Македонците меѓу најуспешните во учењето на германски јазик
2 септември 2019На курсевите по германски јазик во клупите седат најразлични луѓе - некои се неписмени, други имаат универзитетска диплома. Новите статистички податоци од Министерството за внатрешни работи во Берлин покажуваат каде лежат разликите. Информацијата ја побара пратеникот на деснопопулистичката АфД во Бундестагот, Рене Шпрингер, а ја објавува агенцијата ДПА.
Според одговорот на германското МВР, Македонците се меѓу доселениците кои бележат особено добар успех во учењето јазик. Имено, тие се меѓу доселениците од кои над 70% го познаваат германскиот јазик најмалку на ниво Б1. Притоа, најдобри се Украинците, од кои дури 78,1% имаат диплома за познавање на германски јазик на ниво Б1 (ниво кое е доказ дека доселеникот може да се разбира на германски во секојдневниот живот, односно може да води разговор и во секојдневни ситуации да каже што му е потребно). Потоа следуваат Босанците (73,4%), Индијците (73,2%), Романците (72,4%), Полјаците (70,9%) и Македонците и Бразилците (70,4%).
Најголеми тешкотии со јазикот имаат Сомалијците и Еритрејците. Само секој четврти посетител на курс по германски јазик од овие две сиромашни источноафрикански земји го достигнал нивото Б1 на познавање на јазикот. од Ирачаните 29% го достигнале нивото Б1, додека кај Авганистанците тоа е случај кај секој трет посетител на курс по јазик. Од Сиријците речиси секој трет стигнал до нивото Б1.
Податоците се однесуваат на првиот квартал од 2019 година. Од Министерството за внатрешни работи оценуваат дека бројот на посетителите на курсеви по германски јазик кои не стигнуваат до нивото Б1 се зголемил во претходните години. Тоа се должи пред сѐ на фактот што е зголемен бројот на луѓе кои никогаш не научиле да читаат и пишуваат, или нивните познавања се многу мали. Во оваа група учењето на германски на ниво А2 е „реална цел“, пишува министерството во одговорот до пратеникот Шпрингер.
Повеќе:
Германија: Да се исклучат децата кои не знаат германски од училиште?
Германија: Прво научен јазик, па спојување на семејство
Важен е германскиот, но и мојот мајчин јазик исто така!
Според германското МВР, од 2013 година досега за интеграциски курсеви се потрошени околу 3,39 милијарди евра. Најголем дел од тоа отпаѓа на јазичен курс, додека во ориентационите курсеви учесниците учат за Германија, нејзината култура и за правата и обврските во државата.
„Со оглед на огромните издатоци за интеграциски курсеви, сметам дека стапката на неуспешните која постојано се зголемува е исклучително проблематична“, оценува пратеникот Шпрингер, кој смета дека германската влада „има обврска да ги истражи причините за тоа што е можно побрзо, пред да се зацврсти впечаток дека голем дел од учесниците на курсевите немаат волја за интеграција“.
Министерството во својот одговор веќе наведува можни причини за ваквата ситуација. Така, во 2014 година речиси половината посетители на курсеви по германски јазик доаѓале од државите на ЕУ, што значи во татковините посетувале училиште, можеле добро да читаат и имале искуство со учење странски јазици. Тоа се промени во 2015 година, кога во Германија дојдоа голем број бегалци. „Во 2016 година околу две третини од новите учесници беа од пет земји - Сирија, Иран, Ирак, Сомалија и Еритреја“, пишува министерството. „Тој удел е повторно намален на под 30%, додека уделот на ЕУ-граѓани, кој во 2016 година падна на околу 18%, во меѓувреме (во првиот квартал на 2019.) е повторно околу 27%.“