Меркел бара договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија
2 ноември 2019Германската влада планира форсирано врбување на итно потребните странски стручњаци. Германската канцеларка Ангела Меркел за време на нејзината посета на Индија најави нова иницијатива во тој правец. Според неа, од март 2020 година германските комори за надворешна трговија во светот ќе бидат поврзани во заедничка мрежа. „Нашиот предлог е коморите за надворешна трговија да станат појдовни бази во регрутирањето квалификувани кадри“, изјави Меркел во Њу Делхи. Преку нив, во тесна координација со конзулатите, ќе треба да бидат подготвувани барањата за доделување визи. Германските фирми одамна се жалат поради долгите процедури за издавање визи на соработниците кои итно им се потребни и бараат поголема флексибилност од министерствата за надворешни и за внатрешни работи. Меркел најави дека уште годинава ќе следат конструктивни разговори околу издавањето визи со претставници на економијата. Во одделни земји од јужниот дел на ЕУ веќе се врши придобивање на стручњаци преку германските комори.
Меркел на крајот од својата дводневна посета на Индија се заложи и за привлекување поголем број индиски студенти во Германија, како и за зајакнување на економските односи меѓу двете земји. Германската канцеларка инсистира на нови преговори на ЕУ со Индија околу склучување договор за слободна трговија. Меркел изјави дека на таа тема водела исцрпни разговори со индискиот премиер Наренда Моди. Новата Европска комисија би требало да ги заживее разговорите кои се блокирани во 2013 година, главно поради несогласувања околу јавните трошоци и земјоделството.
Повеќе:
Токсично добредојде за Меркел во Њу Делхи
Голем потенцијал за германско-индиска соработка
Доселениците од ЕУ-земјите се мотор за германската економија
Германија не е многу атрактивна за странски стручњаци
Освен тоа, Германија во следните пет години ќе стави на располагање една милијарда евра за модернизација на индискиот локален сообраќај. Меркел најави дека со овие средства ќе се финансира на пример набавка на 500 електрични автобуси и замената на 2.000 стари автобуси на дизел гориво. Таа уште вчера изјави дека индискиот пазар располага со голем потенцијал и се надева на договори за германските фирми во областа на изградбата на инфраструктурата во Индија. Водени се веќе разговори околу германско учество во железничкиот сектор, посебно во планираната траса за брзи возови. Како исклучително изгледна се споменува и соработката на германски и индиски фирми во ИТ-браншата.
Како еден од најголемите проблеми Меркел го наведе „бирократскиот лавиринт“ низ кој мора да се пробиваат на пример германските средни по големина фирми во Индија, за што разговарала отворено со премиерот Моди.
Во меѓувреме почна да функционира забрзана постапка за германските фирми, со која индиската влада излегува во пресрет на нивните барања.