Мартин Шулц се откажува и од министерските амбиции
9 февруари 2018Мартин Шулц, претседател во заминување на Социјалдемократската партија на Германија, поради растечкиот притисок во сопствените редови, објави дека се откажува од планот да биде министер за надворешни работи во идната германска влада. Тој длабоко се надева дека потегот ќе стави крај на дебатата за пресоналните решенија во СПД и дека неговите лични амбиции мора да стојат во втор план, зад интересите на партијата. Во дискусијата која се разгоре во СПД околу неговата личност, Шулц гледа опасност за успешен позитивен референдум за влез на неговата партија во идната голема коалиција, во која СПД доби три клучни министерства. За сѐуште актуелниот лидер на СПД најголемо значење има партиското членство да даде согласност за коалициоскиот договор со ЦДУ и ЦСУ, зашто тоа исто така треба да е убедено во неговата содржина како и тој самиот, се вели во соопштението на Шулц.
Повеќе на темата:
Висока цена за четвртиот мандат на Ангела Меркел
Партиски книшки во СПД за минирање на големата коалиција?
Претходно весникот „Билд“ објави дека од раководството на СПД му бил доставен ултиматум на Шулц, до денеска попладне да се откаже од министерските амбиции, со оглед на незадоволството во базата, посебно во најголемата партиска покраинска организација, онаа во Северна Рајна Вестфалија. Мартин Шулц, по изборите за Бундестагот во септември минатата година, првично изјави дека во никој случај нема да стане член на влада на Ангела Меркел. Најавите дека Шулц ќе биде иден министер за надворешни работи предизвикаа револт и кај сегашниот шеф на дипломатијата, Зигмар Габриел, исто така од СПД, кој го обвини Шулц за кршење на дадениот збор- дека Габриел ќе остане на таа функција во идната коалициска влада. Партиските раководства на ЦДУ, ЦСУ и СПД во средата постигнаа согласност за формирање владина коалиција, но за да може да се формира влада, зелено светло за коалицијата треба да дадат партиските членови на СПД на внатрепартиски референдум во следните неколку недели. Во партијата постои голем отпор кон ново издание на големата коалиција. Шулц во средата објави дека се повлекува од лидерската позиција во СПД и ѝ ја препушта на Андреа Налес.