Доселениците од ЕУ-земјите се мотор за германската економија
1 ноември 2018Доселувањето од другите држави членки на Европската унија придонесло за зголемување на економскиот пораст во Германија во просек за 0,2 проценти годишно во периодот од 2011 до 2016 година. Во најновата студија на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) се оценува дека најголемо зголемување на порастот имало во 2015-та, година кога доселувањето од земјите на ЕУ во Германија било најголемо.
Во 2011 година од другите држави членки на Унијата во Германија годишно се доселувале во просек по повеќе од 720.000 луѓе, односно вкупно над 5,1 милиони. Доселувањето од остатокот на ЕУ стана можно со почетокот на слободата на избор на место на живеење и работа за ЕУ-граѓаните во 2011 година. Бариерите за граѓаните од Романија и Бугарија паднаа во 2014 година, а за Хрватите во 2015 година.
Главни причини за миграција, според ДИБ, е лошата економска ситуација во земјите од каде доаѓаат доселениците во споредба со економската ситуација во Германија. „ЕУ-доселениците кај нас доаѓаат за да најдат работа“, се оценува во студијата на ДИВ. Најголемиот дел од доселениците се млади и добро квалификувани. Со оглед на тоа што германското население старее и германскиот пазар има сѐ повеќе потреба од стручна работна сила, Германија би морала да биде заинтересирана за натамошно доселување, се препорачува во студијата. „За да се остане атрактивен за доселениците од Европа, Германија би требало да направи поголеми напори, зашто во меѓувреме во многу земји, пред сѐ во еврозоната, економиите повторно се во нагорна линија“, вели авторот на студијата Мариус Клеменс.
Според него, важно е доселениците да добијат повеќе можности за работа која одговара на нивните квалификации. За таа цел се неоподни попрагматични постапки на признавање на квалификациите.