1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во Аушвиц: Се срамам од варварските злосторства

БГ/ ДПА
6 декември 2019

Ангела Меркел за првпат како канцеларка го посети поранешниот нацистички концентрационен логор Аушвиц во Полска и порача дека признавањето на злосторствата е клучен дел од германскиот идентитет.

https://p.dw.com/p/3UMNx
Angela Merkel und  Mateusz Morawiecki   Auschwitz-Birkenau
Фотографија: Reuter/K. Pempel

„Сеќавањето на злосторствата е одговорност која никогаш не завршува“, порача германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата.
„Да се биде свесен за таа одговорност е дел од нашиот национален идентитет, нашето саморазбирање како просветено и слободно општество“.
Меркел е третиот германски канцелар во историјата која го посетува местото кое стана симбол за Холокаустот.
Таа изрази „длабок срам“ за „варварските“ и „непојмливи“ злосторства во Аушвиц и во блискиот Биркенау, каде беа убиени еден милион Евреи во периодот од 1940 д0 1945 година.

„Ова место не обврзува да го сочуваме сеќавањето за тоа што се случи тука. Мора да ги запаметиме злосторствата кои тука се случија и јасно да ги дефинираме“.
„Мора јасно да се идентификуваат злосторниците. Тоа им го должиме на жртвите и на себеси“, рече Меркел.

Bundeskanzlerin Merkel besucht KZ Auschwitz
Ангела Меркел пред влезот во АушвицФотографија: picture-alliance/dpa/R. Michael

„Аушвиц не учи дека не смееме да замижиме кон оние кои се прогонувани денеска, во време на растечки анти-семитизам и зголемени напади врз либералната демократија“.

Меркел денеска тргна по стапките на нејзините претходници, канцеларите Хелмут Шмит во 1977 и Хелмут Кол кој го посети логорот во 1989 и 1995 година. Таа досега посети повеќе поранешни концентрациони логори, и пет пати беше во Меморијалниот центар на Холокаустот Јад Вашем во Ерусалим.
Во 2008 година, таа стана првиот германски лидер кој се обратил пред израелскиот парламент. 
Нејзината посета на Аушвиц се случува два месеци по нападот врз синагогата во германскиот град Хале во кој беа убиени две лица. Полициските извештаи покажуваат дека анти-семитските инциденти во Германија пораснале за 10 проценти во последната година во споредба со претходната- највисоко ниво во последната деценија.