1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малта: битка против корупцијата, измамниците и имбецилите

Бенџамин Најт
19 октомври 2017

Убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција го врати вниманието на проблемот со корупцијата и перењето пари на Малта. Остров кој критичарите- вклучително и синот на новинарката- го опишуваат како „мафијашка држава“.

https://p.dw.com/p/2m99o
Malta investigative Journalistin Daphne Caruana Galizia in Bidnija tötete
Фотографија: Reuters/D. Zammit

По убиството на Галиција, пратениците во ЕУ парламентот ја повикаа Европската Комисија да стори повеќе за спречување на перењето пари и корупцијата на Малта, откако предолго го вртеше погледот на друга страна. Каруана Галиција беше првата која ги објави имињата од Малта вмешани во „Панама пејперс“- документи кои открија масовно даночно затајување и перење пари во светот.
Таа пишуваше за офшор компаниите кои во Панама ги поседуваат членови на владата на премиерот Џозеф Мускат- вклучително и неговата сопруга. Многу од обвинувањата во нејзиниот блог, чиј последен текст беше објавен само еден час пред да биде убиена, беа повторени од нејзиниот син во пост на Фејсбук.
„Ништо не значи тоа што премиерот на оваа држава вели дека нема да се смири додека извршителите не бидат пронајдени“, напиша тој. „Најпрво ја пополни својата влада со измамници, потоа ја преполни полицијата со измамници и имбецили, на крајот го наполни судот со измамници и неспособни. Доколку институциите функционираа, немаше да има убиство за истражување- а моите браќа и јас се уште ќе имавме мајка“.

Malta Trauer nach Mord an Daphne Caruana Galizia, Journalistin
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Rossignaud

ЕУ пратениците критикуваат

Германскиот пратеник во Европскиот парламент од редот на Зелените, Свен Гиголд, кој се сретна со Галиција во рамките на истрагата за „Панама пејперс“, напиша сопствен блог по нејзината смрт, обвинувајќи ја Европската Комисија дека сторила премалку за да и стави крај на „културата на неказнивост“ на Малта.
„Имавме пленарна дебата за Малта во јуни, а по дебатата, и испративме прашања на ЕК барајќи прецизни информации за можни прекршувања на договорите во Малта, а Комисијата до денес нема одговорено“, вели тој за ДВ. „Верувам дека Малта ги прекршува законите за перење пари на ЕУ, а Европската Комисија немо набљудува. Тие не ги спроведуваат законите против перење пари во многу области“.
Малта, како и многу други мали ЕУ членки и посебни ентитети во рамки на државите, како што се островите Џерзи и Гирнсеј на Велика Британија- формираат финансиски области кои го олеснуваат даночното затајување и дозволуваат корупција. Други членови на ЕП се шокирани од состојбата на Малта, вели Моли Скот Кејто, пратеник на британските Зелени.
„Ова доаѓа од слободниот проток на капитал кој се случува од 1980-те“, вели Кејто. „Тоа им овозможи на глобалните плутократи да ги распоредат парите наоколу за да избегнат плаќање данок. Проблемот е што, кога ќе почнеш со тоа, следува корупцијата- па оттука знаеме дека имаме валкани пари, пари со кои се финансира и тероризмот“.

„Малта не е мафијашка држава!“
„Нивото на корупција во Малта не ме изненадува“, додава таа. „Но очигледно е шокантно што некој е убиен на ваков начин. Нашиот апсолутен приоритет е да се изврши целосна истрага, и таа мора да биде независна, затоа што, за жал, повеќе не постои доверба во малтешките власти да ја извршат таа истрага“.
Тоа барање доби поддршка и од Херман Греч, новинар на весникот „Тајмс оф Малта“, кој признава дека истрагата била бавна. 
Но, Греч исто така ја брани репутацијата на Малта. „Доколку ме прашате дали полицијата е во лоша состојба, мојот одговор е да: не мислам дека полицијата е компетентна и екипирана доволно за да се справи со одредени проблеми во државата. Но дали е ова мафијашка држава? Не, не е. Сметам дека е претерано така да се нарекува“.
Што не значи дека во земјата не постојат системски проблеми, додава Греч.
„Проблем е што поранешните политичари се именуваат за судии. Пополнуваме важни места со партизирани функционери. Затоа не ја отфрлам корупцијата“.
Греч вели дека стапката на криминал во Малта е релативно ниска, но проблем е криминалот на бандите.
„Статистички, Малта е една од најбезбедните земји во Европа, но имавме 5-6 напади со автомобили бомби во последните две години- и ниту еден од нив не беше расчистен“, вели новинарот.