Меркел разговарала со Борисов и очекува решение наскоро
17 декември 2020Германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Бундестагот мораше да одговара и на критиките на пратеникот од нејзината партија ЦДУ, Гинтер Крихбаум во врска со неуспехот на германското претседателство со ЕУ да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија до крајот на годинава, како што беше ветено. Крихбаум, кој е претседател на парламентарната комисија на Бундестагот за односи со ЕУ, оцени дека јавноста уште еднаш била сведок на злоупотребата на правата на земјите-членки во рамките на ЕУ.
„Не успеавме секаде да постигнеме пробив, на пример за почеток на преговорите со Северна Македонија. Тоа е штета и уште еднаш доживеавме една злоупотреба на позицијата на една земја- членка против една земја-кандидат со наметнување на билатерални барања. И, мора јасно да се каже, со вршење притисок. Како ги оценувате шансите во блиска иднина да се надмине блокадата на Бугарија?", праша Крихбаум.
Меркел беше многу кратка во одговорот:
„Уште еднаш разговарав со бугарскиот премиер Бојко Борисов и се надевам дека овие прашања ќе се надминат во блиска иднина“, рече германската канцеларка.
-повеќе на темата: Кога Меркел „мајчински“ опоменува
Германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн вчера, во интервју за ДВ, најави дека темата за проширувањето и дефинитивно веќе се сели во рацете на следното португалско претседателство со ЕУ, а потоа и на словенечкото.
„Проширувањето е во добри раце со следното португалско и потоа словенечко претседателство. Ние со нив формиравме Тројно-претседателство за период од 18 месеци- ги усогласивме нашите програми, многу тесно соработуваме, и нашите португалски пријатели кои сега ќе преземат се многу свесни дека одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и, доколку се исполнат условите и со Албанија, е приоритет."
Холштајн и честиташе на македонската влада на однесувањето во последните месеци, и беше критична кон ЕУ поради неисполнетото ветување кон Скопје.
„Да кажам отворено: ЕУ вети нешто и, во моментов, не успеа да си го одржи ветувањето. Нема сомнеж во тоа. Ние многу се трудевме, но не успеавме да го исполниме ветувањето кое беше дадено во март“, рече Холштајн.