1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Итно ни требаат стручњаци од земји надвор од ЕУ

ЖА /ДВ
16 декември 2019

„Успејте во Германија“ - со овој слоган земјата сака да регрутира стручњаци од странство. Ако проблемот не се реши, можни се драстични последици, предупреди канцеларката Ангела Меркел пред денешниот самит на оваа тема.

https://p.dw.com/p/3UsZy
Brüssel Europäischer Rat | Angela Merkel, deutsche Bundeskanzlerin
Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/Le Pictorium Agency/N. Landemard

„Успејте во Германија" - со овој слоган Германија сака да регрутира стручњаци од странство. Германската канцеларка, во пресрет на самитот кој денеска ќе се одржи во нејзиниот кабинет во Берлин, го искористи и своето редовно саботно видео-обраќање за да ја алармира јавноста поради  недостиг од квалификувана работна сила во Германија,  предупредувајќи дека тоа може да ги натера германските компании да се преселат во странство.

„Знаеме дека многу сектори и компании бараат квалификувани работници,“, изјави Меркел. „Без доволно квалификувани работници, Германија не може да биде успешна како деловна локација. Затоа е неопходно да ги вложиме сите напори за вработување доволен број стручњаци. Во спротивно, компаниите ќе мораат да се селат, а тоа, се разбира, не го сакаме“, истакна Меркел.

Предупредувањето на Меркел доаѓа во пресрет на денешениот самит во Берлин посветен на овој проблем, на кој ќе учествуваат меѓу другите претставници на владата, работодавачите и синдикатите.

Квалификувани работници од земји надвор од ЕУ

Германија сака да го реши  недостигот на стручњаци  со пружање „добра обука за што поголем број луѓе“, изјави Меркел. Истовремено, Берлин планира вработување на квалификувани луѓе од други држави-членки на ЕУ, но и надвор од неа.

Во Германија веќе работат 2,5 милиони луѓе од земјите од ЕУ. „Но, тоа не е доволно и затоа мораме да бараме квалификувани работници надвор од ЕУ3, истакна Меркел.

Deutschland ausländische Experten
Фотографија: picture-alliance/dpa

Законот за имиграција на квалификувани работници  кој треба да стапи во сила од први март 2020 година има за цел на квалификуваните работници кои не се од ЕУ да им го олесни доаѓањето во Германија. Во нив спаѓаат и земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија.

Инаку, за време на бегалската криза кон крајот на 2015 година, германската влада усвои  посебен привремен план кој важи до крајот на 2020 година,  кој отвора можност за добивање работни визи и за нискоквалификуваните работници од овие држави. Предуслов за добивање работна виза е доказ дека е обезбедена соодветна платена работа во германска фирма. Целта на овој привремен план беше да спречи луѓето од Западен Балкан да поднесуваат неосновани барања за азил. Сојузната агенција за вработување во 2018 година издала неопходно одобрување за поднесување барања за виза во околу 46.000 предмети - од нив се доделени само околу 21.000 визи. Засега нема планови за продолжување на овој „специјален план“ за визи за луѓето од Западен Балкан.

Стручњаци кои и` се потребни на Германија

Денешниот самит треба да даде одговор на прашањето како најдобро да се примени новиот  закон за квалификувана имиграција,  заедно со меморандум за разбирање кој ќе биде усвоен на крајот од состанокот.

Нацртот на документот, цитиран од група новининари од Редакциската мрежа на Германија (РНД), ја повикува државата да ангажира доболнителен персонал и да органиизра централа која би помогнала во забрзувањето на издавањето визи. Во него исто така се вели дека е потребно проширување на понудата на курсеви по германски јазик, така што потенцијалните квалификувани работници да можат да ги завршат и во своите земји на потекло.

На Германија најпотребни и` се инженери по електротехника, металски и инженери по мехатроника, готвачи, медицински сестри, негуватели, ИТ стручњаци, односно програмери.  Германската влада настојува да привлече и стручњаци од Мексико, Филипини, Бразил, Индија и Виетнам.

Германскиот министер за труд Хубертуис Хајл се потруди да ја ублажи загриженоста во дел од населението кое е недоверливо кон имигрантите, со изјавата во весникот „Аугсбургер алгемајне“ дека потегот на владата за регрутирање стручњаци не се однесува на неконтролирана имиграција, туку на квалификувани луѓе кои и` се потребни на Германија за да може и во иднина да остане економски силна.