1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Над 26.000 граѓани се пријавиле за вакцинација

ДТЗ /ДВ
11 февруари 2021

Ситуацијата од играчка премина во плачка, кога се појавија две платформи - vakcinacija.mk и vaksajns.mk. Креаторот на втората страница заврши во полиција

https://p.dw.com/p/3pEdA
USA Coronavirus Impfstoff-Test
Фотографија: H. Pennink/AP Photo/picture-alliance

Над 26 илјади граѓани од синоќа до денеска се регистрирале на официјалната веб-страница www.vakcinacija.mk за вакцинирање против Ковид-19. Интересот на граѓаните не спласнува веќе втор ден по ред, па сајтот штом ќе се вклучите ве упатува повторно во „виртуелната чекална“ поради преоптовареност. Оние поупорните успеваат да ја завршат регистрацијата до крај. Останатите чекаат да спласне фамата, па потоа да си резервираат место во редот за вакцинација. Има и втора опција, целата процедура да се спроведе преку матичните лекари. Но, засега нема потреба од брзање, бидејќи земјата се уште ги нема обезбедено првите дози за вакцинација на здравствените работници и ризичните групи. За денеска најавеното пристигнување на вакцините на Фајзер- подарок од Србија, беше одложено поради проблеми со техничката документација. Последните најави се дека проблемот е надминат и дека вакцините во најскоро време ќе пристигнат во земјата. 

Од играчка - плачка

Шегите на социјалните мрежи не престануваат по вчерашното крахирање на веб-страницата на која стотици граѓани поитаа да си резервираат место за вакцинирање. Но, работата многу брзо излезе од контрола, па од играчка премина во плачка, кога се појавија две платформи за пријавување за вакцинација vakcinacija.mk и vaksajns.mk - првата на Министерството за здравство, а втората како мајтап и пародија на целата ситуација околу вакцинацијата во земјата. Со кликнувањето на втората страница, таа автоматски воведеше кон оригиналниот сајт за регистрација на Министерството за здравство. Иако не станува збор за хакерски напад, надлежните сметаат дека лажната веб-страница ги довела во заблуда граѓаните кои сакаат да пополнат апликација со што ќе искажат интерес за вакцинација против Ковид - 19. 

-повеќе на темата: Вакцинација во С. Македонија: „Чекајќи го кодот“

Поради тоа, тие го пријавиле „конкурентот“ во полиција, која, пак, експересно реагираше. Креаторот на страницата, Адил Бакиу на Фејсбук информираше дека единицата за компјутерски криминал брзо му влегла во трага „за разлика од предметот за девојчињата од Струмица, чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде без можност да се најдат сторителите веќе две години“. 
„Околу половина час ме задржаа, иако ми изгледа многу опасно кога вакви сатирични случаи се спроведуваат од органите на власта многу побрзо од оние што се навистина сериозни“, вели Бакиу во изјава за медиумите по напуштањето на полициската станица. 

Процедури

Според Националниот план за вакцинација, процедурата налага апликации кои ќе пристигнат да бидат внесени во дата база во која увид ќе имаат матичните лекари кои потоа треба да ги повикаат и информираат своите пациенти за тоа кога и каде ќе се вакцинираат. Во првата фаза ќе се вакцинираат здравствените работници во јавното и приватното здравство кои работат со Ковид-пациенти и сите граѓани над 70 години. Станува збор за бројка од околу 14.200 здравствени работници и над 170 илјади лица кои имаат над 70 години.

-повеќе на темата: Западниот Балкан и вакцините против Ковид: Меѓу неспособноста и геополитиката

Венко Филипче во изјава за „Политико“, потенцираше дека набавката на вакцините не смее да биде политичко прашање, односно приоритетот треба да биде кон зачувување на јавното здравје. „Сите земји од ЕУ во моментов се соочуваат со недостиг и предизвик во набавката на вакцини. Механизмот на европската солидарност доцни, но тој ќе се реализира“, вели Филипче.

Ништо без техничка документација

Иако беше најавено за денеска попладне, пристигнувањето на вакцините што земјава ги купува од Србија е одложено за некој од наредните денови. Од Владата пред полноќ соопштија дека поради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините нивната испорака се одложува за следните денови.

-повеќе на темата: Проверка на фактите: Дали вакцините против Ковид-19 предизвикуваат смрт?

Слично образложение дојде и од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на „Табановце“ требаше да се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев за време на примопредавањето на вакцините против коронавирус. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го нарече брука одложувањето на испораката на вакцините кои државата треба да ги купи од Србија. Тој тврди дека не им недостасуваат документи, како што соопштија од Владата, туку памет и стратегија.
Имунизацијата на населението се очекува да започне идната недела, откако српските власти ќе ги испорачаат вакцините од производителот „Фајзер“. Премиерот Зоран Заев вчера најави и дека пратката од „Синофарм“ треба да се очекува на 15 или 16 февруари.
„Од понеделник, односно во втората половина на месецов, треба да ги добиеме и првите дози од „Фајзер“ од директно склучениот договор со овој производител. Отворени ни се механизмите на набавка на Фајзер, АстраЗенека и Модерна преку Ковакс-системот. Преку ЕУ секој ден очекуваме ново решение“, рече Заев.
 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема