Македонија има европска перспектива, но ЕУ нема скоро да се проширува
23 април 2014Поранешниот претседател на Еврогрупата и екс-премиер на Луксембург, Жан-Клод Јункер, денеска на прес-конференција во Брисел ја промовираше кандидатурата за иден претседател на Европската комисија.
Одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Брисел, Јункер, кој е кандидат на Европските народни партии (ЕПП), ја потврди ЕУ-перспективата на Македонија, но дополни дека во догледен период, ниту една земја нема да стане нова членка на Европската унија.
„Како и многу мои колеги од Европскиот совет, Европската комисија и од Европскиот парламент, мислам дека нема да има ново проширување во следните пет години“, посочи Јункер.
„Тоа не значи дека европската перспектива на земји како вашата и останатите балкански земји ќе биде отфрлена. Не го велам тоа, туку само дека нема да има ново приклучување кон ЕУ во наредните пет години. Но, повторувам дека пристапувањето кон Унијата треба да продолжи“, додаде Јункер.