1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагите за убиството на новинарката водат кон владата?

Барбара Везел
21 ноември 2019

Полицијата во Малта го уапси бизнисменот Јорген Фенех во врска со убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција. Полицијата наводно добила информации од трето лице кое исто така е уапсено.

https://p.dw.com/p/3TSJN
Malta Verhaftung Yorgen Fenech - Jachthafen Portomaso
Фотографија: Reuters/PBS Malta

„Мислиме дека него го баравме“, вели блогерот и автор Мануел Делиа за апсењето на Фенех. Делиа со двајца други новинари неодамна ја објави книгата „Убиство во Малтешки Експрес“, во која е опишана позадината на корупцијата во владата, перењето пари и мафијашките мрежи на средоземноморската државичка. Секако дека Јорген Фенех, кој во рани зори беше уапсен од страна на полицијата, „е невин сѐ додека не се докаже неговата вина“, но истражувачките новинари веќе подолго време се убедени дека Фенех стои зад убиството на најпознатата новинарка на Малта, вели Делиа. Фенех е еден од најпознатите бизнисмени на островската држава.

Повеќе: Малта: битка против корупцијата, измамниците и имбецилите

Убиството на новинарката ги потресе Малта и ЕУ

Поминаа нешто повеќе од две години откако Дафне Каруана Галиција беше убиена од експлозија на поставена бомба во нејзиниот автомобил на улица во близина на нејзиниот дом. Експлозијата беше толку силна што новинарката немала никакви шанси да ја преживее. Делото предизвика внимание надвор од границите на Малта бидејќи беше прв случај на убиство на новинар во ЕУ во кој сомнежот беше лоциран во политички кругови.

Галиција пишуваше за корупцијата, за соработката меѓу олигарси и политичари, кои средоземноморската држава ја направиле рај за нелегални трансфери на пари, пасоши на црно, даночни затајувања и офшор фирми. Европскиот парламент испрати делегација за да се закани за расчистување на случајот, потоа критикуваше дека истрагата се одвива бавно и изрази сомнеж за интегритетот на полицијата и судството. Во декември 2017 година беа уапсени тројца ситни криминалци кои наводно ја поставиле и активирале бомбата.

Потоа настапи прекин во истрагата и покрај натамошни интервенции од Брисел. Сега изгледа дека се врти листот. „Владата сфати дека цел свет се интересира за случајот и дека веќе не може да се сокрие", вели Мануел Делиа.

По смртта на новинарката тој си зел за задача да ја продолжи нејзината работа, како и да притиска за расчистување на случајот. Исто така и синовите на убиената новинарка и една меѓународна група новинари во рамки на проектот „Дафне“ постојано објавуваа детали за малтешката корупција.

Malta | Gedenken an die ermordete Journalistin Daphne Galizia
Дафне Каруана Галиција беше убиена од експлозија на поставена бомба во нејзиниот автомобил Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Klimkeit

Трагата од посредникот до налогодавачот

Во вторникот се појави неочекувано соопштение од премиерот на Малта, Јосеф Мускат. Тој јавно вети неказнивост за секој посредник кој пред суд ќе донесе докази со кои ќе се обелодени вистинскиот налогодавач на убиството. Со помош на Интерпол е откриена меѓународна група за перење пари, која меѓу другото водеше кон апсење на малтешкиот таксист Мелвин Теума, кој на локалните власти им е познат како лихвар.

Теума се чини стравувал за својата безбедност во притвор, поради што бара ослободување за сите негови досегашни деликти во замена за докази за нарачателот на убиството на Галициа. Тој наводно има цврсти материјални докази в раце – снимен тонски доказ од разговор меѓу двајцата и доказ за исплата на готовина. Теума признава дека ги регрутирал тројцата криминалци, кои ја поставиле бомбата во автомобилот на новинарката и ја активирале. Тројцата го негираат делото.

Вчера наутро малтешката полиција во драматична акција конечно го спречи обидот за бегство на осомничениот бизнисмен Јорген Фенех кој со својата јахта веќе ја напуштал Малта. Полицијата врши претрес во бродот со што по 48 часа треба да достави докази за притвор. „Најверојатно ќе биде задржан за помали дела, додека не се добијат доказите за вмешаност во убиството“, вели Мануел Делиа. Информацијата за Фенех најверојатно е добиена од Мелвин Теума.

Повеќе: Малта - случај за санација во ЕУ

Кој е Јорген Фенех?

Фенех е трета генерација на едно од најпознатите малтешки претприемачки семејства кои имаат свој удел во хотели, ноќни клубови, казино, како и во производство на енергија и бродоградба. Нивното богатство се проценува на стотици милиони. Уште минатата година беше објавено дека Фенех е сопственик на „17 блек“, една од две дубиозни компании во Дубаи. Оттаму трагата води кон Мосак Фонсека, озлогласена правна фирма од Панама, која е инволвирана во тајни трансфери на пари на Кариби. Примател на парите е малтешкиот министер за туризам Конрад Мици и шефот на кабинет Кит Шембри. Дафне Каурана Галиција уште пред нејзината смрт пишуваше за „17 блек“.

Вистинската поврзаност со убиството е преку еден од најголемите јавни градежни проекти на Малта – изградба на централа за гас во Делимара 2013. Сопственици се Сименс, државните енергетски власти Сокар од Азербејџан и малтешкиот холдинг Електрогас, во кој повторно е инволвиран Јорген Фенех. Во однос на ова подолго време има сонежи за корупција.

Убиената новинарка имала увид во интерната мејл-кореспонденција. Оттука е познато дека договорите за производство на енергија во Делимара ги чинеле малтешките граѓани милионски суми бидејќи при купувањето на потребниот течен гас ЛНГ посредниците систематски ги пренасочувале парите за поткуп и коруптивни исплати.

Malta Unternehmer Yorgen Fenech
Осомничениот бизнисмен Јорген Фенех е уапсен додека се обидувал да избега со својата јахта Фотографија: Reuters/Malta Government/J. Wonnacott

Трагите водат кон Владата

Синовите на убиената го вперуваат прстот кон поранешниот минстер за енергетика и актуелен министер за туризам, Конрад Мици и шефот на кабинет Кит Шембри, за кои постои сомневање дека добиле мито од милионски суми. Европарламентарецот Свен Гиголд беше дел од првата делегација од Брисел, која по убиството побара расчистуваење на мотивите и го критикуваше високиот степен на корупција и киминал на островот. „Апсењето на Фенех мора да има политички консеквенции. Министерот за туризам Мици и шефот на кабинет, Шембри треба да си дадат оставки“, нагласи тој повторно. Колку малтешкото правосудство е ослободено од политички влијнание, ќе се покаже во понатамошната истрага.

Оттогаш повеќепати владата во Малта е критикувана од ЕУ поради невладеење на правото. Постои култура на неказнување на политички и бизнис елити, вели парламентарецот од Зелените. „Расчистувањето на убиството на Дафне Каруана Галиција е лакмус-тест за владеењето на правото во Малта. Крајно време е нарачателите да одговараат за своите дела."

Дали премиерот Јосеф Мускат политички ќе ја преживее аферата останува отворено. Веќе подолго време се вели дека има блиски односи со владеачкото семејство од Азербејџан. Но, се чини малку веројатно дека очекуваниот процес за убиството ќе расветли многу поединости. На островот со половина милион жители речиси сите се запознаени со бизнисот на својот сосед или партиски пријател. И ако се докаже дека целиот договор на Делимара е настанат со коруптивни зделки, тогаш најверојатно ќе паѓаат уште глави.