1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живаљевиќ гледал од блиску или отишол предалеку?

26 мај 2017

Српската амбасадорка денеска во МНР треба да даде објаснување за упадот на нивниот советник во македонскиот парламент на 27-ми април. Српските власти го бранат разузнавачот, а аналитичари велат оти тој „отишол предалеку“

https://p.dw.com/p/2daUk
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Српската амбасадорка во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ, на барање на македонското Министерство за надворешни работи денеска треба да даде објаснување за присуството на нивниот советник и претставник на Безбедносно-информативната агенција (БИА) Горан Живаљевиќ, во зградата на македонското Собрание за време на настаните од 27-ми април. Од МНР велат дека вчера до крајот на работното време не добиле потврда дали амбасадорката ќе дојде во посочениот термин, но „начално ја очекуваат денеска“.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, за српските медиуми вчера потврдил дека амбасадорката денеска ќе дојде во македонското МНР „бидејќи не е во согласност со дипломатскиот протокол да не одговори на повикот“. Тој рекол дека не знае што ќе ѝ биде предочено од македонска страна.

„На секоја земја ѝ се остава можноста да реагира на нешто, ако воопшто дојде до одреден протест“, изјавил Дачиќ, и потенцирал дека претходната вечер бил на состанок со македонскиот министер за надворешни работи, кој ништо не му спомнал, како што ни мандатарот Заев не спомнал ништо на средбата со премиерот Вучиќ.

Serbien Außenminister Ivica Dacic
Ивица Дачиќ наоѓа оправдувањаФотографија: picture alliance/AP Images/D. Vojinovic

Дачиќ: Нема причина за протест

По завчерашната неформална вечера во Брисел во друштво со пет западнобалкански премиери, Заев на новинарско прашање одговори дека со Вучиќ не разговарале на темата „Живаљевиќ“.

„Јас верувам дека институциите на двете земји, а тоа се нашата тајна служба и српската тајна служба, ќе изнајдат решение за ова прашање“, рече мандатарот.

Вучиќ изјави дека не слушнал оти Живаљевиќ сторил кривично дело или дека организирал некој насилно да влезе во Собранието. Направи споредба дека и македонски државјани учествувале на протести против него во Белград. Но, не кажа дали тие граѓани биле припадници на тајни служби, дали насилно упаднале во некоја српска институција или биле на улица, каде движењето никому не е забрането. Идентични ставови како Вучиќ вчера презентирал и Дачиќ: дека Живаљевиќ не извршил никакво дело, не се мешал во внатрешните работи на Македонија и дека нема никаква причина да се простестира поради тоа.

„Нашиот претставник не направил ништо што би можело да се протолкува како нарушување на дипломатскиот протокол. Негова работа е да информира што се случува во Република Македонија, бил заедно со претставници на други служби, како што и тие секој ден доаѓааат на сите тие настани во Скопје или на друго место“, изјавил Дачиќ за српските медиуми за време на вчерашната прослава на Денот на Африка во Белград.

Тој потенцирал дека задача на Живаљевиќ е да информира.

„Тоа е, пред сѐ, од аспект  на информациите кои ние постојано ги разменуваме со нивните служби, т.е. дали наши граѓани учествуваат или не во тие настани, и само тоа. Живаљевиќ е официјален претставник на БИА во Македонија. Тој не е таму илегално. И би сакал кон сите да се има ист однос. Тоа значи да повикаат на разговор и претставници на други безбедносни агенции и нивни амбасади - од западни, до источни“, изјавил шефот на српската дипломатија.

Радомир Диклиќ, новинар и поранешен српски амбасадор, за „Ал џезира“ изјави дека иако Живаљевиќ по статус формално е дипломат, тој реално не припаѓа на амбасадорскиот корпус, не е под ингеренции на амбасадорката, ниту на МНР, туку одговара на „централата“, односно на безбедносната служба што го испратила на служба во Македонија. 

„Сите дипломати набљудуваат што се случува во земјите домаќини. Но се чини дека тој отишол предалеку. Чудно е што влегол во парламентот да посматра дали има Срби, навивачи или екстремисти. Дали добил таква наредба или сам отишол предалеку во својата ревносност?“, реторички прашува Диклиќ, и вели дека има разлика меѓу дипломатско набљудување на протести на улица и влегување заедно со демонстранти во државна институција.

Serbien Prsäidentenwahl Aleksandar Vucic in Belgrade
Алаксандар Вучиќ во предизборната кампања се закануваше со „македонско сценарио“Фотографија: Reuters/A. Bronic

Србија не се однесува „најсоседски“

Како што објави ТВ „Телма“, Живаљевиќ на 27-ми април влегол во парламентот по 20 часот и се фотографирал во пленарната сала, каде беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и дел од демонстрантите.

„Веројатно затоа се фотографирал, за да може на шефовите да им документира дека задачата успешно ја извршил“, коментира Мијат Лакичевиќ во колумна под наслов „Македонско сценарио 3“, објавена на порталот „Пешчаник“. 

„Разузнавач на една земја, заедно со демонстранти упаѓа во парламент на соседна земја - тоа е навистина вистински доказ за 'политика на немешање' и искрен 'повик на мир и стабилност'. Неминовно, во овој час на човек му паѓаат на ум случаите со вплетканост на граѓани на Србија, на чело со еден бивш полицаец, во обид за државен удар во Црна Гора - притоа еден осомничен којшто го бара црногорската полиција слободно шета низ Србија, како и незаконити и тајни операции на српски полицајци во Сребреница, во БиХ (...) Изгледа дека Србија, некогаш онаа официјална и јавна, a некогаш онаа неофицијална и тајна, сепак не се однесува 'најсоседски' кон првите комшии. Односно, се однесува (често или понекогаш - сеедно) во согласност со народната 'на комшијата да му цркне кравата'. Имаат ли тајните служби на Србија 'координатор' и кој е тој човек?“, прашува Лакичевиќ.

Тој потсетува на сите „пријателски“ изјави кои во изминатиот период највисоките српски политичари ги упатиле до Заев, држејќи лекции за „добрососедство“.     

„Дури и Вучиќ да не им се закануваше на граѓаните на Србија со 'македонско сценарио' во секој говор од изборната кампања, фактот дека неговите главни медиуми 'Информер' и ТВ 'Пинк' силно ги поддржуваа оние во Скопје кои со сила се обидуваа да го спречат спроведувањето на народната волја за да ја задржат власта, би бил сосема доволен Заев и неговото друштво тоа да го доживеат како непријателски чин, не само кон нив, туку кон целата македонска држава. И уште нешто подеднакво важно: тоа беше во целосна спротивност со политиката што кон Македонија ја водеа ЕУ и САД. А во согласност со односот што кон македонската криза го негуваше Русија“, оценува Лакичевиќ.

Досега ниту една од македонските надлежни институции не се изјасни за случајот „Живаљевиќ“.