1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија - разурнати куќи, разнишана држава“

„Ди пресе“/З. Јордановски17 мај 2015

„Една недела по престрелките во Куманово се заострува борбата за власт во Македонија. Опозицијата сака да изнуди оставка од спорниот премиер Никола Груевски, пишува весникот „Ди пресе“ од Виена.

https://p.dw.com/p/1FR1X
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

„Изгорени остатоци од автомобили во улиците затрупани со парчиња бетон, дупки што зјаат од јагленосаните фасади. Љубопитни намерници и сниматели од локалните телевизиски тимови се тетерават немо преку урнатините на напуштеното боиште. Поранешните жители се стуткале немо на цигли или пластични столици пред нивниот уништен имот како нажалените крај одар на покојник“ - ваква слика пренесува весникот “Ди пресе“ од Виена од кумановската населба во која пред една недела се одвиваа борбите меѓу групата напаѓачи, претежно од Косово, и македонските полициски сили. „И по речиси една недела од крвавите борби многумина не можат да сфатат како и зошто одненадеж ги снајде војна. (...) Како може полицијата без предупредување ’и сред ноќ‘ да пука врз една цела населба, се возбудува еден жител и жестоко гестикулира: ’Зошто цивилите не беа претходно предупредени или со мегафон не беа повикани да се предадат оние, кои беа барани? Овде спиеја стари, жени и деца. А полицијата веднаш запука врз населбаа, дури и со тенкови. Секогаш сме ние Албанците засегнати, секогаш сме ние виновни за се’. Но, не се наоѓаме во Азија, овде е Европа! (...) Во населбата никогаш немало проблеми меѓу Македонците и Албанците, не‘ уверува пред разурнатата куќа на неговите родители Муамет Фејзули, кој зборува за од владата ’инсцениран терор против Албанците‘: ’За да си ги спасат фотелјите тие подготвија овде масакр против сопствениот народ‘.“

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Фотографија: picture-alliance/epa/V. Xhemaj

Во написот на „Ди пресе“ потоа опширно се известува за политичката ситуација во земјата, за обвиненијата од опозицијата и содржините на снимките од прислушувањето со пикантната епизода со „мерцедесот“ од 600 000 евра за премиерот Груевски и воодушевувањето на тогаш уште министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска дека „тоа е најдобриот мерцедес во цела Јужна Европа“. Притоа се констатира: „Изборни манипулации, едноумие на медиумите, изолирање на политичките противници, инсценирани апсења или заташкувања на смртни случаи - се’ едно: таканаречените бомби на опозицијата ја откриваат длабочината на злоупотребата на власта од страна на владата. (...) Уште колку долго ќе може да се одржи начнатиот премиер? Притисокот врз Груевски расте: дури и во меѓународната арена се множат гласовите кои бараат оставка“, пишува „Ди пресе“ и ја најавува денешната голема демострација на опозицијата против владата во Скопје.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема