1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер: На ЕУ ѝ е потребна „пауза во проширувањето“

AT/ ртр/ард5 април 2014

Предводникот на изборната кампања на европските конзервативци за изборите за Европскиот парламент Жан Клод Јункер во Берлин оцени дека на Европската унија ѝ била потребна пауза во проширувањето со нови земји членки.

https://p.dw.com/p/1BcXF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германските христијански демократи, партијата ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, денеска (05.04.) во Берлин одржуваат партиски конгрес по повод изборите за Европскиот парламент, кои треба да се одржат на 25. мај.

На партискиот конгрес се обрати и првиот кандидат на европските конзервативци за европските избори, поранешниот премиер на Луксембург и екс-претседателот на еврогрупата Жан Клод Јункер. Во неговиот говор Јункер, меѓу другото, се осврна и на приемот на нови земји членки во Европската унијата и се заложи за „пауза во проширувањето“. На земјите од Балканот, како што рече тој, им е потребна перспектива за пристап, но ЕУ би морала побавно да презема чекори.

„На мислење сум дека сега ни е потребна пауза во проширувањето“, рече Јункер. Истовремено, тој ја опомена Турција дека кандидатите за пристап морале да ги исполнат условите за прием. За тоа би морало „не да се забранува Твитер, туку да се допуштат слободи и демократија. Тоа Турција не го прави во моментов“, предупреди Јункер.

Претходно и новоизбраниот генерален секретар на ЦДУ, Петер Таубер, зазема јасна позиција за пристапот на Турција во ЕУ. Последните недели, со тоа што владата во Анкара воведе цензура на интернетот, како што оцени Таубер, јасно покажалe дека во моментов Турција не припаѓа во Европската унија. Ваквите збопрови на Таубер беа проследени со силен аплауз од делегатите.

Инаку, на партискиот конгрес делегатите на Христијанско-демократската унија(ЦДУ) дебатираат и ќе треба да гласаат за нивната партиска програма за европските избори.