Меркел: Македонија и Грција никогаш поблиску до решението
21 февруари 2018Спорот за името беше централна тема на разговорите на македонскиот премиер Зоран Заев и германската канцеларка Меркел во Берлин.
Меркел рече дека е многу среќна и со олеснување ги примила вестите за придвижување во разговорите.
„Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решение во спорот за името во последните десет години", рече Меркел.
Притоа, германската канцеларка предупреди дека вршење притисок во преговорите нема да биде од корист никому, одговарајќи на тој начин на новинарско прашање околу можноста да изврши влијание врз Грција. Таа, барем јавно, отфрла можност на било кој начин да влијае врз преговорите за името или врз двете земји и како што вели, јавните изјави некогаш повеќе можат да штетат отколку да користат. „Најдобро е да се разговара зад затворени врати", вели Меркел.
Повеќе:
-Меркел за спорот за името: Компромисите се болни, но неопходни
-Берлин- клучна станица на патот до решение на спорот за името?
За македонскиот премиер ова беше прва официјална посета на Берлин. Заев доби официјален пречек пред кабинетот на канцеларката, а заедно со тројца министри од неговата влада имаше и заеднички ручек со Меркел.
По состанокот тој се заблагодари за поддршката која Германија и ја дава на Македонија и на економски и на политички план и потсети дека годинава се навршуваат 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Германија. Во решението за спорот за името ќе бидат вклучени опозицијата и претседателот, а ќе се бара одобрување и од граѓаните, најави македонскиот премиер.
Заев ја покани Меркел и во посета на Македонија.