1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Важен е германскиот, но и мајчиниот јазик исто така

Крсто Лазаревиќ
21 февруари 2019

Полски наместо француски? Турски наместо шпански? Зошто да не? За Меѓународниот ден на мајчиниот јазик колумнистот Крсто Лазаревиќ бара јазичната разноликост во Германија конечно да биде признаена и користена.

https://p.dw.com/p/3DmKB
Symbolbild | Schule Unterricht Schulklasse Schüler
Фотографија: imago/photothek/F. Gaertner

Двајца мои пријатели за време на студиите научија арапски. Денес благодарение на нивните јазични познавања работат на водечки позиции во компанија со обрт од повеќе милијарди која е присутна во 120 земји. Познавањата на арапски јазик ги прават успешни и барани консултанти. Ако Германци зборуваат арапски, тоа им е многу од корист да најдат добри работни места во меѓународни компании. Но, кога тинејџери зборуваат арапски во Берлин-Нојкелн тоа баш и не им е од корист да најдат добра работа. Тогаш не се експерти, туку деца со доселеничка позадина, чиј што мајчин јазик се доживува како проблем.

Во ноември минатата година весникот Билд извади насловна во која се повикуваше на директорка од училиште од Нојкелн: „Само едно од 103 деца дома зборува германски дома". Во текстот се цитира предупредување од директорката: "Ние сме арапизирани." Стануваше збор за првоодделенци од едно основно училиште.
Човек можел да напише и: „Предноста на Нојкелн: речиси сите деца зборуваат и друг јазик покрај германскиот." Но, таков наслов немаше да одговара на ставовите на многумина читатели. Веројатно не би било перцепирано како проблем ако децата дома зборуваат на пр.шведски, јапонски или шпански. Проблем е кога зборуваат арапски, турски или босански.

Колку јазици собира во еден мозок?

Јазикот на родителите не е крив што многу од овие деца немаат добри изгледи за иднината. Проблемот е во околностите во Германија, во кои социјалната положба се пренесува од родителите на децата. За многу деца од социјално загрозени семејства познавањето на друг јазик често пати е единствената предност и привилегија која ја имаат. За деца е добро ако растат двојазично. Тоа ја поттикнува способноста за учење и го олеснува изучувањето на други јазици во иднина. Тоа го покажуваат безбројни студии. Дебатата сепак се води на начин како мозокот да е сад во кој има место само за еден јазик и тој во Германија секако треба да биде германскиот. Предлогот на Советот за интерграција на Северна Рајна Вестфалија, празните часови да се пополнуваат со настава на мајчин јазик, предизвика расистички и коментари полни со омраза на социјалните медиуми. Како два часа на турски јазик за деца со турско потекло да се најава за пропаста на Европа.

Krsto Lazarevic (n-ost/eurotopics, Social Media Editor, Serbia) | 11 | Session | Get out of the bubble: The online European press review euro|topics
Крсто Лазаревиќ, автор на коментаротФотографија: DW/P. Böll

Еден „убав“ јазик и многу "валкани“

Притоа целно барање за настава на мајчин јазик може да им помогне на многу деца со миграциско потекло да научат уште еден јазик повеќе што може да им ги подобри шансите за иднината. Тука се пропушта голем потенцијал. Многу деца кои растат двојазично можат многу подобро да се разберат со своите родители на нивниот јазик, но често не може да го совладаат бидејќи им недостига соодветна настава. Мене лично ми помогна наставата на мајчиниот јазик. Овој текст го пишувам на германски јазик, но можам да го напишам и на јазикот на моите родители. Ќе може да се разбере, но стилски нема да биде совршен.

Откако во 1992 година дојдовме во Германија од Босна и Херцеговина, во градинките и училиштата имаше многу деца од поранешна Југославија. Германскиот беше јазик на богатите, добрите и убавите. Јазикот на нашите родители беше поврзан со валкано, крв и заостанатост. Така не научиле уште од мали во германското мнозинско општество. Речиси сите имавме миграциско потекло, а никој од нашите наставници немаше. Мене никој не ме подучи дека јазикот на моите родители може да има некаква вредност за мене или мојата иднина. Без разлика дали економски или лично за мене.

Германија и разновидноста на јазиците

Како мал не го знаев јазикот на моите родители и како тинејџер едвај можев да се разберам со моите роднини. Потоа вложив поголем напор за да го научам убаво. Денес со тоа заработувам за живот, токму поради тоа што го владеам овој јазик. Секако никогаш нема да го зборувам без акцент.

По излезот на Велика Британија, Полска ќе биде петтата земја по големина во ЕУ, а таа и важен трговски партнер на Германија. И покрај тоа за многу Германци идејата да се учи полски јазик е чудна. Но, зошто е тоа така? Дали може во Франкфурт (на Одра) на границата со Полска повеќе да ти користи француски јазик отколку полски? На Германија ќе и биде од корист ако се поттикне учење и на други јазици покрај англиски, француски или шпански.