Меркел првпат во Аушвиц - логорот на смртта
6 декември 2019„Во суштина, ова место наложува молк. Но, сигурен сум дека германски канцелар овде не смее да молчи“, вака поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит го почна својот говор во Аушвиц во еден тмурен ноемвриски ден во 1977. година. Тоа беше прва посета на еден германски канцелар и воопшто висок по ранг германски политичар во поранешниот концентрационен логор, во кој до 1945. година беа убиени околу еденипол милиони луѓе. Тогаш 58-годишниот Шмит, кој во Втората светска војна и самиот служел во Вермахтот, се обрати кон Полјаците, „кои најмногу страдаа“, зборувајќи за одговорноста и вината, за потребата политиката да се темели на морал. Полската телевизија вршеше пренос во живо од обраќањето.
За германски канцелар посетата на Аушвиц секогаш е тежок и деликатен чин. Дванаесет години по Шмит, на местото на ужасот стигна и неговиот наследник на канцеларската функција, Хелмут Кол, во ноември 1989. година, во време кога падна Берлинскиот ѕид. Кол ја прекина посетата на Варшава, отпатува во Берлин и во Бон, за потоа да се врати во Полска, меѓу другото да го посети Аушвиц. Таму Кол наврати уште еднаш, шест години подоцна, во јули 1995. година. Со тогашниот полски министер за надворешни работи, Владислав Бартошевски (1922-2015), кој од септември 1940. до април 1941. година и самиот престојувал и страдал во Аушвиц, Кол положи венец на меѓународниот Споменик во Биркенау.
Помош за зачувување на Меморијалот
Сега, речиси 24 години подоцна, повторно германски канцелар е во посета на Аушвиц, Меркел е прва која потоа нема да патува во Варшава. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ќе ја придружува во Аушвиц, заедно со преживеан поранешен затвореник од логорот и претставници на еврејски организации.
Официјален повод е десетгодишното постоење на Фондацијата Аушвиц-Биркенау, чија цел е одржување на Меморијалот на теренот на поранешниот логор на смртта. Основањето на Фондацијата беше иницирано уште од Бартошевски. Меркел во Аушвиц во овој поглед на оди со празни раце: Германија ќе ја поддржи Фондацијата Аушвиц-Биркенау со 60 милиони евра, со оглед што првобитно предвидениот капитал за зачувување на споменичниот комплекс не е доволен.
Солидарноста со Евреите и зачувување на предупредувачките спомени на нацистичките злодела се дел од канцеларувањето на Меркел: таа пет пати патуваше во израелскиот Споменик на холокаустот Јед Вашем, во 2009. година го посети Бухенвалд, во 2013. година заедно со преживеаните престојуваше во поранешниот концентрационен логор Дахау, каде повторно дојде во 2015. година - на 70-годишнината од ослободувањето на овој логор.
По случувањата во Хале
Меркел, како и Шмит, а за разлика од Кол, ќе има обраќање во Аушвиц, во логорот за уништување Биркенау, ќе се поклони пред т.н. Црн ѕид. Локацијата каде се вршело погубување на затворениците за многумина Полјаци има огромно значење, со неа ги поврзува емоционално сеќавање.
Повеќе:
Посета на „најужасното место на светот“
„Беше многу полошо од ова што ви раскажувам“
„Ние сме последни меѓу преживеаните од Аушвиц“
Од перонот 17 директно во смрт
Во 2013. година при посетата на концентрациониот логор Дахау, Меркел зборуваше за „беспримерно ужасно и нечовечко поглавие во германската историја“, за „постоечката и трајна одговорност“, изричито порачувајќи: „Места како ова значат предупредување до секој поединец да помогне такво нешто никогаш веќе да не се повтори. Никој не смее да дозволи преку рамнодушност, со подигање рамена или дури со одобрувачки аплауз, да се врши запоставување, притисок или прогон на луѓе кои на крајот мора беспомошно да стравуваат за својот живот“.
Расположението и политичката ситуација во Германија во последниве години се променети. Пред два месеци двајца луѓе беа убиени од страна на еден десничарски екстремист, чија намера била насилен влез во синагогата во Хале. Само среќните околности спречија таму да се случи големо крвопролевање. Сегашната посета на Меркел во Аушвиц од овој аспект е посебно важен сигнал на солидарност со преживеаните од стравотиите, соопшти Меѓународниот комитет во Аушвиц.