1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на крстопат што ќе и ја одреди судбината

18 октомври 2018

Кои се „светлите” и „црните” сценарија за Македонија и за Балканот? Четворица професори и аналитичари од регионот ги анализираат придобивките, и ризиците од (не)успехот во спроведувањето на Преспанскиот договор

https://p.dw.com/p/36kbb
Referendum Mazedonien
Фотографија: DW/B. Georgievski

Економски развој, поголема регионална стабилност, избегнување на локални конфликти, но и намалување на ризикот Балканот да биде „жешка” фронтална линија на судирот на Западот со Русија – тоа се главните придобивки од решавањето на долгогодишниот грчко-македонски спор, сметаат четворица балкански аналитичари во своите анализи на Договорот од Преспа.

Документите за јавни политики се подготвени од професорот Димитар Бечев аналитичарот Игор Бандовиќ, како и од професорите Ненад Марковиќ и Иван Дамјановски. Авторите го анализираат Преспанскиот договор во контекст на актуелните геополитички состојби и на Балканот и глобално, навлегувајќи во констелацијата на внатреполитичките  односи во Македонија и посочувајќи ги можните сценарија доколку Атина и Скопје успеат или не успеат да го реализираат договореното.

Анализите се пишувани пред референдумското изјаснување во Македонија.

Европска перспектива

Во минатото, проширувањето беше заштитната политика на ЕУ, но, смета бугарскиот професор Бечев, тоа веќе не е случај.

„Се чини дека, меѓу другите, и францускиот претседател Емануел Макрон верува дека проширувањето е спротивно на продлабочувањето. Демократското назадување во Унгарија и во Полска едвај може да се смета за успокојувачки преседан, а да не зборуваме за хроничниот дефицит на владеење на правото во Романија и Бугарија”, вели тој во својата анализа „Договорот за македонското име и по него: геополитичка перспектива”.

Dimitar Bechev
Професорот Димитар Бечев, еден од авторите на анализатаФотографија: Harvard

За него, условната понуда за отворање на пристапните преговори, дадена во јуни 2018 година, претставува „половична одлука, што е типично за ЕУ”.

Затоа, Бечев смета дека успехот од Преспа ќе е успех и за Брисел, во смисла на вбризгување свеж воздух во овој витален процес за зачувување на мирот и стабилноста на европскиот континент.

Слично размислува и српскиот експерт по меѓународни односи, Бандовиќ, според кого Договорот е еден од најважните резултати на регионалната соработка меѓу државите од Западен Балкан, која се интензивираше и доби на значење по лансирањето на Берлинскиот процес од германската влада во 2014 година.

„Едно од значајните постигнувања беше потпишувањето на Декларацијата за решавање на билатералните спорови од министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан во Виена во 2015 година, со која тие ‘се посветени на решавање на сите отворени билатерални прашања во духот на добрососедските односи и заедничките заложби за интеграција во ЕУ'. Политичкиот притисок од ЕУ за решавање на овие прашања создаде поволна движечка сила во регионот”, пишува Бандовиќ.

Тој укажува на фактот дека прв голем успех на овој процес би било решавањето на еден од двата најголеми билатерални спорови, помеѓу Македонија и Грција, како импулс за значајно поместување и во вториот - помеѓу Србија и Косово.

Марковиќ и Дамјановски, во таа смисла, го врзуваат решавањето на овој спор директно со потребата на Унијата и на НАТО да го зачува мирот на своите граници, но и да спречи натамошно раслојување на државите, потсетувајќи дека Договорот го поздравија голем број држави-членки на ЕУ и НАТО, а во наративот на поддржувачите на преспанскиот документ често се потенцира улогата на Грција како „чувар на портите“ во обете организации.

НАТО како гаранција за мирот

Марковиќ и Дамјановски особено се осврнуваат на ефектите од евентуалното (не)зачленување во НАТО, како поблизу остварлива цел. Од една страна, позитивниот исход може да доведе до долгорочна стабилност, а од друга, негативниот епилог, може одново да го „раздрма” Балканот.

Reportage Mazedonisches Referendum
Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас при потпишувањето на Договорот од ПреспаФотографија: DW/D. Tosidis

„Веднаш штом западните партнери на Македонија направија исчекор за изнаоѓање политичко решение на кризата во земјата, тие ја повратија својата претходна популарност. Дополнително, постојаното присуство на Турција и нејзината популарност меѓу муслиманското население во земјата, проследено со видливи финансиски поттици, треба да се земат предвид како варијабла во однос на политичката стабилност и безбедност на земјата, со оглед на растечкиот јаз меѓу режимот на Ердоган и интересите на НАТО”, анализираат двајцата професори од „Јустинијан први” од Скопје.

Тие немаат дилема дека при евентуален негативен исход од процесот, значењето на НАТО и на ЕУ може повторно да се намали поради широко распространетото разочарување и пропуштената шанса. Особено, имајќи го предвид фактот дека тоа би било втор настан од ист вид во период од само 10 години (по Букурешкото вето), па „слободно може де се претпостави дека овој пат намалувањето на довербата во пристапувањето во НАТО ќе се случи многу побрзо од претходно, оставајќи мал простор за управување со штетите”.

Во таа смисла, интересен е и ставот на Бечев, кој успехот на преспанскиот процес го става во уште поширок контекст.

Тој смета дека иако американскиот претседател Доналд Трамп можеби им создавал проблеми на своите европските сојузници изминатив период, сепак „НАТО останал во прилично добра состојба”.

Укажува на тоа дека по анексијата на Крим кон Русија во март 2014 година, вели тој, Алијансата повторно си ја откри својата суштинска мисија, а тоа е да ги одбрани своите членки од надворешни закани, онака како што е зацртано во членот V од Северноатлантскиот договор. И проширувањето се одвива со стабилна динамика. Црна Гора се приклучи во јуни 2017 година, а Македонија доби покана на Самитот во Брисел (јули 2018 година). Но, сето тоа е проследено со едно големо „НО”, а поврзано со крајниот резултат во решавањето на спорот.

„За Македонија, членството значи безбедност. Сите големи заедници во земјата имаат придобивки од овој процес. Македонците ќе добијат гаранции за иднината на државата, додека Албанците - меѓу кои поддршката за НАТО и САД е традиционално висока - ќе имаат проширени врски со Западот како инструмент за цементирање на политичките придобивки што тие ги добија во последните две децении. Влезот на Македонија во Атлантскиот сојуз задолжително нема да ја премости етничката поделба, но може да ги одврати политичките претприемачи од искористување на ваквата поделба и така да создаде повисок степен на единство”, анализира Бечев.

Кои се руските интереси во приказната

Во трите анализи провејува ставот дека балканската равенка не може да се постави правилно, без да се вкалкулира интересот на Москва. Се анализираат директните влијанија на Руската Федерација во Македонија, но и посредните, преку проруските власти во соседна Србија.

Vucic bei Putin 08.07.2014
Вучиќ го фалеше Груевски и неговата влада за нивниот отпор кон надворешните влијанија, вели БандовиќФотографија: picture-alliance/dpa

Бандовиќ посебно се осврнува на односите на Македонија со Србија, кои по промената на власта во Скопје станаа поприлично тензични.

„Претходната власт во Македонија уживаше силна поддршка од тогашниот српски премиер Александар Вучиќ. Кога скандалот со прислушуваните разговори прерасна во сериозна политичка криза, со секојдневни протести, провладините таблоиди во Србија почнаа организирана кампања против промена на власта во Скопје. Обвинувањата дека новата влада ќе дозволи создавање на ‘Голема Албанија' станаа секојдневна појава во медиумите што го поддржуваат Вучиќ. Србија беше сериозно вклучена во политичката криза, при што Вучиќ го фалеше Груевски и неговата влада за нивниот отпор кон надворешните влијанија, странските платеници и агенти”, пишува Бандовиќ.

Toј потсетува и на случувањата од крвавиот 27 април 2017 година и скандалот со Горан Живаљевиќ, српски разузнавач од српската амбасада во Скопје, кој беше во толпата која насилно влезе во зградата на Парламентот.

Укажува и на истражувањето на порталите КРИК и МИОКК, кои објавија транскрипт од разговорите меѓу Живаљевиќ, проруски македонски политичар и лидер на партијата на српското малцинство, и жесток српски новинар кој го поддржува Кремљ и парламентарец од редовите на партијата на Вучиќ, а кои упатуваат на обид за мешање во немирите во Македонија.

Според Бечев, главниот интерес на Русија во поранешната Југославија, генерално, и во Македонија, поконкретно, се однесува на балансирање со Западот.

„Москва нема позитивна агенда, но ја користи секоја можност за да ги попречи плановите на нејзините противници. Кремљ не е склон да ги троши и онака недоволните финансиски ресурси во регионот, а уште помалку да испрати трупи за да има свој удел во безбедносните работи на Балканот. Оттука, избраната стратегија подразбира мешање во домашните конфликти преку дипломатски канали или преку директна вклученост во внатрешната политика. Крајната цел е да се спречи консолидација на западниот поредок преку замрзнување на статусот кво во регионот”.

Зошто тоа и одговара на Москва? Бечев потенцира дека нерешените спорови во земјите на Балканот го одвлекуваат вниманието на креаторите на политиките на двете страни од Атлантскиот Океан подалеку од „блиската далечина“ на Русија во постсоветскиот простор.

Ризици за Македонија и за Балканот

Ризиците и за Македонија и за целиот регион се големи, а сценаријата опасни. Ова недвојбено го сметаат сите четворица аналитичари.

Поради притисокот од јавноста и неможноста да ги обезбеди потребните две третини од гласовите во парламентот за усвојување на уставните промени за спроведување на Договорот од Преспа, Заев ќе побара нови избори, предвидува Бандовиќ.

„Неговата партија, СДСМ, ќе победи на изборите, но ќе изгуби драгоцено време во процесот. Во меѓувреме, грчкиот премиер и неговата партија Сириза, под притисок од нивниот изборен распоред, нема да успеат да го ратификуваат Договорот во грчкиот парламент. Ова сценарио претставува огромен удар за евроатланската иднина на Македонија.”

Mazedonien Nenad Markovic Politikwissenschaftler
Професорот Ненад Марковиќ е еден од авторите на анализатаФотографија: Privat

На иста линија се и размислувањата на Марковиќ и Дамјановски, кои укажуваат и на опасноста од конфликти и меѓуетнички тензии:

„Неуспешен референдум, во комбинација со можниот напредок на идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово, може да доведе до јасна и присутна опасност од меѓуетничка ‘игра со нулта сума', каде порадикалните политичари од албанскиот блок може да бараат ‘компензација' за блокираниот пат кон НАТО и ЕУ. Тоа може директно да ја загрози политичката стабилност на земјата и да ги стави во опасност меѓуетничките односи, отворајќи можности за интензивна политичка акција, не само кај чинителите кои се против интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, но и да ја вовлече Македонија во регионални конфликти во кои таа не сака да учествува.”

Според Бечев, сценариото со најлош случај подразбира „ефективно враќање на статусот кво од периодот пред 2017 година.

„Во Атина и Скопје на власт може да дојдат нови влади предводени од Нова Демократија и ВМРО-ДПМНЕ. За работите да станат полоши, новиот кабинет во Грција може да попушти пред популистичкиот притисок и да се врати на максималистичките позиции од 90-те години, инсистирајќи дека прифатливо е само име кое во себе не го содржи зборот ‘Македонија'. Нема да има простор за компромис. Сепак, руското додворување на Македонија со сигурност ќе предизвика меѓуетнички тензии во земјата, но и вон нејзините граници.”

Тој во анализата дава и неколку препораки, како да се избегнат црните сценарија:

Западот треба да работи и со ВМРО-ДПМНЕ, следејќи го примерот на канцеларката Ангела Меркел; Билатералниот спор меѓу Скопје и Атина да биде преточен во мултилатерално прашање во рамки на ЕУ; НАТО и ЕУ да инвестираат во регионални шеми за борба против активни мерки, кибер војна, лажни вести и дезинформации кои потекнуваат од Русија; Европската комисија и државите-членки на ЕУ да ги поддржат независните истражувачки новинари, академиците и тинк-тенк организациите кои истражуваат прашања поврзани со странското мешање во Македонија и Грција, но и во регионот.

Текстот е сублимат на анализите на Димитар Бечев, професор по европски студии и меѓународни односи на Универзитетот во Софија, Игор Бандовиќ од белградскиот тинк-тенк „Регионална академија за демократија” и на професорите од Правниот факултет во Скопје Ненад Марковиќ и Иван Дамјановски.

Нивните анализи се напишани како  дел од заедничкиот проект за Поддршка на Македонија за интеграција во Европската Унија и НАТО на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Европската иницијатива за отворено општество и Институтот за Европски политики на отвореното општество.