1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европска слепа точка“

З.Јордановски/зидојче цајтунг18 мај 2015

Германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ им посветува големо внимание на настаните во Македонија, за што зборува фактот дека денеска објавува дури три прилози.

https://p.dw.com/p/1FRR1
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Во прилогот со наслов „Цел Балкан во мало“ станува збор за протестот во Скопје и притоа се вели: „Тој што досега не сака да поднесе оставка е Никола Груевски, некогашен политички вундеркинд на Балканот. Како 29-годишен министер за финансии тој во 1999 почна да го импресионира Западот со пазарно-стопанските реформи. Со негов минат труд земјата во 2001, како прва во регионот, склучи со ЕУ Договор за асоцијација. Од 2006 е премиер. Трипати беше реизбран со големо мнозинство. Но, денеска 40 илјади луѓе стојат пред зградата на владата и бараат негова оставка. Груевски изгради мафијашки систем, велат неговите критичари од сојузот ’Граѓани за Македонија‘, кои го организираа големиот собир во Скопје, најголемиот што го доживеа земјата во 23-годишното постоење“.

Потоа се констатира дека „овде уште одамна многумина се незадоволни. Македонија е меѓу најсиромашните на Балканот. (...) Но, за незадоволството да прерасне во движење потребен беше Зоран Заев, водач на социјалдемократите и на опозицијата“. Откако се споменува скандалот со прислушувањето, се вели: „Груевски не оспорува дека на снимките се слуша неговиот глас. (...) Кога Заев ја почна својата кампања со ’бомбите‘, возбудувањето во почетокот не беше големо. Не беше новост дека државата прислушува“. Потоа се наведени неколку покарактеристични случаи од презентираните снимки, па авторот Надја Пантел се враќа на вчерашниот протест. „Кога двајца млади мажи одеа низ толпата со албанско знаме кренато кон небото, луѓето наоколу почнаа да аплаудираат. Тоа е знак дека денес сите се едно“.

Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: picture-alliance/dpa/RIA Novosti/D. Vinogradov

Во текстот е опфатен и меѓународниот аспект на македонската криза, обидите за посредување од западните дипломати и руските оцени дека Западот би можел во Македонија да иницира украинско сценарио, па се вели: „Причина за тоа што земјата со само два милиона жители добива толку многу внимание лежи во тоа, дека овде во мало се концентрирани големите конфликти на Балканот. Повеќе од 25 проценти од населението се Албанци. Имињата на улиците се означени кирилично, на албански и на англиски. Кога пред зајдисонце ќе се огласи молитвата на оџите, на планините околу Скопје светнуваат огромни крстови. Ако тој склоп го зафати немир, ќе бидат вовлечени соседните земји Албанија, Косово и Србија. Барањето албанското малцинство да се отцепи до земјите во кои се наоѓа и да се соедини вонекоја Голема Албанија, навистина кај елитите во Албанија и Косово веќе не е државен став, сепак многу бргу наидува на одзив“. По настаните во Куманово „многумина помислија на 2001, кога Македонија за малку ќе западнеше во граѓанска војна. Но, многу нешта зборуваат и против тоа, дека актуелниот конфликт е меѓуетнички судир. Тоа сега побргу изгледа како словенските и албанските Македонци да се здружени против владата. Коалиционен партнер на Груевски е ДУИ, која го застапува албанското малцинство. И таа е длабоко вплеткана во корупција“. Во овој контекст е цитиран и Џабир Дерала од НВО Цивил дека “многумина Албанци во меѓувреме повеќе се идентификуваат со социјалдемократите, отколку со ДУИ“.

Mazedonien Regierungskrise Rede Premiminister Gruevski im Parlament
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Во друг напис на „Зиддојче цајтунг“ - текстот на Флоријан Хасел, се поставува прашањето „како можеше земја, која од 2005 е кандидат за пристап кон ЕУ, речиси незабележано да се преобрази од демократски пример за углед во автократска псевдодемократија“. Авторот веднаш и одговара дека тоа не било незбележано, но останало во втор план пред „мноштво други кризи, кои изгледаат како поважни отколку ситуацијата во земја со одвај два милиона жители или поради фактот дека на Балканот странски медиуми одвај и да се застапени, или пак поради погрешната конструкција на мехамизмот за прием во ЕУ. Ако некоја земја еднаш, како Македонија, (...) биде прогласена за кандидат за пристап, често пати се врти погледот од слабостите или назадувањето, или пак ситуацијата се разубавува од страна на еврокомесарот за проширување. Така беше во случајот со Хрватска, така е денес со Македонија и Србија. (...) Во случајот со Македонија домашните и странските набљудувачи одамна алармираа и залудно бараа од ЕУ да заземе построг курс против Грувески. (...) Европската комисија навистина во нејзините извештаи не го остави неспоменато назадувањето на Македонија, но за Груевски изостанаа конкретни, чувствителни последици. За барањето на еврокомесарот Јоханес Хан за „независна, транспарентна истрага“ се вели дека “во денепна Македонијатоа е целосно нереално, оти целиот апарат на власта, вклучително правосудството, е контролиран од Груевски. (...) А Брисел одамна има други можности: на пример веднаш да ги замрзне сите пари за поддршка на македонија се’ до целосното расветлување на обвиненијата со независна меѓународна истрага, како за скандалот со прислушувањето, така и за крвопролевањето во Куманово. Крајно време е за откажување од воздржаноста“ на меѓународната заедница, која “барем јавно“ избегнува недвосмислено изразување оти тоа „би било мешање во внатрешната политика“.

Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: picture-alliance/dpa/RIA Novosti/D. Vinogradov

Конечно, „Зиддојче цајтунг“ донесува и мал профил на македонскиот премиер Никола Груевски „љубител на статуи на коњаници“. Во текстот се зборува за „поплава од бронзени коњаници“ во Скопје „благодарение на Никола Груевски“. Споменати се 500 милиони евра како цена на „големиот проект на Груевски - Скопје 2014“. Премиерот „се претставува како некој, кој се жртвува за својот народ“ и се прашува „дали кој било“ ќе му заблагодарел за „најдобрите години од животот“ кои ги поминал во зградата на владата. “Како што изгледа, оние кои му се благодарни на Груевски сега ги има се’ помалку. При стапувањето на функцијата во 2006 славен како човек за нов почеток, во меѓувреме за неговото име се врзуваат корупција, економско пропаѓање и расипништво“.