоа. Меркел нагласи дека со Шулц преговарала секогаш фер. „Ова се неверојатни времиња за него.“ Околу ироничните изјави на генералниот секретар на СПД Ларс Клингбајл дека доколку се пореговарало уште половина ден, СПД ќе ја добиела и канцеларката функција, Меркел рече: „Еден СПД-генерален секретар би морало да каже и по некој љубезен збор деновиве.“